БЕСЕДА 41
Тајните простори на душата, којашто постепено расте во благодатта и во пороците, се мошне длабоки.
1. Скапоцениот сад на душата престојува во голема длабочина, како што е некаде кажано: „Он проникнува во бездната и во срцето” (Мурд. Сир. 42, 18). Откако човекот се отклонил од заповедта и подлегнал на осудата на гневот, гревот го зел за свој поданик и како некаква бездна на горчина, истенчена и длабока, којашто влегла внатре, ги завладеал пасиштата на душата до нејзините најдлабоки простори. Затоа и душата и гревот, што се смешал со неа, го споредуваме со големо дрво со многу гранки, чиишто корења се длабоко во земјата. Гревот, кој влегол во душата и ги завладеал нејзините пасишта до најдлабоките простори, се претворил во навика и предубедување (предрасуда) и уште од младешката возраст расте и се развива во секого и го учи на лошо.
2. Затоа, кога дејството на божествената благодат ќе ја осени душата, според мерата на верата на секого, и душата ќе прими помош одозгора. Тогаш благодатта ја осенува душата сè уште само делумно. И немој да мислиш дека е можно кај некого да биде озарена целата душа. Внатре во неа останува уште многу храна за порокот и на човекот му се потребни голем труд, напор и усогласување со благодатта, којашто дејствува во него. А божествената благодат, којашто може во еден миг да го очисти човекот и да го направи совршен, почнува да ја посетува душата постепено, за да ја испита човечката желба, дали ја запазува целосно љубовта кон Бога, дали во ниту една работа не се здружува со лукавиот, туку целосно ñ се предава на благодатта. Така душата, којашто ќе се покаже дека е искусна, по подолго време и по многу години со ништо не ја огорчува и не ја нажалува благодатта, постепено си наоѓа поткрепа. И самата благодат завладува со пасиштето во душата, и ако душата во текот на многу години се покаже дека е искусна и согласна со благодатта, тогаш благодатта пушта корења, што допираат до најдлабоките делови и помисли на душата, сè додека сета душа не биде обземена од небесната благодат, којашто станува царица во тој сад.
3. Ако некој не запазува едно големо смиреномудрие, тогаш тој се предава на сатаната, го напушта божествената благодат, па се покажува неговата вообразеност, зашто тој е тогаш гол и беден. Според тоа, оној кој се збогатува со Божјата благодат треба да престојува во големо смиреномудрие и скрушеност на срцето, да се смета себе си за беден и потполно неимотен и да мисли: Од тоа што го имам, ништо не е мое. Друг ми го дал и, кога ќе посака, ќе ми го земе. Оној што така се смирува пред Бога и пред луѓето, може да ја сочува благодатта што му е дадена, како што е речено: „Кој се понизува, ќе биде воздигнат” (Мат. 23, 12). Иако е Божји избраник, самиот нека се осудува и иако е верен, нека се смета за недостоен. Таквите души Му благоугодуваат на Бога и Христос ги оживува. Нему слава и власт во вековите! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: