логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Проф. д-р Ратомир Грозданоски


СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (БЛАГОВЕЦ)

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник.
Со право го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Име на празникот
Благовештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос   ( JO Eujaggelismov~), а на старомакедонски црковно-словенски јазик: Благовештение (BlagovyÃen•e). Составено е од два збора: блага+вест, радосна вест.
Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично, во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. А бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во VII век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.
Благовештение го празнува и Источната и Западната црква.
Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Благовец – празник на мајките
Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се заборава дека Благовештение е празникот на мајките.
На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.  
Денес, бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Именден
Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица  и др.

Датум на празникот
Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.
Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум:
Првата е поврзаноста со Божик, а втората,  со создавањето на човекот.

Уште од древноста, секогаш се празнувал на овој датум. Благовец е строго поврзан со Божик. Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април/25 март), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари/25 март).

Врската, пак, со создавањето на човекот ја поставиле некои црковни писатели кои велат дека Благовештението и зачнувањето на Исуса Христа се случило на истиот датум и во тој ден кога бил создаден човекот. Бог го создал човекот без грев, но тој згрешил и требало да биде пресоздаден во истиот ден кога бил првпат создаден, а тоа е денот Благовец – кога започнува искупувањето на човекот.
Во III век, на Запад се појавиле пресметувања кои, според римскиот календар, посочуваат дека 7 април/ 25 март е денот на распнувањето на Господа Исуса Христа. Потоа, се мислело дека токму на тој датум Христос воскреснал. А сега многу ретко може да се совпадне празнувањето на Велигден со овој датум и кога тие ќе бидат заедно, во ист ден и Благовец и Велигден, тоа се вика „Кириопасха“.

Благовец останува на својот датум за празнување, но Велигден е подвижен и може да го доведе празникот Благовештение во ист ден со него или со другите подвижни празници.
Благовец се празнувал уште во ранохристијанската црква и традиција. Зачувана е прекрасна беседа од свети Атанасиј Велики, од IV век, во која вели дека Благовештение е првиот празник во редот на празниците, бидејќи е почеток на домостројот – на планот за спасение на луѓето. Слова за Благовештение, од истото време, имаат и свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов. Првите празници во христијанството се поврзани само со Исуса Христа, бидејќи сè било сконцентрирано кон Спасителот, Којшто бил во центарот на сите славења и спомени. Потоа, се прошириле празниците и кон Богородица, меѓу кои е првенствено и празникот на Христовото воплотување, зачнување и отелотворување – празникот Благовештение.

Во V и VI век се појавиле еретички – погрешни учења за Богородица и за воплотувањето на Господа Исуса Христа, но тоа не го намалило празнувањето на Благовештение, туку, напротив, уште повеќе се засилило ова празнување. Црквата и со празникот се борела против лажните учења, а ги збогатила содржините на богослужбените текстови со докази и со воспевања за боговоплотувањето и за Богомајката. Тоа, пак, најубаво и најмногу го направил свети Јован Дамаскин, во VIII век.

Богослужба на празникот
Благовец не го менува датумот на празнување, но е еден од најтешките и најсложените празници за богослужбата, ако поради подвижноста на Велигден, се совпадне заедно со другите велигденски празници. Ваквите совпаѓања го усложнуваат празнувањето на Благовец, а примерите за тоа се чести.
Благовец може да се падне во велигденскиот период најмногу: од четврток на Третата седмица во Постот до среда во Светлата седмица – до среда по Велигден.
Тогаш се прават заеднички богослуженија од двата празника, а дури и се поместуваат одредени пеења од Благовец, ако тој се совпадне со Велики Четврток, Петок или Сабота. Сепак, постојат запишани правила за тоа и се постапува според нив.
На Благовештение, без разлика во кој ден ќе се падне празникот, се служи полна Литургија на свети Јован Златоуст или на свети Василиј Велики, ако за тој ден со типикот е одредено за Василиева.

Историја и празнување
Света Дева Марија уште како мала, само на тригодишна возраст, ја однеле нејзините родители во храмот, за да Му служи на Бога, бидејќи така беше Му ветиле на Бога уште кога Го молеле да им даде дете. Таа останала таму цели дванаесет години и кога наполнила 15-годишна возраст, таа не смеела повеќе да остане во храмот, туку требало да се сврши и да стапи во брак. Таков бил Законот. Но, нејзиниот одговор бил поинаков и таа рекла дека не сака да се мажи, туку сака да Му се посвети на Бога. Тоа ги збунило свештениците и додека тие се чуделе што да прават, а да не го прекршат Законот Божји, ете, Бог му открил на свештеникот Захарија, таткото на свети Јован Крстител, да повикаат дванаесет мажи од Давидовото колено, кои немаат жени и од нив да го одберат оној кому ќе му ја доверат Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и дадениот завет, а ќе се грижи за неа. Бог одбрал да му ја дадат на Јосифа од Назарет, којшто и бил роднина и на поголема возраст. Тој бил претходно оженет и имал деца со починатата жена, кои биле возрасни колку Марија. За него ја свршиле и таа продолжила да живее и во неговиот дом, исто како да е во Соломоновиот храм. Времето го минела во молитва, читање на Светото писмо, богомислие и ракотворство: везење, плетење, ткаење и сл. Од дома не излегувала и световните работи не ја интересирале. Малку зборувала, а никогаш без потреба. Најмногу другарувала со ќерките на Јосиф. А кога се исполнило времето, Бог го извршил ветувањето и го испратил архангелот Гавриил да и каже дека таа ќе Божјата Мајка.
На овој ден, девет месеци пред Божик, на света Дева Марија и се јавил архангелот Гавриил и ѝ ја кажал радосната вест – благовестието: дека таа ќе Го роди Спасителот на светот, ќе Го роди Бога во тело. Таа блага вест е светото Благовестие дека таа Го примила во своето пречисто тело телото на Бога Кој се воплотил – зачнал во нејзината утроба. Оттогаш таа постанува Богомајка. Црквата го посветува овој празник на Благовестието и на Богозачетието. Тоа е почеток на спасението. Почеток и на Евангелието. Таа вест е првото Евангелие = Благовестие, блага вест, радосна вест за спасението.  
Химната на празникот – основната песна – тропарот, вели: Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние со него да и воскликнеме на Богородица: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“

Величанието, пак, воспева, велејќи: Со архангелски глас ти пееме, чиста: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“  „Благодатна“ значи облагодатена, полна со благодат.
Настанот го опишува и Светото писмо и Светото предание. Во Евангелието според Лука се запишани зборовите на Благовестието и разговорот со архангелот (Лука 1, 26-38). А Светото предание кажува дека тогаш Света Дева Марија била во градот Назарет, во куќата на Јосиф и го читала Светото писмо, и тоа точно  зборовите од Книгата на пророкот Исаија, кои пророчки велат дека „Девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог“ (Иса. 7,14; Матеј 1,23). Само што се израдувала на пророштвото и возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот, ете, нејзе и се јавил архангелот Гавриил и и кажал дека таа е девојката што ќе Го роди Спасителот на светот.

И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?“

И и рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството негово нема да има крај“.
Историјата на Новиот завет ја отворил архангелот Гавриил со зборовите: „Радувај се!“ Тоа значи дека Новиот завет е време на радост за луѓето, радост заради доаѓањето на Спасителот и за добиеното спасение. Со Благовец започнало времето на спасението.

Иконата и богословието на празникот
Иконата на Благовештение е многу значајна икона во црквата и затоа го зазема главното и централно место во храмот: таа секогаш се наоѓа на царските двери, низ кои се минува за во олтарот, во најсветиот дел од црквата. Тие ги симболизираат вратите во царството небесно.

Во иконографијата и фрескосликарството овој празник се претставува со два лика: Богородица и архангел Гавриил (Гавриил, во превод од еврејски, значи: сила Божја, Божја моќ). Насликана е Богородица како богоизбраната девојка кај која доаѓа ангелот Божји забрзан, за да и ја каже Благата вест – Благовештение. Тој и подава жезол како на Царица – Владичица која владее. Пред неа, обично, стои отворена книга – во знак на нејзината љубов кон словото Божјо, кон Светото писмо и свештеното знање.

На иконата се гледа дека ангелот е со растреперени  крилја и е во движење кон девојката, што значи дека тој од небото директно доаѓа кај неа, слегува од небото на земјата како предвесник, за да ни каже дека и Бог ќе слезе од небото на земјата и дека Спасителот доаѓа во светот преку Света Дева Марија. Спасението го изгубивме преку Ева, а го добивме преку Дева.
Ангелот е небесен жител, а Девојката е жител на земјава. Благовец, Благовестието и Богозачетието – зачнувањето на Бога, го споија небото со земјата. Богородица постана небоземната поврзаност. Затоа, библиски е претставена како скала од земјата до небото – скала низ која Бог слезе на земјава и скала преку која човекот се искачи на небото. Таа е скалата небесна што ја видел Јаков, како што е запишано во Библијата, а се чита на вечерната богослужба на Благовец (1. Мој. 28, 10-17). Земјата е поврзана со небото – човекот со Бога и Бог со човекот. Богородица Го прими Бога – таа, како претставник на човекот (на човештвото), стана богопримателка, а тоа значи човештвото Го прими Бога. Богородица е небесната врата. Низ неа Бог мина и стана и човек, останувајќи и Бог.

Бог се воплотува, значи Бог зема тело, а тоа значи дека небото и земјата се соединуваат. Воплотениот Спасител е вистински Бог од небото, а истовремено и вистински Човек од земјата – Богочовек. Бог и Човек – небесен Бог и земен Човек. Бог како Бога и Човек како Адама.

Кога Богородица му рече на ангелот: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1,38), Бог се воплоти и Богородица стана небесната врата.
Зборовите: „Нека ми биде според зборовите твои“, значат: „Нека биде така“ – „Амин“. Тоа е нејзиното „да“ за да стане Мајка Божја – нејзиното: „Да биде волјата Твоја, како...“.
А, пред да го прифати Богомајчинството, светата Девица, бидејќи не знаела  за маж и не можела да си замисли како е можно такво раѓање, го праша ангелот: „Како ќе биде тоа?", Ангелот и рекол дека тоа ќе биде од Светиот Дух: „Светиот Дух ќе слезе на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1,35). Тогаш Бог се воплотил.  
На иконите и на фреските Го има Светиот Дух како зрак што слегува кон утробата на Марија или како гулаб.
Во Символот на верата велиме: „Единородниот Син Божји, роден од Отца пред сите векови, роден нестворен...слезе од небото и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек“. Тоа е Божјото доаѓање кај луѓето. Дошол Бог кај нас на земјава.

Зошто го направил тоа и зошто требало Бог да го стори тоа?
Човекот отпаднал од Бога кога згрешил, измамен од ѓаволот. Но, ѓаволот требало да биде победен од оној што претходно бил победен од него – од човекот. Ѓаволот го победил човекот – и требало човекот да го победи ѓаволот. Човекот, пак, што бил победен од ѓаволот, не бил роден човек, како што се раѓаме ние: човек од човек, природно, туку бил роден на необичен начин, надвор од природниот ред, не од семе машко, туку создаден од земја, од земјата чиста и непорочна како дева, бидејќи уште не била проколната од Бога. Таков бил Адам. И од таков човек требало да биде победен ѓаволот, а таков е Господ Исус Христос, зачнат, воплотен и роден, не според природниот закон, туку од утробата на чистата и света Дева Марија. Тоа зачнување и воплотување не е по природен начин, туку натприроден и не е по начинот на обичното раѓање, туку е според начинот на создавање. И како што Адам бил оживеан со дувнувањето од Бога, така и новиот Адам – Исус Христос се воплотил под дејството на Светиот Дух Кој слегол врз Пресветата Дева Марија. Така постанал совршен Бог и совршен човек – еднаков во сè со луѓето, освен гревот. Бог и човек – со две природи: Божја и човечка – во една личност. Човечката природа страдала за нас, а Божјата останала нестрадална.  

Празничен, богослужбен текст од Библијата.
Благовештение е библиски празник – евангелски настан, којшто е запишан во Евангелието според Лука, кое се чита на Светата литургија (Лука 1,24-38). Исто така, се чита и библискиот текст од Апостолот (Евр. 2,11-18).  На Утрената има текст од Евангелието според Лука (Лука 1, 39-49 и 56), а на Вечерната богослужба, содржини од Стариот завет (1. Мој. 28,10-17; Језек. 43,27-44,4; Изрек. 9,1-11).
Ако некој не пошол денес в црква и не ги чул овие библиски зборови, тогаш нека ја отвори Библијата и дома нека ги прочита посочените текстови. Ќе му биде од полза на душата.

Народни преданија и суеверие.
Народните преданија за Благовец сплеле многу обичаи и церемонии кои немаат никаква врска со верата и со Евангелието. Тие се чиста човечка измислица. Главно се со некоја поврзаност за времето и за името. Најпрво, се вели дека Благовец е благ ден и така се нарекува затоа што на тој ден дури и раната не боли. На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи. За да не го боли, а да биде благо и добро детето, на овој ден им се дупнуваат ушите на девојчињата и им се ставаат првите обетки. Тогаш нема да се инфицираат и брзо ќе зараснат.

Потоа, со Благовец се поврзува и доаѓањето на птиците преселници: штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други, кои ја носат благата вест дека зимата си отишла и доаѓа пролетта, а со неа и новиот живот и сè што треба да оживее и да се сработи за новиот живот во природата. Црковните камбани ја соопштуваат благата вест за зачнувањето на Спасителот на светот, а ластовицата ја носи благата вест за пролетта. Спроти празникот се мете и се чисти, а сметот се гори, за да изгори сето насобрано зло. Некаде ги пуштаат и птиците да не се затворени на овој ден, па дури и оние од кафезите. Се мисли дека на Благовец ни птиците не работат во правењето гнезда, па дури и не мавтаат со крилјата додека се застанати, туку само во лет. Кукавицата за првпат кука, а мечките се будат од сон. Какво ќе биде времето на Благовец, такво ќе биде и цела година. На тој ден излегуваат змиите, гуштерите и сите влекачи (што е очигледно дека излегуваат и многу порано некаде, а некогаш и подоцна!). Некаде се прави и обичајно гонење на змиите, на Благовец, со чукање по тави и тенџериња низ дворот и околу куќата, за да се исплашат и викање да бегаат сите ползачи и гадинки, подалеку од куќите и од дворовите. А во тој ден змиите не касаат и добро е да прелазат некое алиште кое ќе биде за лек. Жените не фаќаат игли и конци, на денот да не шијат, да не предат и да не плетат, дури ни косата, за да не ги каснат змии. А може да си заврзат некое конче за да не ги фаќаат очи и уроци. Добро е да си ставиш пара в џеб или да броиш пари на тој ден, за да имаш цела година итн. итн.
Препорачливо, пак, е на Благовец да се сади цвеќе, бидејќи тоа ќе биде особено миризливо и убаво. Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците „благи“ (слатки) и „здравоносни“. На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат „благи“. А пчеларите, ги отвораат за првпат пчелите, за да собираат мед.

Некои, на Благовец, првпат каснуваат коприва, спанаќ и новите зеленчуци. Девојчињата тогаш првпат замесувале пита и ја мачкале со мед, па им давале и на момчињата од нивната возраст „блага пита“. На тој ден и самовилите играат оро...

И сега, најважното во врска со ова! Сето ова е само суеверие и празноверие. Тоа нема никаква врска со верата христијанска, а повеќе е исмевање на верата и и штети на нашата вера. Ова суеверие е неразумно однесување кон празникот и кон светоста на овој свет ден. Ова не им приличи на православните христијани и на вистинските верници. Треба да се отфрлаат овие суеверија и празноверија од вистинскиот христијански живот и од христијанската побожност. Тие се нехристијански и нецрковни. Тие се остаток на едно простонародие и претставуваат суеверност на простољудието!

Празничен ручек
Благовец се паѓа во текот на Велигденскиот пост и е посен празник. Сепак, православниот ред и правило, на Благовец, разрешува да се јаде риба, зејтин и вино. Традиционално се меси пита, а трпезата се збогатува и со суви пиперки полнети со ориз и ореви, компир во разни варијанти, зелена салата и штрудла со јаболка и грис.

Честит празник на сите што празнуваат!



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7707
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная