Има мајки кои никогаш во животот не го јаделе најубавото месо од пилето, туку секогаш му го оставале на децата – тоа е смирение. Така човекот станува смирен. Ако љубиш, се смируваш и се радуваш дека не јадеш, велејќи: „Моето дете јаде и јас се радувам“. Тоа е смирението на мајката и него треба да го имаме во сите сфери на нашиот живот. Смирениот навистина не сака првенство, како што и Светиите не го барале првенството. Знаете ли дека имало Светии кои си пресекле еден или неколку прсти на своите раце само за да не станат епископи? Другите сакале присилно да ги направат епископи, а тие од големо смирение не сакале. Каде има такво смирение денес? Многу се променети работите…
Смирениот зборува едноставно, како што зборувал Господ. Зошто сите денес зборуваме за словата на Старците? Излезе книга за Старец Пајсиј и за еден месец се распродаде. Зошто сите ги купуваат тие книги? Затоа што тој зборува едноставно, смирено и допира до срцето на другиот. Додека, пак сложените слова многупати кријат егоизам. Но не секогаш – еден многу образован човек со дипломи може да се изразува философски, а сепак да вдахновува смирение – смирението е нешто кое е во душата, а не само во зборовите. Таков бил на пример, Архимандрит Софрониј (Сахаров), чиишто книги се многу тешки и со висок стил, но исто така носат смирение во себеси, и се гледа дека од една страна се богословски, но од друга поттикнуваат на смирение – човек може да го почувствува тоа, ако го разбере барем малку јазикот и стилот на неговото пишување.
Ако го читате Достоевски, а ова се однесува и на други автори кои поминале низ многу испитанија во својот живот, ќе видите дека тој е многу човекољубив и сострадален кон своите ближни. Има грешни луѓе кои тој ги претвора во херои, не заради нивниот грев, туку заради болката што ја искусиле во испитанието, во гревот и смирението до кое стигнале подоцна. Кога го сметаш својот ближен за подобар од тебе во сѐ, тогаш и ти си почнал да се смируваш, т.е. ако некој сега каже: „Тука меѓу нас има една смирена и света душа!“, и ако никој не помисли дека тоа се однесува на него, е тоа е добар знак. „Кој? Јас? Јас не сум со сигурност. Некој друг е“… Некои луѓе доаѓаат да се исповедаат и велат:
– Отче, голем егоист сум, имам голема гордост, јас сум најголемиот грешник.
Го велиш тоа и веруваш, но дали вистински си смирен, тоа нема да се види од твоите зборови, туку од тоа како ги примаш нападите и навредите од страна на другите. Таму ќе се пројави твоето смирение. Бидејќи кога велиш дека си грешен, недостоен, егоист, а потоа си одиш дома и една забелешка од сопругата станува повод за караница, што ти вели тоа? Само пред 10 минути велеше дека си многу грешен, недостоен и дека го заслужуваш адот – како тоа велиш дека си достоен за адот, а не ја издржуваш и најмалата забелешка што твојата сопруга или брат ти ќе ти ја упати. Испаѓа во пракса дека не веруваш во тоа што го кажуваш.
Во еден манастир близу Атина сретнав монах кој порано бил агроном, но ја оставил работата и станал монах. Тој го метеше дворот многу внимателно, воопшто не креваше прашина, но игуменот помина покрај него – тогаш бев мал – и пред мене го искара несправедливо:
– Како не ти е срам?! Цел манастир се наполни со прашина! Ајде малку повнимателно!
Јас бев спремен да го оправдам и да кажам нешто во прилог на човекот, да речам:
– Отче, што зборувате, па тој воопшто не крева прашина!
Но, што направи монахот? Се наведна, му ја целива раката и му рече:
– Простете ми отче! Ќе се трудам да метам повнимателно!
Ја наведна главата, 40 годишен човек е, не е дете, и само тоа го рече: „Простете ми!“, иако повнимателно од тоа не можеше да мете. Тоа беше смирение на дело. Го прекорија и тој го прими прекорот.
(Продолжува…)
Извор: Бигорски манастир
Друго: