·
http://www.mpc.org.mk/pouka.asp
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Светот прави негативна селекција, а Бог позитивна. Светот отсекогаш сакал да ги отстрани, на крај и да ги убие Божјите луѓе и пророци, а Бог со генерации ги негувал Своите светии, за на крај да добиеме плодови како Божјата Мајка – Пресветата Богородица и Секогашдева Марија, и светиот Јован Пророк и Крстител Господов. Светот сакал да ги запознае со цел да ги уништи светите луѓе: „На Јован јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?”
И сакаше да Го види“... – оти ниту знае, ниту има друг начин да се справи со нив; додека пак, обичните луѓе, ако не небесен живот и духовно раководство, бараат барем разрешување на своите страдања при нив: „Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за Царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување“.
Прашањето е – зошто светот тоа го прави? Затоа што кај оној што си го очистил срцето од страстите, демонот нема пристап однатре да го држи заробен и да го напаѓа, туку мора однадвор, преку луѓето што веќе ги владее. Таквите луѓе, преку страста славољубие и надвор од послушание и духовно раководство, имаат направено идол од својот разум, а во секој идол се наоѓа демонот – човекоубиец од почеток. Ете, токму затоа.“
Со дедо Наум низ Евангелието
Monika Nikolova
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 9:7-11
7. Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;
8. други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.
9. И рече Ирод: „На Јована јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?” И сакаше да Го види.
10. А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида.
11. Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.