логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


ПОСТВИЗАНТИСКИОТ ПЕРИОД ОД XV ДО КРАЈОТ НА XVIII ВЕК

Еден милениум по покрстувањето на источноримскиот император Константин Велики во IV век, православието на Балканот се соочило со еден навистина посебен културен предизвик кој налагал сосема нови начини на приспособување, а тоа е османлиска управа со муслиманска вероисповед. На почетокот тие биле толерантни кон христијанската религија, дури не посегнале по автокефалноста на Охридската архиепископија туку и овозможиле таа духовно да управува со своите диецези и дури и да се прошири. Скопската митрополија во нејзин состав била од 1410 до 1557 година, а нејзината територија ги опфаќала своите стари области од XI век - Скопје, Куманово (Жеглигово), Врање, Овче Поле и Поречкиот срез. По населувањето на Турците во Скопје, набрзо Скопската митрополија почнала да доживува тешки удари. Во почетокот на XVI век голем дел од жителите биле раселени. Во 1535 година, според еден кус запис во ракописен Октоих на манастирот Св. Пантелејмон, Горно Нерези, е забележано дека се срушени сите цркви во Скопје, а на нивно место израснале бројни џамии кои на градот му дале ориентално обележје. Православното население, оптоварено со мноштво даноци, традиционално продолжило материјално да ги помага манастирите и црквите. Ретко каде можело да се најде семејство да прими ктиторство и некоја стара црква да ја спаси од пропаст. Единствен случај во Скопскиот регион е скромната поправка на манастирската црква Св. Богородица на Матка.
Во 1557 година, потпомогната од турскиот великодостојник Мехмед-паша Соколовиќ, е обновена Пеќката патријаршија која ја преземала Скопската митрополија под своја јурисдикција. Црквите кои се изградени XVI и XVII век се мали по димензии, еднокорабни, полукружно засводени со тристрани апсиди, солидно градени од добро обработен делкан камен, оживеани со редови тули, по принципот на старите византиски градби, како што се црквите Св. Ѓорѓи во с. Бањани, Св. Никола во с. Радишани, Св. Атанасие во с. Шишево и др. Ктиторството го презело целокупното население, каков што е случајот со црквата Св. Петка во селото Побужје. Уметничкото творење и понатаму се развивало по угледот на старата византиска традиција. Новоподигнатите храмови ги сликале локални сликари или сликари од Охридската сликарска школа. Тие творештвото го засновале на основа на зачуваните прирачници, т.н. ерминии, прилагодувајќи ги композициите на малиот, недоволно осветлен простор на црквите, со нагласена наративност во обликувањето на сцените и фигурите. Колоритот го свеле на основните тонови, без нијансирање и моделирање. Олтарните пре-гради се праволиниски поставени пред олтарниот простор, изработувани во дрво, на кои големиот крст со Распетието е всаден во фантастичен влекач во форма на змеј. Царските двери импресионираат со својата резба и кон крајот на XVI и во текот на XVII век се позлатувани по угледот на Атос.
Цариградската грчка патријаршија уште во XVII век настојувала да го уништи авторитетот на словенските цркви и да ги потчини на грцизмот. Со помош на турската власт, во 1766 година е укината Пеќката патријаршија, а во 1767 година и Охридската архиепископија.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. БОГОРОДИЦА – МАТКА

