Го следиме Христа затоа што Му припаѓаме Нему. Он е нашиот Господ и Бог, нашиот Творец и Искупител. Он нѐ создал и нѐ спасил. Одбираме да Го следиме затоа што сме Негово стадо; Он е нашиот Пастир. Го познаваме Неговиот глас и Го следиме кога ќе нѐ повика. Знаеме кои сме и чии сме, затоа Го следиме. Го следиме Христа затоа што само Он може да ни помогне да го постигнеме својот потенцијал. Човекот не е создаден да живее како животно. Создаден е да лета високо, да учествува во самиот живот Божји.
Сократ еднаш го прашал Ксенофон дали знае каде се прават некои определени вази. Ксенофон му кажал. Потоа Сократ го прашал: „А знаеш ли каде ги прават луѓето добри и доблесни?“ „Не“, рекол младиот Ксенофон. „Тогаш“, рекол Сократ, „појди по мене и научи“. Само следејќи Го Христа можеме да го постигнеме својот потенцијал и да станеме она што Бог намерил да станеме.
Христос нѐ повикува да Го следиме за да бидеме „ловци на луѓе“. Бог има многу работа во светот денес, и тоа мора да го сработат Неговите луѓе. Неговите апостоли. Зборот „апостол“ значи „пратеник“. Секој Христијанин е повикан да биде апостол, што значи, некој ој е пратен од Христа да ја работи Божјата работа во светот денес.
„Појдете по Мене“, вели Христос. „Ми требате за Божјото Царство да стане реалност. Ми требате да ми бидете служители и сведоци меѓу луѓето со кои што живеете и работите. Ми требате за да утешите каде што има навреда, да помогнете сомнежот да се претвори во вера, да внесете радост во животите преполни со тага, да ја одразувате Мојата светлина во темнината на заблудата. ‘Појдете по Мене.’ Нема да ве испратам сами. Ќе бидам со вас да ве водам, да ве насочувам, да ве крепам, да ве хранам“.
Зборувајќи за следењето на Христа, треба да се потсетиме дека, зад сето она што можеме да го направиме за Христа како Негови апостоли во светот денес, стои она што Он може да го направи за нас. На вратата на нашето срце не тропа некој газда, туку пријател. А Он не ни носи само мисија „појдете по Мене“, туку и дар. Како Воплотен Син Божји, Он ни ја носи силата Божја за спасение.
Следењето на Христа носи и вистинска слобода. Пред да почне еден концерт, секој музичар си го штима инструментот свирејќи на него. Се добива разногласие. Тоа е слобода – секој го прави своето. Но, тоа не е музика. Кога ќе стапне диригентот на подиумот, почнува симфонијата. Музичарите веќе не се слободни да свират како што сакаат. Сега ги насочува еден голем диригент. Сите ја свират истата композиција со совршен ритам, во ист акорд. Што е разликата меѓу разногласието на загревањето и убавината на симфонијата? Секој музичар сега, без оглед дали свири виолина, кларинет, виолончело или контрабас, има господар. Секој ја наоѓа својата вистинска слобода во своето предавање нему. Првата должност на секоја душа не е да си ја најде слободата, туку својот вистински Господар. Кога ќе Го најдеме Него ја наоѓаме вистинската слобода.
На светот отсекогаш му требале способни мажи и жени. Христос е Оној што нѐ прави такви. Он ги повикал обичните рибари и ги направил најспособни луѓе на светот. Непоколебливи во решителноста, непоколебливи во својата љубов за Бога. Непоколебливи во љубовта кон човештвото и подготвеноста да му служат.
Следењето на Христа нѐ прави необични луѓе, но не е лесно секогаш да Го следиме Христа. Бидејќи Он кој нѐ повикува велејќи: „Појдете по Мене“, носи Крст и додава: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси“ (Марко 8, 34-35).
Ништо не е лесно на овој свет. Нашиот проблем не е да најдеме нешто лесно, туку нешто што ни дава вистински мир, нешто за што вреди да се живее, за што вреди да се умре. Само Христос може да ни го даде тоа. Ние ќе го платиме со нешто, зашто Он го платил со сѐ. Но, ќе платиме многу поскапо доколку се пробиваме во светот без Него, за најпосле, кога ќе дојдеме на крајот од патот, да откриеме дека немаме ништо.
Христијанинот е човек што се обидува да биде Христов следбеник. Велиме „се обидува“, затоа што никој не успева совршено. Не е помалку свет св. Павле што го признал следново: Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа… но, трчам кон целта. Следејќи Го Господарот ќе паѓаме многу пати, но нема да останеме паднати. Преку покајанието и по благодатта Божја ќе станеме по секој пад и ќе продолжиме да одиме со нашиот Господ. Ќе трчаме кон целта, кон наградата на горното призвание. Оти Христос вели: „Каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга“. Има ли повозвишено нешто од тоа цела вечност да бидеш со својот Бог?!
Извор.
https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pojdete-po-mene-del-2/