Свети Јован Дамаскин
Најнапред беше министер на калифот Абдалмелех, а потоа монах во манастирот на Св. Сава Осветен. Заради ревносно застапување на иконопочитувањето во времето на иконоборниот цар Лав Исавријанин Јован беше наклеветен од овој цар кај калифот, којшто му ја отсече десната рака. Тој припадна на молитва пред Пресвета Богородица и раката му се состави и чудесно му зарасна. Кога го виде тоа чудо калифот се покаја, но Јован повеќе не сакаше да остане кај него како големец, туку се повлече во манастир, каде што во почетокот им беше пимер на монасите во смирението, послушноста и во сите монашки подвизи. Испеа посмртни песни, го состави Октоихот, Ирмологијата, Месецословот, Пасхалниот Канон и напиша многубројни богословски дела со вдахновение и длабочина. Голем како монах, и како поет, и како богослов, и како војник на Христовата вистина, Дамаскин се вбројува во големите отци на Црквата. Се упокои мирно во 776 година, во сто и четвртата година од својот живот.


Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчакта философија Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требаше да биде посветен за свештеник се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на Светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиск (под 22 мај), во чијашто црква ја прими Светата Причест. „Слава Му на Бога за сѐ!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на Св. Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.

