На 17 км оддалеченост од Скопје, а на само 400 м од ХЕ "Матка", во близина на селото Глумово, на левиот брег на реката Треска, се наоѓа манастирскиот комплекс Матка со црква посветена на св. Богородица.
Се смета дека црквата потекнува од првата половина на XIV век. Во натписот над влезната врата од 1497 година се споменува некоја Милица што ја нашла откриена црквата, ја препокрила, ја живописала, подигнала припрата. Во натписот се споменуваат Тошинко и неговиот син Никола и митрополитот Атанасие.
Црквата Св. Богородица на манастирот Матка припаѓа на типот градби со стеснет впишан крст, со тристрана апсида и купола на октогонално витко кубе кое се потпира врз четири ѕидни пиластри. Црквата е градена од камен и тули. Фасадите се оживеани со лизени, а прозорците се мали и високо поставени.
Живописот најверојатно е дело на еден сликар, потекнува од крајот на XV век и се карактеризира со несигурност во распоредот на композициите, нечист колорит и во прилична мера непрецизен цртеж. Големината и пропорциите на фигурите, како и односот спрема средината, се менуваат од сцена до сцена. Најчесто, тоа се фигури со дебели, тркалезни глави, со ситни и љубопитни очи, без убавина. Еден редок детал во начинот на сликањето на светителските лица со две различно обоени половини, силно зелена и румена, ги доведува во врска со постарите охридски дела. Оттаму, типолошките и стилските особености на фреските во Матка, потоа сликањето на св. Климент Охридски во втората зона на северниот ѕид, укажуваат на присуство на уметник кој потекнува од Охрид. Единствено ктиторските портрети на Милица и на нејзиниот син Никола се грижливо изработени и попотполни (претставуваат ретко сведоштво за изгледот на христијанските властелини во XV век во овој крај), како и донекаде ликот на Богородица Елеуса со Христос (а храмот е посветен на Успението на Богородица) и архангелот Гаврил кој ги донесува симболите на оружјето за мачење на Христос.

ЦРКВАТА СВЕТА ПЕТКА - с. ПОБУЖЈЕ

На падините на Скопска Црна Гора се наоѓа селото Побужје, а во него црква посветена на св. Петка. Над десниот прозорец од внатрешната страна е зачуван натпис за колективно ктиторство во кој се известува дека осликувањето е завршено во 1500 година
Црквата Св. Петка, во текот на своето вековно постоење, претрпела повеќе интервенции. Во својата најстара фаза била еднобродна градба со петтострана апсида на источната страна, полукружно засводена, а се претпоставува дека е подигната во втората половина на XII век. Својот денешен изглед со трибродна диспозиција го добила со доградувањето на триделниот нартекс во 1855 година, кога првобитната црква се нашла како централен брод.
Во црквата Св. Петка во с. Побужје е зачуван живопис од неколку фази. На крајот од нишата, под фреската со ликот на св. Никола, се наѕираат фрагменти (од уста и нос) сликани со интензивна боја и со изразит графицизам карактеристичен за втората половина на XII век. Најстариот фреско-живопис е зачуван на јужната фасада, сликан во три зони, кој датира од XIV век. Сигниран е на словенски.
Живописот во наосот бил насликан во две фази. Карактеристично за овој живопис е тоа што сликарот насликал толку светители колку што имал донатори и покрај секој светител е набележано кој го дарил тој лик и потекнува од втората половина на XV век. Две - три децении од почетокот на живописувањето на наосот бил ангажиран еден друг сликар кој го довршил живописот на горните зони од ѕидовите и сводот со средствата на сите селани, како што се истакнува на натписот од 1500 година. На сводот на црквата е сликан Исус Христос од Вознесението, Пантократор и една иконографска реткост - Емануил со крилја. Живописот во црквата Св. Петка, според стилските карактеристики ги следи решенијата на времето во кое настанал.
Иконостасот од XVI век бил со еден ред икони и царски двери кои денес се вклопени во иконостасот изработен околу 1880 година.

ЦРКВАТА СВЕТИ  ЃОРГИ - с. БАЊАНИ

На падините на Скопска Црна Гора, во селото Бањани, се наоѓа малата црква посветена на светиот воин Ѓорѓи Победоносец. Од натписот над влезната врата, од внатрешната страна на црквата, дознаваме дека е завршена во 1548/49 година, во време на султанот Сулејман, а во истата година била и живописана.
Црквата Св. Горѓи е еднокорабна, со мали димензии, солидно градена од добро обработен делкан камен, оживеана со редови тули, по принципот на старите византиски градби, засводена со полуцилиндричен свод. На источната страна се наоѓа тристрана апсида.
Живописот кој датира од времето на ѕидањето на црквата се одликува со високи уметнички квалитети. Непознатиот зограф неоспорно припаѓа на групата најталентирани сликари на своето време. Неговиот цртеж е смел и динамичен, а колоритот е богат, внимава на обработката на ткаенините што е многу редок случај. Композициските проблеми се добро решени, а одделни детали се работени со многу фантазија и грижливост. Според тие свои вредности, ѕидните слики на црквата во Бањани стојат многу близу до најубавите современи остварувања на подоцнежните творби од Атос и од Костур. На северниот ѕид, покрај олтарната преграда, е сликан Христос архиереј со сакос и омофор врз кои се сликани серафими. Богородица е сликана со круна на главата, а св. Јован држи крст и свиток заедно со својата глава на дискос. Од двете страни на Христос е испишан текстот од 92 - от псалм.
Во 1846 година иконостасот на црквата го сликал Димитрија Дичо Зограф, кој го извел целиот нов живопис на црквата. Во 1856 година, на западната страна бил доѕидан еден широк трем, за што постои натпис над вратата од ктиторот Петар Каовче. На неговата западна и северна страна се  сликани светители во цел раст. На западната фасада, од фреските што ги извел Димитрија Дичо Зограф најголемо внимание привлекува композицијата Страшниот суд која зафаќа половина од насликаниот простор. Во зимата 1845/46 година, Димитрија Дичо Зограф и неговите соработници ги изработиле престолните икони за иконостасот во црквата. Од раката на Дичо Зограф се изработени иконите на апостолите со композицијата на деисизот и празничните икони.

ЦРКВАТА СВ. АТАНАСИЕ - с. ШИШЕВО

Црквата се наоѓа во непосредна близина на селото Шишево Скопско. Според натписот над западната влезна врата, порано црквата била посветена на св. Никола, а денес е посветена на св. Атанасие. Судејќи по античките елементи вградени во неа, се претпоставува дека е подигната на старо култно место. Годината на градењето не е позната, се претпоставува дека датира од првата половина на XIV век, а живописот потекнува од 1565 година како што се наведува на оштетениот натпис кој се протега долж сите ѕидови над втората зона живопис.
Црквата е мала еднобродна градба со полукружен свод и тристрана апсида. Градена е од кршен камен без употреба на тула.
Живописот го извеле двајца мајстори кои се разликуваат по колоритот што го употребуваат, како и по основните белези на цртежот од кој на прв поглед се стекнува впечаток како да е постар од датата во натписот. Имено, зографите на црквата Св. Атанасие ги негуваат истите чувства како и нивните современици чии симпатии биле насочени кон постариот живопис, особено оној од XIV век. Меѓутоа, на овој живопис му недостасува префинетост, тој ја нема импресивната заобленост што ја отфрла линијата како непотребна граница меѓу фигурата и просторот. Колоритот го нема богатството на полутонови. Дебелата линија ги врамува фигурите, нивните ставови ги прави тешки и несмасни. Во втората зона на наосот се илустрирани циклусот Маки Христови во кои остава впечаток Бичувањето Христово, сликано и во црквата Св. Димитрија во Марковиот манастир во втората половина на XIV век, сцена омилена во западната иконографија, а кај нас мошне ретка. Во средината на сводот, од запад кон исток, се сликани Христос Емануил, Хетимасија, Христос Пантократор и Старец на деновите. Меѓу попрсјата на пророците кои се сликани од двете страни на зоните на темето на сводот е насликана и една Сибила, сместена на необично место.
Од истиот период потекнуваат и царските двери со комплициран геометриски мотив, карактеристичен за нерешките двери и охридскиот резбарски центар, изведени порустично.

ЦРКВАТА СВ.СПАС - с. ДОБРИ ДОЛ

Јужно од Скопје, во близина на селата Ракотинци, Долно Соње, Варвара и Сушица, се наоѓа селото Добри Дол. Во него е зачувана малата гробишна црква која е посветена на Вознесението Христово / Св. Спас. Од ктиторскиот натпис кој тече над стоечките светителски фигури на јужниот ѕид, дознаваме дека оваа црква е изградена и живописана во 1576 година.
Црквата е еднокорабна градба со правоаголна основа, со полукружна апсида однадвор и одвнатре и засводена со полукружен свод. Во храмот се влегува низ јужниот ѕид на новодоградената припрата.
Живописот во црквата Св. Спас несомнено го извеле двајца сликари. Поталентираниот ги слика стоечките фигури во првата зона, ликовите на сводот, фигурата на Исус Христос и во нишата над влезот во црквата. Неговите фигури се тенки, издолжени, со хармонични пропорции и убави пози. Ги слика прецизно, речиси мунициозно го обработува инкарнатот, лицата ги слика со окер, а осветлувањата ги обележува со бела боја. Тој има префинето чувство за колорит. Употребува дискретни пастелни бои и посветува внимание на декоративните орнаменти. Живописот во втората и во третата зона веројатно е дело на вториот сликар и е под дебел слој саѓи, меѓутоа се воочува иконографска точност на сцените и на ликовите кои се шематизирани. Се претпоставува дека подобриот сликар од Св. Спас и припаѓал на групата сликари кои ја декорирале црквата Св.Атанасие / Никола во селото Шишево, а на тоа укажува присуството на античката пророчица, еритрејска Сибила.

ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА - с. РАДИШАНИ

Во близина на Скопје, во селото Радишани, се наоѓа црквата посветена на св. Никола. Историските податоци за неа се скудни, а таа потекнува од XVI век.
Црквата е мала, еднобродна, засводена со полукружен свод и тристрана апсида на источната страна. Имала и припрата од западната страна која е урната. Калотата на апсидата е потесна од својата основа и на неа има шарање со цигли. Црквата е градена од кршен камен, а е реконструирана во текот на 1980/81 година.
Живописот е фрагментарно зачуван во апсидата, на јужниот и на западниот ѕид, како и на западната фасада. Според стилските карактеристики датира од 30-тите години на XVII век, поточно од 1631 година. На тоа укажува блискоста на живописот од првиот мајстор на припратата во црквата Св. Архангели над с. Кучевиште. Тоа најдобро се гледа на претставата на св. Богородица поширока од небото од црквата Св. Никола во споредба со Богородица во конхата на припратата во црквата Св. Архангели. Всушност, тие припаѓаат на првите дела од сликарската работилница на т.н. Овчарско-кабларска сликарска група која гравитира од југ кон северните простори на Балканот.

ЦРКВАТА УСПЕНИЕ БОГОРОДИЧИНО - С. ДИВЉЕ

Во подножјето на Плаќенската планина, во селото Дивље, на 25 км оддалеченост од Скопје во источен правец, се наоѓа црквата посветена на Успението Богородичино.
Црквата е мала еднобродна градба со правоаголна основа и цилиндричен свод. Градена е од камен, без употреба на тули. Покривот е изведен на две води.
Под живописот од втората половина на XIX век е откриен постар кој потекнува од 1603/4 година. Во олтарниот простор зад преградата на иконостасот е насликана Визијата на Петас Александриски до чијшто натпис е откриена годината живописувањето.
Живописот во црквата Успение Богородичино го изве; непознат зограф кој по својата надареност не заостанува зад другите зографи од XVII век. Неговиот цртеж вешто ги обликувг формите притоа давајќи им особена цврстина. Но, за разлика од цртежот, колоритот е изведен со бела гама на кафени и окер тонови. Споредувајќи ги цртежот и колоритот на портретите и оние на светителите, постојат големи разлики. Ликовите на светителите покажуваат еден шаблонизиран цртеж кој не води многу сметка за анатомските точности на фигурите. За разлика од нив, во ктиторските портрети, малиот сликар се надминал самиот себе - изведувајќи извонредни портрети со јасно повлечени индивидуални црти, со префинет и прецизен цртеж и колорит со сосема други валери.

ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА - с. ШИШЕВО

Црквата Св. Никола Шишевски се наоѓа на една висока тераса над ХЕ "Матка", од спротивната страна на манастирот Андреаш, а во близината на селото Шишево. Пишуваните извори се скудни за овој манастир, но сепак, во еден препис на манастирски Поменик се споменува дека во подигањето и живописувањето на постарата црква помагал кралот Марко, така што може да му се припише ктиторство. Не се знае точно кој бил ктиторот и на новата црква, а се претпоставува дека лично се заложил скопскиот митрополит Симеон.
Манастирската црква се состои од две градби. Постарата првобитна градба претставува еднобродна црква со тристранл апсида и полувалчест свод. Западниот дел е збиен впишан крст граден од камен и тула и неговите фасади се расчленети со лизени и слепи аркади. Оваа црква има витко осмоаголно кубе и денес претставува припрата.
Во црквата Св. Никола има два слоја живопис. Старите фрески кои потекнуваат од XIV век делумно се откриени под живописот од XVII век. Од старите фрески видливи се ликовите на четворица свети оци на северниот и на јужниот ѕид на олтарот и двајца свети воини во наосот. Тоа се светите воини Ѓеорги и Димитрија облечени во современи владетелски одежди со високи капи, слични на оние од Небескиот двор во Марковиот манастир Според досега познатите фрески од првиот слој живопис се чини дека го изработиле двајца сликари кои припаѓаат на племенско-монашката група на сликари од втората половина на XIV вен идентификувани на просторот на Скопската митрополија.
Живописот од 1630 година кој се наоѓа во втората црква, односно во припратата, е мошне добро зачуван. Во долната зона се сликани одделни светители, над нив сцени од животот на св. Никола, а во горните зони се сцените од чудата и маките на Исус Христос. Живописот од 1630 година ги носи сите карактеристики на овој период - цртежот доминира, линијата е сигурна и коректна, сцените   се   исполнети   со   наративност,   пренатрупаност   на композициите, скуден колорит, а преовладува теракотно-црвената боја.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. АРХАНГЕЛИ - с. КУЧЕВИШТЕ

Во живописната долина на Кучевишка Река, на околу 3 км северозападно од село Кучевиште, во подножјето на Скопска Црна Гора, се наоѓа манастирот посветен на св. Архангели Михаил и Гаврил.
Се смета дека е изграден во втората половина на XIV век. Според натписот над влезната врата од внатрешната страна на припратата се дознава дека црквата е градена во 1631 година, а живописана во 1701 година, според натписот над црковната врата, со помош на поп Никола при игуменот Стефан.
Во основа црквата има форма на тролист со осмострана купола која се издига на четири столба. На источната страна има тристрана апсида. На горниот дел на фасадите, особено околу прозорците и венецот, се употребени декоративни лончиња во форма на крст кои на црквата и даваат особен изглед. Црквата е градена од кршен камен и цигла и по стилот на градењето би можела да датира од крајот на XIV век и почетокот на XV век. Подоцна, на западната страна на црквата е додадена припрата која е ѕидана од кршен камен.
Во живописот во припратата е сликано Стеблото Јесеево во кое има претстави на античките пророчици Сибили, потоа сите 15 композиции кои претставуваат разни настани за јавувањето на архангелите Михаил и Гаврил. Сликани се Вселенските собири (5, б, 7) преземени од старото сликарство, сцени од Акатистот на Богородица.
Колоритот на зачуваниот живопис е доста анемичен, цртежот е посмел и живо ги обликува формите, предадени во прилично намалени формати. Во композициите сликарот внел и елементи на пејзаж кој ќе биде особено негуван во XIX век.
Во оваа црква се наоѓала една извонредна икона на која се илустрирани 158-иот, 159-иот и 160-тиот псалм Давидов. Иконата е позната под името Хвалите Господа и денес се чува во Уметничката галерија во Скопје.
Царските двери и големиот крст припаѓаат на групата двери од Прилепско - слепчанската резбарска школа од XVI век.
Архиерејскиот трон изработен во ореово дрво е сличен со архиерејскиот трон во манастирот Св. Прохор Пчински, украсен со инкрустација, копаница и токарени вити колонки. Од стариот црковен мебел останале 2 певници инкрустрирани со коска што се датираат од XVIII век.

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3123
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7595
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная