(Обновено)
(
Беседа на ден 23.10.2005, спомен на Преподобен Теофил Струмички и Св. мч-ци Евлампиј и Евлампија
Епископ Велички Методиј
Возљубени браќа и сестри, Ние постојано со Господовата молитва – онаа молитвата којашто самиот Спасител ни ја остави – се молиме на нашиот Отец небесен “да биде волјата Твоја во сe”. Истото го направи и Симон Петар, кој штотуку го запозна Спасителот како што читаме во Евангелието, му се обрати со истите овие зборови: “Цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, ама по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата”. Нема ништо поблажено, возљубени, од тоа постојано да се предаваме на волјата Божја, постојано да живееме испитувајќи што навистина е според волјата Божја. Но тоа предавање и тоа испитување не значи дека треба да оставаме сe Бог да создава и сe Бог да чини, туку напротив – постојано ревносни во исполнувањето на Божјите заповеди да испитуваме што е она што на Бога Му е угодно, што е она што е според логиката Божја. Зошто нема посигурен пат и нема побезбедно засолниште од она да се исполнува вистински волјата Божја. Тогаш навистина според зборовите на Св.Јован Крстител ние се смалуваме, се смалува нашата волја, се смалува волјата на паднатиот човек, а расте Христос во нас, расте Христовата волја, Божјата волја во нас и тогаш навистина секое дело е благословено, тогаш секоја мисла е мудра, тогаш секој пат е спасоносен. Онака како што беше и спасоносен патот на овие прости рибари покрај Генисаретското езеро коишто на крајот оставија сe и појдоа по Христа, како што беше и нивниот улов голем не само во рибите туку уште повеќе и во верата, уште повеќе и во љубовта којашто ја стекнаа кон Спасителот. А многу повеќе и во нивните зборови коишто ги направи најмудри меѓу сите луѓе на овој свет оние преку коишто Бог благоволи Словото Негово да се распространи по целата земја.
За сето тоа е потребно токму тоа смирение, таа храброст на смирението во којашто ќе ја оставаме нашата логика, ќе ја оставаме нашата волја и ќе ја бараме и ќе ја исполнуваме волјата Божја. Само тогаш навистина и самите ќе се ставиме и ќе се вградиме во тоа апостолство, апостолство на коешто сите ние христијаните сме повикани, не со зборови туку со дела и со живот. Дела и живот, коишто преку исполнувањето на волјата Божја ќе не воведат во нашата единствена татковина – Царството Божјо. Амин
|
Беседа на Епископ Велички г. Методиј во манстирската црква „Св. Георгиј“, Криви дол- Скопје, Р. Македонија
Забележала: Елена