СЛОВО 5
За издигнувањето на умот.
ГЛАВА 1
Блажениот Мојсеј, преку славата на Духот што блескала на неговото лице, која не можел да ја гледа ниту еден човек, ни покажал како ќе бидат прославени телата на светите при воскресението на праведните, со славата којашто верните души на светите се удостоени да ја имаат уште сега во внатрешниот човек. Зашто речено е: „Ние, пак, сите со откриено лице”, т. е. во внатрешниот човек, „гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава” (2. Кор. 3, 18). За Мојсеј уште е напишано дека четириесет ноќи и исто толку денови не се сетил ниту на храна, ниту на пиење, а тоа не е својствено за човечката природа. Меѓутоа, Мојсеј примал духовна храна ‡ истата со која светите души уште сега се причестуваат од Духот.
ГЛАВА 2
Славата со која уште овде се збогатуваат душите на светите, при воскресението ќе ги покрие и облече голите тела и ќе ги издигне на небесата, и тогаш тие, и со телото и со душата, непрестајно ќе почиваат во царството Божјо. Создавајќи го Адам, Бог не му дал телесни крилја, како на птиците, затоа што имал намера по воскресението да му подари духовни крилја, па со нив да лета и да се издигнува, несомнено, каде што ќе посака Духот. А овие умствени крилја им се дадени уште сега на душите на светите и тие ги восхитуваат нив кон небесното мудрување, затоа што христијаните имаат еден поинаков свет, поинакви облеки, поинаква трпеза, поинаква наслада. Зашто знаеме дека Христос ќе дојде од небесата да ги воскресне починатите од почетокот на векот, како што учат и божествените Писма, и дека ќе ги раздели воскреснатите на два дела, итн.
ГЛАВА 3
Оној што се грижи, колку што може посовршено, да напредне во христијанскиот живот, пред сè, треба највнимателно да се погрижи околу смислата, способноста за расудување и околу господаречката сила на душата, со цел да прави прецизна разлика меѓу доброто и лошото, па откако од чистата природа ќе ги оддели страстите, што í се прикачиле на природата, да може да живее непречено, користејќи ја способноста за расудување како око, и да биде во состојба да не се согласува со побудите кон порокот. Зашто во душата постои желба ‡ членовите на телото да ги запазува чисти од изопаченоста на чувствата, да се оградува од световните разоноди, да го чува срцето, со цел тоа да не ги расејува своите помисли низ сето пространство на светот, туку од секаде да ги собира и чува од земните грижи и задоволства. И така, кога Господ ќе види дека човекот живее на тој начин, толку е строг кон себе и подготвен да Му служи со страв и трепет, му ја дава помошта на Својата благодат. Но што да прави Бог со оние што доброволно му се предаваат на светот и ги следат неговите задоволства?
ГЛАВА 4
Оние пет трезвени девојки, кои во садовите на срцето имале земено од маслото необично за нивната природа, т. е. од благодатта на Духот, успеале да влезат заедно со Младоженецот во брачната одаја. А другите, неразумните и зли девојки, задоволни со својата сопствена природа, не биле трезвени и не се погрижиле околу тоа во своите срца да земат од истото масло, од истиот елеј на радоста, туку како да биле заспани поради неработењето, мрзеливоста и вообразбата за својата праведност, поради што и брачната одаја на царството за нив останала затворена. Зашто, очигледно е дека биле задржани поради некоја световна поврзаност и световна љубов, и токму затоа не покажале совршена љубов и приврзаност кон Небесниот младоженец. А душите што ја бараат оваа светиња на Духот, необична за нивната природа, и со сета своја љубов се прилепиле кон Христа, таму чекорат, таму се молат, таму расудуваат и размислуваат, далеку од сè друго. Зашто, ако петте душевни сетила: разбирањето, знаењето, расудувањето, трпението, милоста, ја примат одозгора благодатта и светињата на Духот, ќе станат навистина мудри девојки. А ако останат при својата природа, тогаш навистина стануваат неразумни и излегува дека се чеда на светот.
ГЛАВА 5
Како што порокот е нешто туѓо за нашата природа ‡ тој се прикрадол во нас како последица на престапот на првиот човек, а ние сме го прифатиле и, со време, тој за нас станал нешто како природа ‡ така преку ова необичново за нашата природа (мислам на дарот на небесниот Дух) треба повторно да го истераме порокот од нашата природа и повторно да се утврдиме во првобитната чистота. Зашто ако не успееме да стигнеме до ова преку многу молби, вера, внимание и одвраќање од световното, и ако нашата природа, осквернета од порокот, не се освети со онаа љубов, т. е. со Господа, и ако не останеме до крајот на истиот пат, исполнувајќи ги Неговите божествени заповеди, не ќе можеме да го добиеме небесното царство.
ГЛАВА 6
Имам намера, според своите можности, да изложам едно деликатно и длабоко учење. Безграничниот и бесплотен Господ, по Својата безгранична добрина, влегува во плот. Великиот и Предсуштествениот, како што би рекол некој, се смалува, за да може да се соедини со Своите созданија надарени со ум ‡ душите, мислам на светите и на ангелите, па и за нив да се отвори можноста да учествуваат во бесмртниот живот на Неговото Божество. Затоа што секоја твар, и ангелот, и душата, и демонот, по својата сопствена природа, е тело. Зашто, иако се тие истенчени (префинети), сепак, по својата суштина, карактерните црти и образот на соодветната истенченост на својата природа, тие се тенко тело, додека, пак, ова тело, по својата суштина, е дебело. Така и душата, како тенко тело, се обложила и облекла со членовите на ова тело, се облекла со окото, со коешто гледа, се облекла со ова уво, со коешто слуша, со рака, ноздри, со еден збор, душата се облекла со сите членови на телата и се споила со нив, па така и ги извршува сите функции карактеристични за неа во животот. Исто така и неискажливата и несфатлива Христова добрина се смалува, прима плот, се спојува со верните души коишто Го љубат Христа, ги опфаќа и, како што вели Павле, станува со нив „еден дух” (1. Кор. 6, 17), така да се каже, душа во душа и ипостас во ипостас, па таквата душа да може да живее преку Неговото Божество, да го достигне бесмртниот живот и да се насладува со нерасипаното задоволство и неискажливата слава.
ГЛАВА 7
За таквата душа Господ, кога Му е згодно, е оган, што во неа изгорува сè што е непригодно и произлезено однадвор, како што вели и пророкот: „Бог, е оган, што гори” (5. Мој. 4, 24), а понекогаш е неискажливо спокојство, понекогаш, пак, со радоста и мирот ја грее и опфаќа душата. Таа, пак, доволно е само да се грижи да Го љуби и да Му угодува преку добрите расположенија на срцето, па опитно, на начин опиплив за чувството, таа ќе ги види оние неискажливи богатства, „што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна” (1. Кор. 2, 9), и преку кои Духот Господов за душата, којашто се покажала достојна за Него, де е спокојство, де радост и наслада и живот, затоа што Тој се плототвори Себе си и како духовна храна, и како облека, и како неискажлива убавина, со цел на тој начин да ја исполни душата со духовна веселба. Зашто вели: „Јас сум живиот леб” (Јован 6, 51), и: „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен” (Јован 4, 14).
ГЛАВА 8
Така Бог им се јавувал, како што сакал и како што било од полза за оној што се удостоил за видение, на секого од свештениците и светите. На пример, на еден начин му се јавувал на Авраам, на друг на Исак, а поинаку на Јаков, Ное, Даниил, Мојсеј, Давид, и на сите пророци, смалувајќи се и плототворејќи се Себе си, како што е кажано, преобразувајќи се и овозможувајќи им на овие, коишто го љубеле, поради големата и несфатлива љубов што ја имал кон нив, да Го видат. Но не таков каков што е Сам по Себе, затоа што Бог е непоимлив, туку во согласност со нивната моќ за сфаќање и нивната сила.
ГЛАВА 9
Душата што се удостоила да прими во себе сила одозгора и оној божествен оган, имајќи ја љубовта на небесниот благ Дух споена со своите членови, потполно се ослободува од оковите на порокот. Исто како што железото или оловото, златото и среброто, ставени во оган, се растопуваат, и тврдоста на својата природа ја променуваат во мекост, и додека се во огнот силата на огнот ги прави погодни за обработување, смекнати, ја отстранува нивната природна цврстина, така и душата којашто во себе го примила небесниот оган на духовната љубов се трга настрана од секаква приврзаност кон духот на светот, се ослободува од оковите на порокот, ја отфрла својата природна гревовна грубост и сè што е световно смета дека е малечко и недостојно за почитување. Велам, значи, дека ако таа има браќа, што безгранично ги љуби, и тие почнат да í пречат во онаа љубов, тогаш таа се одрекува дури и од нив, пленета од таквата љубов. Зашто ако плотската љубов на оние што стапуваат во брачен сојуз одвојува од таткото, мајката, браќата, и ако човек и љуби некого од нив, тогаш не го љуби многу, а сето расположение и сета приврзаност ја насочува кон својата сопруга, и ако плотското пријателство толку го одвојува човекот од секое друго световно пријателство, тогаш оние што í се предале на бестрасната љубов едвај да може да ги задржи што и да било световно.
ГЛАВА 10
Бог, како добар и човекољубив, е долготрпелив и срдечно го очекува покајанието од секого од оние што згрешиле, обраќањето на покајникот сметајќи го за небесен празник. Зашто самиот вели: „На небото ќе биде... радост за еден грешник, кој се кае” (Лука 15, 7). Но ако некој, гледајќи ја оваа благост и долготреливост, гледајќи дека Бог не казнува за секој грев, очекувајќи, како што рековме, покајание, ја презре заповедта и благоста ‡ оф! ‡ ја претвори во повод за небрежност, на гревот додавајќи му грев, врз еден гревовен пад изградувајќи друг, на мрзеливоста додавајќи í мрзеливост, тогаш тој ќе ја наполни мерата на гревовите и ќе биде заробен од некој таков грев, од којшто нема да може да стане, па погинува, залудно спасен од пропаѓањето и, на крајот, предаден на лукавиот. Така се случило со содомјаните. Тие ја наполниле, дури ја преполниле мерата на гревовите и кога во нив не останала, така да се каже, ниту искра од покајание ‡ Бог пресудил да станат плен на огнот. Така било и во времето на Ное. Луѓето, предадени на незаузданите стремежи кон порокот, не покажувајќи во себе никакво покајание, си собрале таков товар од гревови, така што потполно ја расипале целата земја. Исто така, Бог бил благ и кон Египќаните, кои многу грешеле и го измачувале народот Божји, не ги истребил целосно, туку преку разни казни ги водел кон покајание. А кога, одвај што се обратиле кон Бога, тие повторно му се враќале на порокот, му се предавале на претходното неверие и, најпосле, тргнале да го гонат изведениот народ Божји, тогаш судот Божји потполно ги истребил и погубил. И кога Израилот многу грешел и ги убивал пророците Божји, Бог го запазувал за Него вообичаеното долготрпение. Но кога Израилците толку напреднале во злобата, така што не им било срам ниту од достоинството на Владиката, туку и на Него ги ставиле убиствените раце, тие засекогаш биле отфрлени и отпаднале од својата чест, од нив е одземено пророштвото, свештенството, богослужењето, и дадени се на народите што поверувале.
ГЛАВА 11
Со сето срце да поитаме кон Христа, Кој нè повикува да ги излееме пред Него срцата, да не очајуваме упорно поради своето спасение. Зашто онаа препредена измислица на лукавиот ‡ сеќавањето на претходните гревови, доведува до очајание. Но ние треба во умот да го имаме следново: Ако Господ, кога дошол, бил лекар и исцелител на слепите, раслабените и глувите, ако ги воскреснувал и мртовците што веќе почнале да се распаѓаат, колку повеќе ќе ја исцели слепоста на умот, раслабеноста на душата и глувоста на негрижливото срце, затоа што душата не ја створил некој друг, туку истиот Оној што го створил и телото. И ако бил толку благоволен и милостив кон она што се распаѓа и умира, зар нема уште почовекољубиво да ја излечи бесмртната душа, којашто била разболена од болеста на порокот и незнаењето, а потоа Нему Му пришла и од Него просела? Зашто Негови се следниве зборови: Мојот Отец небесен „ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе... Ви велам, ќе ги заштити набргу” (Лука 18, 7). А исто така и: „Сакајте и ќе ви се даде” (Мат. 7, 7); и уште: „Макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба” (Лука 11, 8). А со ова Тој нè убедува да просиме неотстапно и постојано, зашто Тој и дошол токму заради грешниците, за да ги обрати кон Себе. А ние само треба, откако ќе отстапиме од претходните лоши дела, да Му се предадеме на Господа. И нема да нè презре, туку ќе биде готов да ни ја даде Својата помош.
ГЛАВА 12
Како што во расудувањето на болните и немоќните фактот дека нивното тело веќе не е во состојба да прима јадење и пиење ги доведува до очај и е предзнак на смртта, па пријателите и роднините, кога ќе се случи тоа, почнуваат да плачат, така Бог и ангелите сметаат дека се за големо жалење и плачење душите коишто не се во состојба да се хранат со небесната храна. Според ова, ако си станал престол Божји и Бог седи на тебе, ако твојата душа сета станала духовно око, сета ‡ светлина, наситена од онаа храна на Духот, напоена од живата вода, од духовното вино што го весели срцето, ако си ја облекол душата во ризата на неискажливата светлина, ако твојот внатрешен човек опитно и несомнено го дознал сево ова, тогаш ти веќе живееш со вечниот живот и во ова време почиваш во Христа. А ако не си го добил ова и не го поседуваш, тогаш пролевај горки солзи и липај, зашто сè уште го немаш тоа богатство, и непрестајно грижи се и моли се поради твојата сиромаштија. О, кога бедниот би ја сетил својата беда и не би се однесувал безгрижно, како презаситен од божественото богатство! Зашто речено е: „Секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори” (Мат. 7, 8).
ГЛАВА 13
Ако и оној сложен (материјален) елеј има толкава сила, што помазаните со него добиваат царска слава, тогаш колку повеќе оние, чиј ум и внатрешен човек се помазани со осветувачкиот елеј на радоста и го примиле залогот на благиот Дух, ќе се издигнат до мерата на совршенството, т. е. царството и посинувањето Христово, станувајќи учесници во славата на самиот Цар, кои имаат право кога сакаат да влегуваат и кога сакаат да излегуваат од кај Отецот. Зашто, макар и да не го добиле целото наследство, додека се сè уште обложени со тежината на плотта, сепак, поради залогот на Духот, она на што се надеваат за нив е несомнено, како и тоа дека ќе се зацарат заедно со Христа и ќе се најдат во изобилството и полнотата на Духот. Тие не се сомневаат во тоа, затоа што, уште додека биле во плот, ја искусиле онаа сила и онаа наслада. Зашто благодатта, што слегува преку очистувањето на внатрешниот човек и умот, целосно ја симнува покривката на сатаната, ставена врз луѓето поради непослушноста, и ја очистува од душата секоја скверна и нечиста помисла, со цел душата да стане чиста, па откако ќе ја прими својата сопствена природа, со јасен поглед и непречено да ја гледа славата на вистинската светлина. И таквите уште овде се издигнуваат до оној век и ги созерцуваат тамошните убавини и чудеса. Исто како што телесното око, кога ништо не му фали и е здраво, може без проблем да ги гледа сончевите зраци, така и тие, чиј ум е просветен и чист, во секое време го созерцуваат незгасливиот болскот Господов. Но луѓето не стасуваат лесно до тој степен. Напротив, за тоа се потребни долготрајни напори, неизбројни подвизи и пот. Зашто има многу такви, во кои е активна благодатта, и од кои, исто така, ни најмалку не отстапил порокот, што се крие во нив, така што во едно исто срце дејствуваат два духа ‡ духот на светлината и духот на темнината. А кажаното: „ Што општо има меѓу светлината и темнината” (2. Кор. 6, 14), и: „Светлината во темнина свети”, итн. (Јован 1, 5), треба да се сфаќа во различен однос, а не еднострано. Некои до таа мера почиваат во Божјата благодат, така што можат да владеат со себе и да не му дозволуваат на гревот, што живее во нив, да ги победи. И понекогаш се случува, тие се наоѓаат во срдечна молитва и спокојни се, а потоа ги напаѓа дејството на нечистите помисли и гревот ги ограбува, иако во нив престојува и благодатта. Затоа некои лесномислени луѓе, кои не разбрале точно колку во нив дејствува божествената благодат, мислеле дека во нив гревот е сосема истребен. А тие што имаат моќ на расудување и ум нема да негираат дека, и кога во нив престојува Божјата благодат, скверните и неумесни помисли ги наведуваат да се колебаат.
ГЛАВА 14
Не еднаш сме виделе некои од браќата да добијат богата благодат и, по пет или шест години нејзино дејствување, похотите во нив сосема да свенат и згаснат. А потоа, кога ќе помислеа дека стасале до пристаништето и мирот, порокот се појавуваше како од заседа и така безобѕирно и сурово ги напаѓаше, што тие беа многу зачудени и збунети. Од таа причина, ниеден човек со прониклив разум не се осмелувал да зборува за себе: благодатта е со мене, значи, слободен сум од гревот ‡ затоа што, како што кажавме погоре, во истиот ум дејствуваат два духа. И иако лекомислените луѓе и незналиците, имајќи во себе една сосема тенка духовна нитка, веќе зборуваат: победивме! ‡ сепак, мене ми се чини дека во реалноста работите стојат така. Затемнетиот воздух или маглата, имено, ја помрачуваат прекрасната светлина на сонцето дури и кога тоа најсилно блеска. А речиси во таква положба се тие што се удостоиле за Божјата благодат, ама не се очистиле потполно и во длабочината уште ги владее гревот. Зашто, навистина, потребна е голема моќ за расудување за тоа да се провери преку најсовршениот опит.
ГЛАВА 15
Исто како што човек без очи, јазик, уши и нозе, не може да гледа, зборува, слуша или оди, и без Бога и енергијата што ја дава Тој подеднакво е невозможно човек да стане заедничар на божествените тајни и да ја познае Божјата премудрост или да се збогати по дух. Мудрите кај хелените се занимаваат со словесните науки и сесрдно времето го поминуваат во расправи, а слугите Божји може и да се незапознаени со словесните науки, но се усовршуваат со божественото знаење и Божјата благодат.
ГЛАВА 16
Уверен сум дека и самите апостоли, исполнети со благиот Утешител, не биле целосно слободни од грижи, туку по веселоста и неискажливата радост, следувал и некаков страв, као последица од самата благодат, а не затоа што тие оставале простор злобата да дејствува во нив. Зашто благодатта ги држела безбедни дури и од најмалечко отклонување од правиот пат. Како што некое дете, кога ќе фрли каменче врз некоја карпа, нема ништо да í направи, или како што слабата стрела не може ништо да í наштети на цврстата бронза, така и секој дел од порокот, што ќе им се прикачел, се покажувал неделотворен и залуден, зашто тие биле добро оградени со Христовата сила. Сепак, и покрај сето совршенство, тие сè уште имале слободна волја. И неразумно велат некои дека по доаѓањето на благодатта настанува одврзување и ослободување од грижите. Господ и од совршените бара душата да сака да Му служи на Духот, за да има взаемна согласност. Зашто апостолот вели: „Не гаснете Го Духот” (1. Сол. 5, 19).
ГЛАВА 17
Секој лесно може да објасни некоја работа со прости зборови. Така, на пример, секој може лесно да каже дека лебот се прави од пченица. Ама нема кај секого да се најде доволно знаење подробно да опише како се прави. Тоа можат да го направат само оние што имаат искуство во тоа. Слично на тоа, не е многу тешко да се каже нешто просто за бестрасноста и совршенството, но да се дознае работата преку искуството значи, исто така, реално и вистински да се сфати како се стекнува совршенството.
ГЛАВА 18
Оние што изложуваат некое духовно учење, а не го искусиле и не го провериле со својот опит, ги споредувам со човек, кој лете, напладне, поминува низ безводна пустиња, па поради силната жед што го мачи, си замислува дека крај него има студен извор со слатка и бистра вода, и си вообразува дека се насладува со водата колку што сака. Или со човек, кој не пробал ни капка мед, ама се обидува на другите да им објасни колку е сладок медот. Такви се навистина и оние што сакаат да им објаснат на другите што е тоа совршенството, светињата и бестрасноста, а не го дознале тоа на дело и не се увериле преку своето сопствено искуство. Зашто ако Бог им даде да добијат барем малечко сознание за тоа за што размислуваат, тогаш несомнено ќе сфатат дека вистината и самата работа за којашто зборуваат не одговараат на нивното објаснување, туку многу се разликуваат.
Евангелието решително му заповеда на секој човек едно да прави, а друго да не прави, за да Му стане угоден на човекољубивиот Цар. Зашто вели: не се гневи, не посакувај, „ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот” (Мат. 5, 39). Апостолот, пак, постепено објаснувајќи го заповеденото, поучува и на тоа како, малку по малку, да се извршува очистувањето, имано, со трпение и великодушност, и отпрвин како храна дава млеко, како на бебе, потоа го доведува човекот да порасне и, најпосле, го доведува до совршенството. И, да кажеме така заради пример, евангелието одредило: најсовршениот хитон направи го од волна. А апостолот на прекрасен начин објаснил како да се преде волната, како да се исткае и направи хитонот.
ГЛАВА 20
Некои се воздржуваат од јавен блуд, грабеж, љубов кон стекнување, и слични лоши дела, и поради тоа се сместуваат себе си во редот на светите. Но ним многу работи им фалат, па и реално и вистински да станат свети. Затоа што неретко во умот сè уште се крие, живее и се влече порокот, што воопшто не ги ни напуштал. А свет е оној што го осветил и потполно го очистил внатрешниот човек. Некој од браќата, молејќи се заедно со другите браќа, бил обземен од божествената сила и, наоѓајќи се во восхит (додека се издигнувал), го видел горниот град Ерусалим. Ги видел тамошните светли живеалишта, безграничната и неискажлива светлина, чул глас кој велел: Ете го местото на почивка на праведните! Потоа станал надмен и си изградил високо мислење за себе, па паднал во длабочината на гревот и, најпосле, станал плен на големи зла. А ако така се случило со него, тогаш може ли еден прост човек да рече: Постам, живеам одвоено, го раздавам имотот, се сочував од споменатите лоши дела, значи, што пречи и јас да бидам свет? Воздржувањето од видливите лоши дела сè уште не е совршенство, како што е речено, туку очистувањето на умот ‡ ете го совршенството!
ГЛАВА 21
Ти кој си претпоставуваш така, будно надѕирајќи ги своите помисли, влези во твојот ум, заробеникот и робот на гревот, и разгледај што има на неговото дно, во длабочината на твоите помисли ‡ мислам на змијата, што се гнезди во така наречените тајни одаи на твојата душа и ги умртвува најважните нејзини членови. Зашто срцето навистина е бездна на која крајот не í се гледа. Според тоа, ако си ја убил оваа змија, ако си се очистил од секое беззаконие, ако си го исфрлил од себе гревот, тогаш пофали се во Бога со чистотата. А во спротивно, првин смири се, како сè уште безначаен и грешен човек, и пристапи кон Христа, молејќи се за твоите тајни нешта. Зашто сето старо и ново Писмо очигледно расудуваат за чистотата и секој човек, и јудеец и хелен, го сака зборувањето за чистотата, макар таа и да не е делотворна во сите. А да се достигне ова, т. е. чистотата на срцето, не е можно поинаку, освен преку Исуса. Зашто Тој е ипостасна и сушта Вистина, и без оваа Вистина не е можно ниту да се познае вистината, ниту да се задобие спасението.
Превод: отец Игор Калпаковски
Св. Макариј Велики : СЛОВО 1, За чувањето на срцето
Св. Макариј Велики : СЛОВО 2 - За духовното совршенство
Св. Макариј Велики : СЛОВО 3 - За молитвата
Св. Макариј Велики : СЛОВО 4 - За трпението и расудувањето