Беседа 36
За двостраното воскресение на душата и телото и за различната слава на воскреснатите.
1. Воскресението на умртвените души се случува уште сега, а воскресението на телата ќе биде во оној ден. Но, како што ѕвездите на небото не се сите еднакви и се разликуваат една од друга според светлината и големината, така и во духовното напредувањата преку истиот Дух се според мерата на верата, па еден се покажува побогат од друг. Писмото вели: Оној кој зборува јазици преку Духот Божји зборува (1. Кор. 14, 2); и тој, зборувајќи со Бога, е духовен. А „кој пророкува, тој ја поучува Црквата” (4); и тој има изобилство на благодат. Зашто првиот се поучува само самиот себе, а вториот - и себе си и ближниот, т. е. слично на пченичното зрно посеано во земјата, тој од едно срце изнесува многу и најразлични зрна. А и од самите класови едни се повисоки, а други пониски, но сите се собираат на едно гумно, во еден амбар. И иако се различни, од нив се прави еден леб.
2. Или како што во градот има многу луѓе: едните се малечки деца, други мажи или момчиња, но сите пијат вода од истиот извор, јадат ист леб и дишат ист воздух; или замисли си факели; ако еден има две дршки, а друг седум, тогаш оној што има повеќе светлина свети поинаку: така и оние кои се внатре во огнот и светлината не можат да бидат во темнина, но меѓу нив постои голема разлика. Ако некој татко има два сина, еден малолетен, а друг момче, момчето го испраќа по градовите и областите, а малолетниот син насекаде го носи со себе, затоа што тој сè уште ништо не може сам да прави. Слава на Бога! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: