2. НЕРЕЛИГИОЗНА РЕЛИГИЈА
Многумина православни наивно го идентификуваат американскиот секуларизам со "американскот начин на живот", којшто е корен на длабоката криза на православието. Оваа криза нигде не е толку видлива како што е во "нерелигиозната религија" која, се чини, го проникнува животот на нашата Црква. Црквата е сведена на материјални, организациони и легалистички преокупации и грижи, на штета на религиозните и духовните; на опсесијата со "имотите", парите, одбраната на некакви "парохиски права" против епископите и свештениците во коишто се гледа надворешна опасност за парохијата, сведена е на индиферентност кон мисионерството, воспитните и добротворните потреби на Црквата. Во Црквата се чувствува пасивен, а понекогаш и активен отпор кон сите напори околу продлабочувањето на духовниот и верскиот живот, напорите тој живот да се направи помалку "номинален", а повеќе автентичен. Црквата се идентификува со фолклорот и народните обичаи; забележлив е егоцентризмот, вистинската изолација на многу наши парохии и нивната незаинтересираност за виталните потреби на Црквата. Ни црковните првенци, ни членовите на црквата не се свесни колкави се обемот и длабочината на таа криза.
Поради наведената секуларизација на Црквата, многумина, а особено младите, ја напуштаат Црквата, бидејќи не гледаат која е нејзината вистинска суштина и живот, не можат да видат што значи тоа да се биде нејзин член, во ситуација кога духовното е сведено на "формален" минимум (причестување еднаш годишно, малку пост, малку воздржување од забава, присуствување на службите), додека пак, материјалното и надворешното е развиено до крајност.
Сето ова се случува во време во коешто ние сме повикани да почнеме нов живот, кога ни е дадена можност - којашто им е оспорена на многу наши браќа и сестри во "матичните Цркви" - да растеме, да бидеме слободни, не само на зборови туку навистина, да ја исполниме својата Црква со духовна содржина, да го постигнеме сето она што, за жал, некои православни не можат да го остварат во страшните услови во отворено атеистичките и тоталитарни режими. Зарем не е тогаш трагично тоа што сите овие дарови, предизвици и можности се толку малку признаени, ако воопшто и се признаени, толку малку прифатени и остварени. Самата организација на нашите Цркви, духот и интересот што завладеал во нив, оневозможуваат да се негува и одржува вистински и правилен верски живот.
(продолжува)
отец Александар Шмеман
Великиот пост
1. НЕКОЛКУ ЗАБЕЛЕШКИ ВО ВРСКА СО ПРИМАЊЕТО НА СВЕТАТА ТАЈНА ПРИЧЕСТ
Издавач:ИКОНА
Посети:{moshits}