Архимандрит Андреј (Конанос)
Сметам дека начинот на кој пристапуваме кон Светата Причест е термометар на нашата вера. Како што зборувавме дека термометар на нашата вера е молитвата, сега, пак, велам: вистински термометар е дали ќе заигра нашето срце при причестувањето. Молитвата е љубов кон Бога, и Светата Причест исто така е љубов кон Господа, но таа е нешто многу повозвишено, несразмерно повозвишено, затоа што преку Светата Причест ја примаме во себе Божествената сила.
Ние не примаме некаква магија, туку Самиот Господ пребива во нас.
Велат: „Нека ти биде Светата Причест на здравје и спасение!“ Тоа е така, но ние не примаме во себе некаква магија, туку Самиот Господ пребива во нас. Нашето тело станува една целина со Неговото тело, во нашите вени тече Христовата крв, нашето дишење станува Негово дишење, и Неговото дишење станува наше дишење. Христовиот живот станува наш живот и се случува нешто навистина прекрасно.
Во тој миг жеднееме за причестување со Христос и тоа е целта на Светата литургија. Литургијата постои за да се причестиме. Ајде да не гледаме на тие кои не се причестуваат, туку да земаме пример од тие што се причестуваат, да се радуваме за нив и да го посакаме истото. А оној кој не чувствува извесна „љубомора“ кон другите кога се причестуваат, тогаш тој не ја чувствува Светата Причест.
Овде зборот „љубомора“ треба да го сфатиме во добра смисла и да велиме:
– Ох, и јас исто така сакам да се подвизувам и да се причестувам! И јас сакам да му направам послушание на духовникот, да ја исправам таа слабост која не ми дозволува да пристапам кон Светата Причест, и следниот пат да се причестам“. А ако ти е сеедно кога гледаш како другите се причестуваат, па само си погледнуваш на часовникот: „Колку ли е часот сега? Ох, уште колку ќе трае? Кога сето ова ќе заврши? – Тоа значи дека Светата Причест воопшто не ја трогнува твојата душа.
Кога бев малечок сакав да гледам како другите се причестуваат. Ја гледав таа сцена и ми се чинеше дека луѓето што доаѓаат во себе примаат сонце. Да, сонцето е едно и него сите го примаат. Таков е случајот и со Светата Причест: Господ целосно навлегува во сите нас и секој прима не еден дел од Него, туку целиот Христос, сеедно дали е голема или мала честицата која ни ја дава свештеникот.
И ако би можеле да Го прашаме Господ:
– Господи, а која е Твојата најголема желба за нас? Што би сакал Ти најмногу од нас? Доколку би можеле да го отвориме срцето на Господа, за да видиме која е најголемата желба што се крие таму, мислам дека ќе слушнеме дека Господ сака да стане едно со нас. Мислам дека Он би ни рекол вака:
– Дете мое јас повеќе од сѐ сакам да се соединам со тебе. Јас и затоа станав човек, за да станам она што си и ти. И затоа ви го оставив дарот на Света Причест, за и ти да станеш она што сум и Јас. За да станеме едно.
Еве што вели Откровението: Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене (Откр. 3,20). А Светата Причест т.е. Вечера, е соединување со Господ. Ние целосно се соединуваме со Него, се идентификуваме со Него.
Некоја жена отишла на Евија да се исповеда кај старец Јаков. Таа му кажала сѐ, освен еден тежок грев што го сокрила. Старецот знаел за тоа, но ништо не ѝ рекол. Се помолил Господ да ја просветли и Бог навистина ја просветлил преку чудо, за да разбере дека направила грешка криејќи го гревот.
Извесно време после исповедта жената била присутна на служба во храмот каде што служел старецот. Во тој миг храмот бил целосно празен, и жената го видела олтарот отворен, а на светиот престол седел еден убав млад човек со прекрасно лице. Му пристапила со негодување и му рекла:
– Ти што правиш? Седиш на светиот престол!? Веднаш да слезеш! Не ти е срам? Млад човек и уште седнат на светиот Престол – огорчено продолжила таа.
Тогаш младиот човек се свртел кон неа и многу спокојно ѝ кажал:
– А ти зашто не го кажа тој грев што го имаш направено? – и ѝ го открил нејзиниот грев.
Таа зачудено Му се обратила:
– А ти од каде знаеш дека јас не го исповедав тој грев? Од каде ме познаваш? Кој си ти?
А Он ѝ одговорил:
– Јас сум Оној Кого ти утре ќе Го примиш во себе – И исчезнал.
Самиот Господ ѝ се јавил за да ѝ каже: „Јас сум Оној Кој ќе ти суди. Јас сум Оној Кој ти помага“, а всушност Он ништо не ѝ кажал, туку само ѝ ја спомнал Светата Причест. Бидејќи Христос сака постојано да мислиме на Него, Он сака и кога пристапуваме кон Причеста, да покажеме спремност вистински да Го примиме во себе. „Јас сум Оној Кого ти утре ќе Го примиш во себе“.
Таа жена, како што претпоставувате, веднаш потоа пошла кај старецот Јаков и со солзи му раскажала за она што се случило. За тоа подоцна почна да се раскажува низ манастирот и така оваа случка беше запишана во книгата за старец Јаков.
Превод од руски: Момчило Куфојанакис и Зоран Митрески
Извор: Бигорски манастир