Фрески во Осоговскиот манастир
Во Големата манастирска црква посветена на св. Јоаким Осоговски (изградена 1847-1851 год , а фрескоживописувана од 1884-1945 год.) се чува најраспространетата и најмногу сликана и пресликувана икона зографисана на 15 мај 1893 год. од фрчата на Димитрија Андонов Папрадишки. Св. Јоаким е насликан во цел раст, во монашка облека, со монашка капа на глава, во десната рака држи бројаница, а во левата свиток со текст. ПРЈИДИ2ТЕ ЧА1ДА ПОСЛУШАИТЕ МЕНЕ. СТРА1ХУ ГП50ДИУ
(Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа (пс.33,ст.11)).
Во позадина се насликани три цркви, Големата на св. Јоаким, помалата на Рождество на Пресвета Богородица и уште еден објект помеѓу нив, кој денес не постои.
Веднаш до влезот од западната страна, од десно, во мала ниша е насликана истата икона во фреско техника, датирана 1900 год. 22 март, од зограф Вељо (Велко) Андонов (брат на Димитрија).
Сите други претстави на св. Јоаким Осоговски, било фрески или пак икони во Големата манастирска црква се зографисани од Димитрија Андонов Папрадишки.
Во ниша над западниот портал, има фреска со допојасен лик на св. Јоаким од 1893 год. Овде св. Јоаким е насликан фронтално, со десната рака благословува , а во левата држи свиток. Моделацијата и пластичното обликување на лицето се остварени со премини од потемни маслинесто-зелени кон посветли окерни тонови. Темниот окер на левата страна на лицето и сенчањето со маслинеста боја на краевите, придонесуваат за убавиот впечаток од извонредно водениот цртеж и извонредниот лик. Брадата и мустаќите се сликани со минцуозни потези со светлосива скала, а влакната се извлечени со темни линии. Истата година ја изработил и големата целивна икона, внатре на првиот столб, која е иста со онаа над влезот. Работена е со темпера на грунд врз дрво. И овде Андонов покажал вонредно мајсторство, преку педантно предадениот цртеж и ненаметливата, но вешто нијансирана скала на тонови. Ова секако е едно од ретко убавите иконописни остварувања од овој период.
На јужниот ѕид, над порталот е насликана сцената кога дошол св. Јоаким во с. Градец. На фреската се претставени два лика, на св. Јоаким и на болјаринот, од кој св. Јоаким барал да му покаже некое осамено место. Седнати се пред црквата во дворот на болјаринот. .
На западниот ѕид меѓу западниот и јужниот портал се насликани двајцата ловџии, со кожа од дивечот кој го уловиле со помош на молитвите на св. Јоаким, и како светецот се моли пред пештерата. На фреската стои текст: ст7Ьі2Й п4r. ЇwакІ1мЪ молИ1тву дёЕТЪ бGу.
Над самиот саркофаг на св. Јоаким во првата зона е претставено Погребението на Преподобниот свет отец наш Јоаким. Покрај него се насликани двајцата ловџии и нивните семејства, со темјан и свеќи во рацете.
Во југозападната купола е насликан ликот на св. Јоаким во медаљон, со десната рака благословува, а во левата држи свиток.
Под медаљонот се насликани повеќе пустиножители меѓу кои: св. Пахомиј, св. Атанасиј Атонски, св. Павле Тивериски, св. преподобен Антониј, св. Симеон Столпник и др.
Над кивотот е поставена икона на шперплоча на која се изобразени допојасно четворицата пустиножители св. Прохор Пчински, св. Јоаким Осоговски, св. Јован Рилски и св. Гаврил Лесновски. Иконата е поклон од Д. А. Зограф на манастирот.
Истата икона е насликана и во фреско техника на јужниот ѕид, во третата зона.
Во олтарот, во проскомидијата има фреска датирана 1894 год. 23 август, св. Јоаким е претставен во цел раст со сигњатура св. Јоаким Осоговски Чудотворец.
На иконостасот иконата на св. Јоаким го зазема патронското место, допојасен лик, со десната рака благословува, а во левата држи свиток со текст ПРЈИДИ2ТЕ ЧА1ДА ПОСЛУШАИТЕ.... Иконата е изработена на дрво и грундирана.
Во третата зона на иконостасот е поставена иконата Деисис или поточно триморфон, бидејќи на неа се зографисани три лица. Според канонот за редослед на иконите на иконостас и нивно сликање, иконата Деисис (од грч. δέησίς - молење) е триобразна икона со следниот состав: во средина е изобразен Спасителот Господ Исус Христос, а од десната и левата страна се пресвета Богородица и св. Јован Претеча во молитвени пози. Се нарекува Деисис, од грч. δέησίς што значи моление, прозба, а се нарекува така затоа што св. Богородица и св. Јован се посредници меѓу небото и земјата и се молат пред Спасителот за целиот христијански свет. Но, на оваа икона, во средината е претставен Господ Исус Христос, од неговата десна страна е Богородица, а од неговата лева страна, на местото каде што треба да стои ликот на св. Јован, всушност е насликан св. Јоаким Осоговски, со побелена коса и брада, главата и телото му се приклонети кон Господ Исус Христос. Држи свиток во десната рака, а левата рака му е на градите.
Во црквата Рождество на Пресвета Богородица, во манастирскиот комплекс (датира од почетокот на XII век), во која се забележуваат повеќе фази на градба, се забележуваат и две фази на фрескоживопис. Едниот е од XIX век, од времето кога се доѕидани ѓаконикот и припратата, и сликан во истиот период, од Д. А. Папрадишки. Во припратата се претставени повеќе хорови од ѓакони, маченици, пророци, апостоли и преподобни (ли1к преп5бнЫхъ), каде во прв план се претставени четворицата пустиножители. Над светата и исцелителна вода, во самата црква, има фреска на која се насликани Богородица со Христос и св. Јоаким Осоговски. Во наосот, кој е фрескоживописан во 1995 година, св. Јоаким е претставен во цел раст.
Во новоизградената крстилница, Рождество на Пресвета Богородица, во тек е фрескоживописување на внатрешноста. Св. Јоаким е насликан на северниот ѕид, во првата зона, во цел раст, заедно со тројцата браќа во Христа, св. Јован, св. Прохор и св. Гаврил. Фреските ги работи академскиот сликар Синиша Кашавелски.
(Продолжува)
УНИВЕРЗИТЕТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
СКОПЈЕ
ДИПЛОМСКА РАБОТА
Св.Јоаким Осоговски Чудотворец
Изработил:Александар Смиљков
Ментор: Проф.д-р Ацо Гиревски
Скопје
2010
Друго:
- o. Александар Смиљков- Св.Јоаким Осоговски Чудотворец (1)
- o. Александар Смиљков- Св.Јоаким Осоговски Чудотворец (2)
- o. Александар Смиљков- Св.Јоаким Осоговски Чудотворец (3)