логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 Bogorodica.sretenie.jpg

СРЕТЕНИЕТО  ХРИСТОВО


 Четириесет дена од Неговото телесно раѓање Христос беше принесен во Храмот, согласно со установите од законот. А бидејќи таму во Храмот му беше приреден дочек од Духом движени луѓе, а особено бидејќи Симеон го зеде во својата прегратка, затоа и се нарекува Сретение. Зборот произлегува од глаголот пресретнувам и значи доаѓам да сретнам некого.
 Црквата определи овој голем господовобогородичен празник да се празнува на 2. Февруари, затоа што тој ден е четириесеттиот од 25. Декември, кога се празнува Христовото раѓање во тело. На тој начин го дели годишното време со степените на Божјиот домострој и го благословува. Истовремено му ја дава на човекот можноста да се посвети во големата тајна на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји.
 Настанот на принесувањето на Христа во Храмот во четириесеттиот ден од еговото раѓање го опишува само Евангелистот Лука (Лука 2, 22 - 39).


А

Самиот Бог, т.е. неовоплотениот Логос Божји, му ја даде на Мојсеј заповедта за очистувањето во четириесеттиот ден и тоа беше востановено за сите Израилци.  Оваа заповед му беше дадена на Мојсеј уште пред да се случи славното излегување на Израилците од Египет, т.е. пред нивното преминување низ Црвеното Море.

 Заповедта во врска со тоа е оваа: “Му рече Господ на Мојсеј, велејќи: Посвети ми го секое првородено кое ја отвара секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене Ми припаѓаат” (Исход 13, 1 - 2). Оваа заповед се однесуваше и на првородените машки од животните, коишто требало да се одделат и да Му се принесат на Бога. Заповедта Божја беше јасна: “и секое првородено од стадата или од добитокот што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа!” (Исход 13, 12).

 Ова посветување беше знак за признавање на Божјото доброчинство и доказ дека Му припаѓаат Нему. Познато е дека заповедта за посветувањето на првороденото машко дете му беше дадена на Израилскиот народ, преку Мојсеј, веднаш по истребувањето на првородените Египетски деца, по што Фараонот веднаш даде дозвола за излегувањето, а секако пред да го минат Црвеното Море. Карактеристична е етиологијата на ова дејство: “зашто со силна рака те изведе Господ од Египет” (Исход 13, 9).

 Во друга книга од Стариот Завет, во Левитската, се гледа дека Бог дава повеќе детали за извршувањето на посветувањето и за благодарноста. Жената којашто ќе роди машко дете ќе му го изврши обрезанието во осмиот ден и во четириесеттиот ден ќе го принесе во Храмот. А заедно со приносот на роденото “пред скинијата на сведоштвото да донесе јагне без недостаток, едногодишно - жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев” (Левит 12, 1 - 6).

 Бидејќи Он Самиот Логосот Божји му го даде законот на Мојсеј, кога ја прими човечката природа требаше да го исполни за да не изгледа како престапник на законот. Св. Кирил Александриски вели дека кога Го гледа некој Христа како го пази тој закон не треба да се соблазни, ниту Него Којшто е слободен да го смета како слуга, туку да ја поими повеќе “длабочината на домостројот”. И исполнувањето на законот за принесувањето во Храмот припаѓа на тајната на Божјото снисходење на Синот и Логосот Божји.

 Исто така, според св. Григориј Палама, Христос немаше потреба од очистување, бидејќи очистувањето беше востановено како акон во Стариот Завет и за родителите и за родените, но тоа го направи поради послушност на Законот што Он Самиот го даде. Христос немаше потреба од очистување, затоа што беше зачнат бессемено и се роди нетрулежно. “Во секој случај немаше потреба од очистување, туку тоа беше дело на послушност”. Секако, послушноста ја има смислата на послушност на законот Божји, но и на послушност на новиот Адам наспроти непослушноста на стариот Адам. И ако непослушноста на првиот Адам за последица ги имаше падот и трулежноста, тогаш послушноста на новиот Адам, т.е. на Христа, ја врати непослушната човечка природа при Бога и го исцели човекот од одговорноста на непослушанието.


     Б

 Приведувањето на децата во Храмот во четириесеттиот ден било празник на очистување. Мајката и детето требало да се очистат од последиците на раѓањето.
Секако, раѓањето на децата е Божји благослов, но не треба да не се знае дека начинот на кој што се раѓа човекот е плод и резултат на падот. Тоа е т.н. кожна облека што ја облече Адам по падот и по губењето на Божјата благодат. Во овие рамки треба да ги видиме и зборовите од Псалмот: “зашто ете во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка” (Пс. 50, 7). Конечно, Бог го благослови тој начин на раѓање на човекот, по допуштање, но сепак тоа е плод на падот. Како родителите, така и децата треба да се сеќаваат на оваа реалност. Во овие богословски рамки треба да се толкува обредот на очистувањето.
 Кога ќе се сетиме на овие богословски вистини, тогаш можеме да видиме дека ниту Христос, ниту Богородица имаа потреба од очистување. Бессеменото зачнување и нетрулжното раѓање не претставуваат нечистотија.
 Божјата заповед што му беше дадена на Мојсеј велеше: “кога жената ќе забремени и роди машко дете, нечиста ќе биде седум дена” (3. Мој. 12, 2). Оваа одломка посредно ја покажува чистотата на Богородица, затоа што нечиста е жената која што ќе роди откако ќе биде забременета од машко семе. Меѓутоа, Богородица зачна од Светиот Дух, а не семено, и затоа не беше нечиста. Тоа значи дека не припаѓаше на овој случај, туку отиде во Храмот за да го исполни законот.

      В

 Божјата заповед беше јасна: “Посвети ми го секое првородено кое ќе ја отвора секоја утроба” (2. Мој. 13, 2). Оваа заповед истовремено е пророштво кое што се однесува на воплотувањето на Синот и Логосот Божји и нема апсолутна примена на секое првородено машко дете.
 Овој цитат нема апсолутна врска со раѓањата на другите првородени, затоа што никој човек, ниту првородениот, не ја отвара утробата на својата мајка. Св. Атанасиј Велики во една беседа во врска со ова вели дека бебињата не ја отвараат утробата на својата мајка, туку утробата се отвара при соединувањето на мажот и жената и при зачнувањето на детето. Само Христос ја отвори утробата на Својата мајка без, секако, да и ја повреди девственоста, откако и пак ја остави затворена.
 Св. Никодим Агиорит, откако наведува дека тоа што се случувало во Стариот Завет било образ на Христовото Раѓање, во продолжение вели дека само Христос ја отвори девствената утроба “Богодолично и надсфатливо; откако ја отвори со раѓањето, пак ја зачува затворена каква што беше пред зачнувањето и породувањето”.
 Христос е првородениот, и така е наречен во Светото Писмо. Секако, тоа не означува дека постои и второроден и третороден, туку дека се роди прв, независно дали постои втор или трет. Терминот “првороден” треба да се поврзе со “единороден”, како што и пак се нарекува Христос во Светото Писмо.
 Терминот првороден се однесува и на двете раѓања Христови, т.е. на предвечното раѓање од Девствениот Отец без мајка, и раѓањето во времето од Девствената Мајка без татко (св. Григориј Палама).
 Христос се нарекува првороден на три начини. Прво, затоа што се роди од Отецот пред сите векови. Апостолот Павле вели: “Којшто е икона на невидливиот Бог, првороден од сета твар” (Кол. 1, 15). А како што видовме претходно “првороден” е идентично со “единороден”. Второ, се нарекува првороден по човечкото раѓање, и независно дали се родил друг од Богородица. И трето, се нарекува првороден од мртвите, затоа што Он прв воскресна, и така му ја даде можноста на секој човек да воскресне во соодветно време. Зборот “раѓање” се употребува и за воскресението, затоа што воскресението се смета за раѓање. Апостолот Павле вели: “Кој што е пожеток, првороден од мртвите” (Кол. 1, 18). Првата смисла на “првороден” се поврзува со раѓањето на Синот Божји според Неговата природа, т.е. се однесува на Теологијата, а другите две се поврзуваат со вочовечувањето на Логосот и се однесуваат на икономијата (домостројот).
 Според св. Григориј Ниски, Христос за да ја оживотвори нашата човечка природа стана првороден на три начини. Нормално, со тоа што го вели не го подразбира Неговото предвечно раѓање од Отецот. Така, како што нашата човечка природа се оживотворува со три раѓања, т.е. со раѓањето од нашата мајка, со раѓањето од светото крштение и со тоа од мртвите што се надеваме да се случи во идниот век, истото и Христос стана првороден за нас на три начини, та да се оживотвори и обожи нашата човечка природа. Затоа што, освен телесното раѓање треба да следи и духовното раѓање.
 

     Г

 Трогателна е сцената каде што Христос се принесува како младенец во Храмот. Предвечниот Бог, кој истовремено како огос Божји беше постојано соединет со Својот Отец и со Светиот Дух, и го управуваше светот, сета вселена, се јавува како младенец во Храмот, наоѓајќи се во прегратката на Својата мајка.
 Иако Христос беше младенец, истовремено беше “предвечен Бог”, и затоа беше помудар од секој друг. Знаеме дека од соединувањето на Божјата со човечката природа во личноста на Логосот, во утробата на Богородица, човечката природа се обожи и затоа Христовата душа беше богата со полнотата на мудроста и на знаењето. Само што таа мудрост се изразуваше соодветно со Неговата возраст, затоа што ако се случуваше поинаку би изгледало дека е чудовиште (св. Јован Дамаскин). Во секој случај, иако Христос беше младенец, сепак беше Бог, имајќи ја сета полнота на Божеството телесно и сета човечка мудрост и знаење, со силата на ипостасното соединување на Божјата и човечката природа.
 Со оваа бебешка возраст Он го исцели “бебешкиот начин на мислење на Адам”. Кога Адам го создаде Адама во Рајот, Адам беше младенец во однос на Благодатта и во однос на осветувањето. Секако, имаше просветлување на умот, но требаше да биде испитан и да стаса до обожување. Бидејќи духовно беше недораснат и младенец, бидејќи имаше младешки начин на мислење, затоа лесно беше измамен од лукавиот демон којшто созреа во гревот и во лукавството. Затоа Христос, имајќи ја телесната младешка возраст, го исцели не само младешкиот начин на мислење на Адам, туку и човечката природа, и го направи тоа што не успеа да го направи првиот Адам. Така, со вочовечувањето на Неговиот Син, Бог Отецот го направи посигурно и изводливо обожувањето на човекот. Не можеше веќе ѓаволот да ја измами човечката во Христа природа, како што го направи лесно тоа со првиот Адам.
 Смирението на Синот и Логосот Божји, како што се гледа и во случајот на Неговото принесување во Храмот, го надмина и сфаќањето на ангелите, бидејќи и тие се изненадија од бескрајното Божјо снисхождение. Пророкот Авакум го пророкува вочовечувањето на Логосот Божји: “Бог дојде од Теман и Светиот од гората Фаран. Неговата добродетел ги покри небесата и пофалбата Негова ја исполни земјата” (Авакум 3, 3). Со зборот “добродетел” се подразбира вочовечувањето и Божјото снисходење на Логосот Божји. “Ги покри небесата” означува дека ја покри висината на ангелите, бидејќи и ангелите се зачудија гледајќи го бескрајното и неискажливо снисхождение на Логосот Божји.

Д

Бог одреди принесувањето на машото првороденче да се придружува со принос на непорочно јагне или пар грлици или две гулапчиња. Во книгата Левит пишува: “нека донесе при свештеникот пред скинијата на сведоштвото јагне без недостаток, едногодишно - жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев” (3. Мој. 12, 1 - 6). Евангелистот Лука вели дека родителите Христови Го одведоа во Храмот “да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две грлици или две гулапчиња” (Лука 2, 24).

Родителите Христови не принеле јагне, каква што можност даваше законот, бидејќи биле сиромашни. Богатите класи принесувале јагне едногодишно и непорочно, додека сиромашните принесувале еден пар грлици или две гулапчиња. Навистина, Христос се роди во сиромашно семејство и порасна како сиромав. Меѓутоа, Христовото сиромаштво не е само во тоа дека се роди и живееше сиромав, туку пред се во тоа дека се вочовечи и ја зеде човечката природа. Како што вели св. Григориј Богослов, Он бивајќи богат, осиромаши за да се збогатиме ние со Неговото Божество.

Законот предвидуваше да се принесува пар грлици или две гулапчиња, затоа што со првото се пројавувала разумноста на родителите, што имало врска со сопружништвото по законот на бракот, додека второто се однесувало на Богородица и на Христа, бидејќи Христос се роди од Девата и Он остана до крајот Девствен. Така, додека првото го означуваше чесниот и благословен брак, второто ја предобразуваше девственоста на Богородица и на Христа (св. Григориј Палама).

Предвиденото од законот Господов принесување беше праобраз Христов. Тоа го символизираше Христа, затоа што Христос како грлица пееше по сета земја и со Својата калифонија го наполни Своето лозје, т.е. нас коишто веруваме во Него, и како гулаб ја имаше кротоста во совршен степен. Јасно, значи, ова принесување се однесувало на вочовечувањето на милостивиот Бог.

 

 Ѓ

 Една од значајните и централни личности при Сретението, секако освен Христа и Богородица, беше и Симеон, “праведниот и благочестивиот”, кој што се удостои да Го пресретне Христа, да Го земе во своите раце и да Го препознае со силата и дејството на Пресветиот Дух. Навистина, се работи за една голема личност, колку затоа што Го виде Христа, толку и за тоа што го кажа во тој момент.
Името Симеон одговара на неговиот живот и на неговото очекување, но и на Божјото откровение кон него, затоа што во еврејскиот јазик зборот Симеон се толкува како “послушност” (преп. Никита), или “кого што го чу Господ” (св. Јован Златоуст).

Евангелистот Лука го карактеризира како човек кој што живеел во Ерусалим и бил праведен и благочестив, “очекувајќи ја утехата Израилева”. Истовремено се вели дека Го имал Светиот Дух и дека бил информиран оти нема да умре пред да Го види Христа Господов (Лука 2, 25 - 26). Сите овие белези се карактеристики на еден духоносен човек. Затоа и Светото Писмо не се интересира за неговото човечко потекло и за неговата човечка структура, бидејќи имал еден друг живот, живот духовен.

Св. Никодим Агиорит собрал гледишта на толкувачите за тоа што точно бил Симеон. Затоа што во Евангелието не се наведува изрично дали бил свештеник или не, бидејќи се нарекува човек. Така, значи, Јосиф химнографот го нарекува “свштенодејствител, најсвештен”, свештеномаченикот Методиј го нарекува “свештеник најдобар”, св. Фотиј и блажени Теофилакт велат дека не бил свештеник, туку повисок од свештеникот. Други велат дека бил еден од седумдесетте преведувачи на Стариот Завет, којшто не поверувал кога го преведувал пророштвото на Пророкот Исаија дека “девојка ќе зачне во утробата...”. Токму тогаш бил известен дека ќе живее се дури не Го прими Христа во своите прегратки. Други тврдат дека бил син на Патријархот на Евреите Хилел и татко на законоучителот Гамалиил, а други дека бил Претседател на Еврејскиот Синедрион. Исто така се вели дека имал преку 270 години. Наведувајќи го сето ова св. Никодим пишува дека тие кои што сакаат да го следат Евангелието го уважуваат Симеон Богопримецот “едноставно како маж движен од Духот”.
 Навистина, св. Симеон Богопримец дошол во храмот со силата и дејството на Светиот Дух. Го имал Светиот Дух, преку Светиот Дух бил известен дека ќе Го види Христа пред да умре, и преку Светиот Дух дошол во храмот (Лука 2, 25 - 27). Тоа ја изразува вистината дека секој треба да Го има Светиот Дух и да биде поучуван од Него. Светиот Дух не ги открива тајните на луѓе кои што се нечисти и кои што не Го имале претходно.
 Пророкот Исаија пророкува: “закрепнете ослабени раце и зајакнете колена Што треперите...бидете цврсти, не плашете се” (Ис. 35, 3 - 4). Тоа се случи со св. Симеон Богопримецот, откако, како што вели Евангелистот Лука, “дојде во храмот преку Духот”. Не само го водеше Светиот Дух, туку и го крепеше. Никој не може да Го види Бога, ако нема духовни сили, т.е. ако не е поткрепен од силата и дејството на Пресветиот Дух. Така, значи, Светиот Дух ги поткрепил неговите нозе за да одат во храмот, но и неговите раце за да о држат Христа. Георгиј Никомидиски вели дека не ги употребил своите нозе за да пристапи кон служењето на тајната, бидејќи Светиот Дух нему му станал кола која што го пренела.

Доаѓајќи во храмот праведниот Симеон, со силата на Светиот Дух Го препозна воплотениот Син и Логос Божји, Кого што пророчки Го гледаа сите Пророци. Како што вели св. Василиј Велики, Симеон и Ана ја видоа Божествената сила што беше во Христа. Како што ние преку прозорците ја гледаме светлината што е во куќата или како што од стаклените ламби ја гледаме светлината што е таму, така и чистите во срцета преку Телото Христово ја гледаат светлината на Божеството, тоа што за другите е непознато и невидливо.

Св. Атанасиј Велики ја плете пофалбата на светиот Симеон Богопримец, бидејќи бил движен од Светиот Дух и се удостоил со оваа голема чест. Вели дека Симеон иако бил човек на изглед, сепак бил натчовек невидливо. По суштина бил човек, ни по достоинството многу повисоко од луѓето околу него. Во однос на природата човек, но во однос на добродетелта ангел. Како место за живеење му бил сетилниот Ерусалим, но како метропола го имал Горниот Ерусалим. Не само што бил повисок од луѓето, туку и од “ангелите Симеон беше повисок”.

     
      Е

 Освен св. Симеон Богопримецот, во Храмот се најде и Ана, Пророчицата, која што се удостои да Го препознае Бога и да објави дека Он е нејзиниот избавител. Ана бее на возраст од 84 години, и беше вдовица, откако поживеала со својот маж седум години (Лука 2, 36 - 40).
 Карактеристичниот белег на Ана бил дека таа ден и ноќ се наоѓала во храмот и не се оддалечувала од него. Така, додека Симеон беше одведен од Светиот Дух во храмот, таа престојуваше таму и преку Светиот Дух Го препозна Бога.
 Инаку, пророштвото во Новиот Завет ја има и смислата на толкувањето преку Светиот Дух на најдлабоката смисла на законот и поопшто на Светото Писмо. Затоа, Пророци на јазикот на Светото Писмо се богословите кои што ги разликуваат духовите.


      Ж

 Присуството на праведниот Симеон и на пророчицата Ана објавува и една друга стварност, т.е. дека тие беа логосниот пар грлици кои што Го пречека Христа кога се качи во Храмот. Така заедно со нелогосниот пар грлици, Светиот Дух испрати и духовен и духоносен пар грлици, Симеон и Ана.
 Тоа покажува, според св. Григориј Палама, кои и какви треба да бидат тие што сакаат да Го примат Христа. Соединувањето со Христа претпоставува соодветен живот. Симеон беше праведен и не се споменува дали претходно го прфатил брачниот живот, додека Ана по смртта на својот сопруг го живееле благословот на вдовството и имала непорочен и чист живот.
 Во Христа живот е девственоста во Христа или Богодаденото сопружништво, како што вели св. Григориј Палама. Во една негова беседа на празникот Сретение прави голем осврт на тоа колкаво зло предизвикува блудството, и дека не може човекот да има врска со Христа кога блудствува. Потребно е распнување на плотта заедно со нејзините желби.
 Спасението на човекот не зависи од видот на животот што некој го избира, т.е. брак или девственост, туку од начинот на животот, од односот што го има со Христа. И во едниот и во другиот случај се бара девственост и разумност. Кон таа насока води светотаинскиот и аскетскиот живот. Во тој начин на живот човекот го води Богочовекот Христос.

      З

 Кога праведниот Симеон ја сретна Богородица Која Го држеше Христа, го зеде Богомладенецот во својата прегратка. “тој Го зеде во своите раце и Го благослови Бога” (Лука 2, 28). Оваа сцена е трогателна. И, секако, не би можело да се случи тоа, ако неговите раце не беа поткрепени од Светиот Дух.
 Оваа сцена не потсетува на видението на Пророкот Исаија. Откако Пророкот Го виде “седнатиот на висок престол и издигнат” и Серафимите околу Него, и ја исповеда нечистотијата на своите усни, се случи следново: “тогаш долета до мене еден од Серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот, се допре до устата моја и ми рече: Ете, тоа се допре до устата твоја и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти (Ис. 6, 6 - 7).
 Ова видение се однесува на вочовечувањето на Логосот Божји. Впрочем, Пророкот Исаија беше повикан на Израилскиот народ да му го проповеда доаѓањето на утехата, т.е. доаѓањето Христово, затоа и се смета како најгласен од Пророците и петти Евангелист. Со голема чистота и прецизност опиша сцени од Божјото вочовечување.
 Тоа дека ова видение се поврзува со вочовечувањето се гледа од црковното егзегетско предание. Сите откровенија во Стариот Завет се откровенија на неовоплотениот Логос, во повеќето од кои го објави Своето вочовечување, Своето доаање во тело. Во еден тропар на величанијата од празникот се вели: “Марија, ти си таинствената клешта која што во својата утроба Го зачна јагленот Христос”. Така, значи, овде се вели дека јагленот е Христос. Таинствената клешта што го држи разгорениот јаглен е Богородица, која што Го зачна во својата утроба. А Богородица го дава тој разгорен јаглен на праведниот Симеон. Небесен Жртвеник е славата Божја, небото. Затоа пееме: “Владиката на се Кој слезе од небото, Го пречека Симеон Свештеникот”.
 Како што Пророкот Исаија го прими разгорениот јаглен и не се изгоре, туку се очисти и стана Пророк, така и праведниот Симеон Го прими разгорениот јаглен Христа од Богородица и не се изгоре, туку се очисти според зборовите: “Ете, тоа се допре до устата твоја и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти”.
 Оваа фраза е показ дека видението на Пророкот Исаија се однесуваше на вочовечувањето на Логосот Божји. А тоа се гледа од фактот дека Црквата определила оваа фраза да се кажува од свештеникот по причестувањето со Телото и Крвта Христови. Оваа пророчка слика поврзана со праведниот Симеон, во однос на Светата Причест, покажува дека за да не го изгори човекот Светата Причест со Телото и Крвта Христови треба да има Дух Свети, токму како и праведниот Симеон.
 Така, значи, разгорениот јаглен е вочовечениот Христос, Жртвеник е утробата на Богородица, Серафимите се самата Богородица, таинствени клешти се рацете на Богородица кои што на Симеон му го даваат разгорениот јаглен.

     Ѕ

 Штом праведниот Симеон Го зеде Христа во своите прегратки извика: “сега го отпушташ твојот слуга во мир, владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, приготвено пред лицето на сите народи, светлина за откровение на јазичниците и слава на Твојот народ Израилот” (Лука 2, 29 - 31). Се работи за една величествена фраза, која што Црквата ја зела и ја поставила на крајот од Вечерната богослужба, но и на други богослужби, како што е благодарењето по причестувањето. Ќе направиме една мала ерминевтичка анализа на овие зборови.
 “Според зборовите Твои во мир” означува дека го бара излегувањето на душата од телото, “за помазанието кое што го прими” и секако тоа го смета за спокој, затоа што зборовите “во мир” се еднакви со зборовите “во спокој” (блажени Теофилакт). Спокојот има врска и со мирот на помислите, затоа што како минувале деновите праведниот Симеон Го очекуваше “кога ќе дојде Тој што секогаш се грижи” (блажени Теофилакт). И, секако, спасението Божјо е вочовечувањето, кое што го подготви Бог пред сите векови. Навистина, тајната Христова беше подготвена “и пред самото создавање на светот” (св. Крил Александриски).
 Вочовечувањето на Синот и Логосот Божји беше и е светлина за јазичниците (народите), бидејќи Јазичниците, идолопоклониците биле заблудени, се наоѓале во мрак и биле паднати во рацете на демоните (св. Кирил Александриски), но е и слава на Израилот, затоа што Христос изгреа и произлезе од Израилците. Значи, тие кои што се благодарни го чувствуваат тоа (блажени Теофилакт).
 Овие зборови на св. Симеон се една победна песна откако Му се откри вочовечениот Син и Логос Божји. Старозаветните Пророци го гледаа грбот Божји, Неговото доаѓање што би се случило во иднина, а тој лично го гледа тоа доаѓање. Навистина, Христос е светлината на светот, не сетилна и морална, не символичка, туку вистинската светлина која што го изгонува мракот на незнаењето и мракот на умот, но е и слава, не само на Израилците, туку на целокупната човечка природа. Без и вон Христа човечката природа е беславна, безоблична, неодредена и анонимна. Со Христа таа стекнува “вид и рамка” (св. Никола Кавасила).
 Тоа дека симеон штом го виде вочовечениот Логос божји го побара отпустот, т.е. смртта, се толкува како голема радост за тоа што во продолжение требало да се изврши. Сакаше да отиде во Адот и да ја соопшти радосната вест дека дојде Месијата, Избавителот на светот и на самите Старозаветни праведници кои што се наоѓаа во Адот. Христос го исполнува неговото барање, затоа што, како што вели св. Атанасиј Велики, изгледа како да му кажал да се појави радосно пред Адама кој што живееше во Адот натажен, и на Евината скрб да и ја објави радоста, велејќи: “дојде избавувањето, дојде отпуштањето (на гревовите), дојде ослободителот. Да не плаче веќе човечката природа, затоа што дојде Оној Кој што не заштитува, дојде и не задоцнува”.
 Според тоа, праведниот Симеон е првиот што ги извести врзаните во Адот, сите Старозаветни праведници што се наоѓаа во Адот, бидејќи смртта не беше онтолошки уништена, дека дојде Христос Кого што тие Го чекаа, и дека набрзо ќе дојде во адот за да ги ослободи.


      И

 Праведниот Симеон ги благослови Богородица и Јосиф, кои што ги следеа овие настани со восхит и зачуденост. И тогаш се сврте кон Богородица за да и каже две чудесни Пророштва.
 Првото се однесуваше на Личноста на Богочовекот Христос. “Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори”(Лука 2, 34). Ова пророштво се оствари за време на Христовиот живот, но продолжува да се остварува во историјата на човештвото и во личниот живот на секој човек.
 Богочовекот Христос е паѓање за неверните, за оние кои не веруваат во Него, а подигање за оние кои веруваат во Него. Еден пример е Голгота. Едниот разбојник верува и се спасува, а другиот се сомнева и бива осуден. Истото се случува и во нашиот внатрешен живот, бидејќи Христос паѓа кога ние крстените паѓаме со блудството, а се подига со целомудрието. Исто така, тоа може да се сфати дека Христос треба страда и да падне во смртта, но за да воскреснат мнозина со Неговото паѓање и со Неговата смрт (блажени Теофилакт).

 Христос е и “знак против Кого ќе се говори”. Зборот “знак” може да се сфати на многу начини и со многу значења. Најпрво “знак” е Христовото воплотување, вочовечувањето на Логосот Божји. При вочовечувањето се збиднаа многу необични и чудни нешта. Бог стана човек, Девата мајка. Токму против тој знак се говори и мнозина луѓе го оспоруваат. Едни тврдат дека зел вистинско тело, а други дека зел привидно тело, т.е. дека Неговото тело било привидно и се што направил било привидно (фантастично). Некои сметаат дека е земно тело, други дека е небесно. Некои сметаат дека Христос како Бог има предвечно постоење, а други мислат дека Неговото постоење зело почеток од девствената и непорочна Марија.

 Св. Никодим Агиорит, анализирајќи го толкувањето од блажени Теофилакт дека под знак против кого ќе се говори се подразбира воплотувањето на Синот и Логосот Божји, вели оти еретикот што ги гледа Христовите дела, Којшто има две дејства (Божјо и човечко) и некогаш како човек гладува, жеднува, прима мачеништво, се распнува, страда итн., а некогаш како Бог прави чуда, изгонува демони и воскреснува итн., се сомнева дали Христос е Бог или човек. Меѓутоа, Христијанинот нема такви сомневања, затоа што знае од искуството на обожените светители дека иако Христос имаше две природи (Божја и човечка), сепак е еден по Личноста и така Едниот и Ист Христос дејствува некогаш Богоподобно, а некогаш човекоподобно. А секако, кога дејствува една природа, тогаш таа дејствува во општење со другата природа.

 Потоа, знак против кого ќе се говори е и Крстот Христов. Според св. Кирил Ерусалимски, “знак против кого ќе се говори го нарекува чесниот крст”. Едни ги прифаќаат Крстот и распнувањето Христови сметајќи ги како спасение, дека Он на Крстот ги победи началствата и властите на темнината. А други го одрекуваат Крстот. Не можат да сфатат како Христос беше распнат. Затоа, како што рече Апостолот Павле, Крстот за Јудејците е соблазна, а за Елините лудост. Но за нас верните Крстот е “Божја сила и Божја премудрост” (1. Кор. 1, 23 - 24).


      
      Ј

 Второто пророштво на св. Симеон, кое Што се однесуваше на Богородица, е следново: “А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца” 9Лука 2, 35).
 Очигледно ова пророштво се однесува на болката и на тагата на Богородица кога ќе Го гледа на Крстот Својот Син, Којшто истовремено е Син Божји. Богородица немаше болки, ниту страдаше при Христовото раѓање, токму затоа што Го зачна бессемено и Го роди нетрулежно. значи, требаше да претрпи многу болка во време на смртта.
 Токму тој меч што ќе ја прободе душата на Богородица при Христовата крсна смрт, ќе ги открие мислите на мнозина луѓе, кои се наоѓале скриени во нивните срца. Тие се сомневаат дали е вистинска мајка. Но од болката што таа почувствува разбираат дека се работи за Неговата природна мајка.
 Тоа не потсеќа на случајот со двете жени во Стариот Завет кои што полагале право на едно бебе и отишле кај Соломон за да им го реши проблемот. Соломон побарал нож за да го расече бебето и да им даде по еден дел. Тогаш едната побарала да не го коле, туку цело да и го даде на другата жена. А другата побарала да го заколе детето, та ниту една од нив да не го земе. Царот и го даде детето на таа што претпочиташе да живее детето, па макар да го земе и другата жена. Тоа било доказ дека таа е неговата природна мајка. (3. Цар. 3, 16 - 28).
 Така и болката на Богородица под крстот покажа дека таа е вистинската мајка, дека од неа Господ ја зеде плотта. Затоа што, бидејќи Богородица е вистинската мајка, тоа значи дека и ристос има вистинско тело и не е привиден човек.
 Св. Атанасиј Велики вели дека изразот “да се откријат мислите на многу срца” значи дека Крстот Христов, Неговите Страдања, ќе ги откријат сите внатрешни расположенија на луѓето. Петар од топол и ревносен, ќе се одрече од Него, Учениците ќе Го напуштат, Пилат ќе се раскае со миењето на рацете, жената негова ќе поверува со ноќниот сон, стотникот ќе исповеда од знаците, Јосиф и Никодим ќе се погрижат околу тоа што е потребно за погребот, Јуда ќе се обеси, Јудеите ќе им дадат сребреници на стражарите за да го сокријат Воскресението.
 Ова пророштво не се однесува само на воплотувањето и распнувањето, туку и на целиот живот на Црквата, која што е вистинското Тело Христово. Едни се спасуваат пребивајќи во Црквата, а други се осудуваат одрекувајќи го нејзиното спасително дело. Исто така, бидејќи со Крштението сме ја примиле Божјата благодат во срцето и таа никогаш не бега, туку едноставно со страстите е покрива, затоа кога грешиме, паѓаме, а кога се бориме и се покајуваме, тогаш воскреснуваме.
 Христос ќе биде “за паѓање и подигање на мнозина” и во другиот живот, бидејќи сите ќе Го видат Христа, но за едни Он ќе биде Рај, а за други ќе биде Пекол.


      К

 Токму ова последново покажува дека празникот на Сретението не е едноставно еден празник што се однесува само на Владиката Христос и кој што објавува еден од стадиумите на Божјиот Домострој, туку е и еден празник на човекот кој што живее со Христа.

 Црквата со празникот нха четириесетте дена од Христовото раѓање оформи и богослужбен чин на четириесет дена од раѓањето на секој човек. На четириесеттиот ден од раѓањето мајката го принесува бебето во храмот. Тоа принесување има двојно значење и смисла. Прво, се благословува мајката за крајот на нејзиното очистување од крвта на породувањето. Црквата, како што се моли за секоја болест, така се моли и за жената која што се породила и која што е природно да чувствува телесна слабост. Се моли за очистувањето и поради тоа што начинот на раѓање на човекот, каков што го знаеме денес, е последица на падот. Второ, тоа е чин на благодарност за раѓањето на едно дете. Бидејќи зачнувањето и раѓањето на еден човек не е просто дело на природата, туку на Божјото дејство, затоа чувствуваме дека Му припаѓа на Бога. Така Му го принесуваме на Бога и Он преку свештеникот ни го препушта повторно за да го израснеме. Но во реалноста тоа Му припаѓа на Бога.

 Меѓутоа, треба да Му ја принесеме на Бога, на горниот Жртвеник, според св. Григориј Ниски, наместо парот грлици чистотата на душата и на телото, а наместо двете гулапчиња да внимаваме многу не само пред Бога, туку и пред луѓето. И, како што Христос го изврши сето она што беше предвидено од законот и се врати во Својата татковина, растејќи и напредувајќи во премудроста, така и ние да се вратиме во нашата вистинска татковина, која што е Небесниот Ерусалим, откако ќе живееме духовно според Божјиот закон и ќе напредуваме во премудроста и во благодатта и ќе стасаме во мерата на возраста на Христовата полнота, усовршувајќи го внатрешниот човек и станувајќи живеалиште на Светиот Дух.

 Сретението Христово покажува дека Христос е животот и светлината на луѓето и дека овекот треба да стреми кон стекнувањето на таа воипостасна светлина и на воипостасниот живот. Црквата пее: “Озари ми ја душата и сетилната светлина, та да видам чисто и да Те проповедам Тебе Бога”. За да Го проповеда некој Бога треба да Го види чисто. Само Боговидците или оние кои барем го прифаќаат искуството на претходниве, можат да стануваат учители. Но, за да Го види некој Бога претходно треба да биде озарен, да му бидат просветлени душата и телесните сетила. Тогаш празникот на Сретението Христово станува и празник на сретението на секој верник.

Извор:

Скопска православна епархија

Јеротеј Влахос: ГОСПОДОВИТЕ ПРАЗНИЦИ

Превод од грчки:

јеромонах Атанасиј Арсоски


 Вовед

 Христос е единствената глава на нашето спасение од многу причини. Он е Синот Божји, “икона на невидливиот Бог” (Кол. 1, 15), прототипот на човекот, Создателот на светот и Глава на Црквата. Според тоа, ние и како созданија и како луѓе и како членови на Црквата многу сме поврзани со Христа и многу сме Му должни.

 Во светоотечките текстови може да се сретнат многу изрази коишто ги прикажуваат Личноста и делото Христово, а секој од тие изрази покажува еден од белезите Христови, додека, пак, и сите заедно не можат да го искажат тое што е Христос. Он е животот на сите, патот, вистината и животот”, како што објави Самиот (Јован, 14, 6).

 Помеѓу изразите коишто ги употребуват светите отци за Христа се и следните: Он е “тајната на надспознатливото молчание”, “резиме на се сетилно и умно”, “Украсител на сите твари”, “славно скончание на законските установи”, “почеток на средината и на крајот” на човекот, “висина и длабочина, должина и ширина на познанието”.

 Еден значаен дел во православното учење зазема и Христологијата, т.е. словото за Христа. Овој дел од православната вера е премногу важен, затоа што Христос е толкувањето на сите нешта, бидејќи преку Него разбравме за Троичноста на Бога, преку Него беше создаден и пресоздаден светот. Он е главата на Црквата, преку светите Тајни ние стануваме Негови членови, членови на Неговото прославено Тело. Поради тоа Христологијата е клучот на православната вера и на вистинскиот живот.

 Светите Отци му дале големо значение на учењето за Христа, затоа што ако се искриви тоа учење, тогаш се менува и Тријадологијата, бидејќи Христос е “Еден од Троица”. Тогаш немаме ниту правилна нтрополгија, бидејќи Он е прототипот на создавањето на човекот. Тогаш не ја живееме ниту вистинската еклисиологија, бидејќи Христос е главта на Црквата и Црквата е Неговото славно воскреснато Тело. И тогаш, се разбира, не можеме да го постигнеме спасението, бидејќи надвор од Него е невозможно спасението на човекот.
 Затоа што врз тајната на Богочовекот Христос “се сопна” целата јудејска и елинско - философска мисла која што ја употребуваа нагласено еретиците, затоа светите отци широко го развиле Христолошкото учење. Ако внимателно забележиме, ќе се увериме дека сите Вселенски Собори се занимавале со тајнта на Богочовекот Христос. Само Вториот Вселенски Собор повеќе проникна во Личноста на Светиот Дух, но и тоа е најтесно поврзано со Христологијата на другите Вселенски Собори, од една страна затоа што учењето на Вториот Вселенски Собор е продолжение на Првиот, од друга страна, пак, затоа што Христос Го испраќа Светиот Дух.
 Целото учење на Црквата за Христа на убав и индуктивен начин е распоредено во Господовите празници, коишто се празници на божјиот домострој. Кога зборуваме за Божјиот Домострој мислиме на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји за спасението на човечкиот род. Божјиот Домострој, којшто е единствената надеж за живот, се поставува наспроти човечкиот домострој, или подобро Богочовекоцентричноста се поставува наспроти современата, еретичка и погрешна човекоцентричност. Навистина, денес денес центарот е некако преместен. Од Божјата Икономија (Домострој) одиме кон економски системи, а од Богочовекот Христос одиме кон човекобогот, што е најголемиот проблем на нашево време.

 На Семинарот на Катихетите којшто се одржа во Атинската Архиепископија во 1994 - 1995 година ја развивме Христологијата на Господовите празници, коишто се празници на Богојавлението и на Божјата љубов, но и на обожувањео на човекот. Се обидовме да ја видиме целата оваа тајна на Божјото вочовечување и на обожувањето на човекот. И верувам дека беше посебен Божји благослов колку за мене што ги изложив овие реферати, толку и за слушателите, затоа што ни се даде можност, но и прилика повеѓе да Го возљубиме Христа, Којшто е “непотрошлива ризница на сите блага”, “веселие на срцето”, и “сладост на јазикот”.

 Оваа книга е поделена на два основни дела. Во првиот дел се објавени рефератите за Господовите празници коишто беа искажани на Семинарот за којшто спомнавме претходно, и коишто празници ги сочинуваат Дванаесетте празници. Во нив се прикажани, главно, Христолошките теми на тие големи Господови празници. Како што ќе се увери читателот, употребувам цитати од многу свети отци на Црквата, но најмногу ми послужија во развивањето на овие теми св. Јован Дамаскин, св. Григориј Палама и св. Никодим Агиорит, и се разбира, ми послужија и беседи од други светители коишто ги изговориле за овие Господови празници. Во вториот дел се вметнати некои текстови коишто порано беа објавено во разни списанија, и повеѓе анализираат некои Христолошки страни, коишто се прикажани во првиот дел. Мислам дека имаше потреба да се вметнат и овие текстови во ова издание.

 Признавам, се разбира, дека теолошките теми, а пред се Христолошките се многу суптилни и бараат особена работа и особено внимание. Оној којшто се занимава со такви сериозни прашања нагласено ги увствува зборовите на свети Григориј Богослов дека “да се богословствува е исто како да се оди на јаже”. Треба секој постојано да оди по јаже, да внимава, да не падне во погрешни теории. Впрочем, формулацијата на догматските термини барала многу време и го барала присуството на големите отци на Црквата, коишто имале опит - Откровение, но и познание на претпоставките, врз основа на коишто богословствувале еретиците. Токму поради тоа, ако и покрај мојата волја и покрај мојата лична вера, во некои моменти формулацијата не е прецизна, молам да ми се укаже за да ја исправам, затоа што и покрај моето лично несовршенство, сакам да останам во вистината, во учењето и во животот на Црквата.
 За појаснување треба да се нгласио дека тајната Христова, тајната на Божјиот Домострој е единтвена и не може а се дели, т.е. не може апсолутно да се подели во различни празници. На пример, ког некој зборува за тајнта на Божјото вочовечување, секако треба да се осврне на Христовото смирение (с). Но тоа Божјо смирение најизразно се гледа за време на Христовите Страдања. Исто така не може целосно да се оддели Крстот од Христовото Воскресение. Така, поделбата на Господовите празници е спогодбена, но и нужна, поради човечката слабост. Црквата ги празнува одделно тие Господови собитија, а востановила да им претходи пост и молитва, за да му се даде можност на човекот да ги доживее стадиумите на Божјиот Домострој во својот личен живот. Покрај ова значение, Црквата со распределувањето на Господовите празници во целата црковна година го осветува времето, го преобразува и го возведува во вечноста. Всушност го преобразува човекот којшто живее во времето и го води во вечноста.

 Сите собитија и сите т. н. стадиуми на Божјиот Домострој се доживуваат на секоја Литургија, каде што го живееме Христовото воплотување, она што го кажа и што го направи Христос, Неговите страдања и Крст, Воскресението, Вознесението и Педесетницата. Затоа и светите Отци велат дека “секогаш е Божиќ” и “секогаш е Педесетница”. Со други зборови, во Литургијата на денот на Христовото раѓање го доживуваме и Христовото Воскресение, и во Литургијата на празникот на Воскресението или на Вознесението го доживуваме и настанот на Божјото воплотување.


 Уште треба да се забележи дека стадиумите на Божјиот Домострој тесно се поврзани со стадиумите на духовниот живот. Христијаните аналогно на степенот на својата духовна состојба ги доживуваат Господовите собитија. Според тоа, не се работи за едно надворешно сообразување, т.е. не се работи за еден формален празник, туку за духовно доживување, и за да бидеме попрецизни, за светотаинско и аскетско подражавање на Христа.
 Секако, терминот “подражавање на Христа” има попримено едно еретичко фалсификување, затоа што од другите конфесии на овој термин му е дадено етичко значение и поимање. Но сепак терминот “подражавање на Христа” е библиски и светоотечки и го содржи целиот двиг на човекот кон обожувањето, што е неговата најдлабока цел.
 Свети Григориј Палама учи дека оние коишто живеат според Христа го подражаваат Христовото живеење во тело. Како што објаснува карактеристично св. Григориј Палама, “пожеток” на подражавањето е светото Крштение коешто е образ на Гробот и на Воскресението Христови, “средина” е добродетелниот живот и живеењето согласно со Евангелието, а “крај” е победата над страстите преку духовната борба. Таа победа го предизвикува безболезниот и небесен живот. И св. Григориј Палама продолжува велејќи дека и светителите коишто се поврзани со Христа, ќе умрат кога ќе дојде нивното време, како што впрочем се случи и со Христа, но ќе воскреснат со Него, прославени и нетрулежни, и ќе се вознесат за да го пресретнат Христа кога ќе дојде при Второто Пришествие.
 Св. Максим Исповедник, осврнувајќи се на подражавањето на собитијата од Божјиот Домострој и на нивното лично доживување, јасно вели дека Христос се зачнува во душата на човекот со вистинската и неосквернета во дух вера, се воплотува со вршење на заповедите, се распнува со трудот на практичната философија којшто труд е борба за преобазувањето на страстите, и воскреснува во срцето на човекот со духовните созерцанија. Така, аналогно со степените на духовниот живот, ги доживуваме Господовите празници, ги живееме воплотувањето, Богојавлението, Преображението, Крстот, Воскресението и Вознеснието на Христа. Според тоа, степените на духовниот живот, како што ги анализира св. Максим Исповедник, и коишто се практичната философија, природното созерцание и мистичната Теологија, најтесно се поврзани со личното учество во собитијата на Божјото вочовечување.
 Според светите отци Христос им се случува и принесува на луѓето аналогно на нивнта духовна состојба. Он е очистувањето на оние коишто се очистуваат, Он е просветелението на просветлените и Он е созерцанието на обожените (св. Максим Исповедник). Он им станува на луѓето постојана и бесмртна храна и пиење. На оние коишто се младенци и цицаат им станува светлосна дојка, на тие коишто се оддоени им се нуди како грижлив татко којшто ги воспитува, а на тие коишто пораснале им се нуди како најсладок леб (св. Симеон Нов Богослов). Аналогно со духовната состојба на човекот Христос се принесува како брат, пријател, татко, мајка и младоженец (св. Григориј Палама). На оној којшто му студи му станува облека, на тој на којшто е гладен му станува леб, на тој кој што е жеден му станува пиење. Затоа и Отците на Црквата ни советуватда врвиме неосудено преку сите “возрасти и сили Христови” (св. Григориј Богослов).


 На ова степенување на духовниот живот се осврнува и Апостолот Павле кога зборува за разликата помеѓу животот на духовниот младенец и на духовно зрелиот маж. “Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското” (1. Кор. 13, 11). Токму за таа цел даде Бог пастири и учители во Црквата, та да пораснеме “во маж совршен, во мерата на возраста на полнотата Христова, за да не бидеме веќе мали деца” (Еф. 4, 11 - 13).
 Според тоа, Господовите празници од Црквата ни се принесуваат за нашето духовно усовршување и созревање, за духовното растење. Тие не се прости “фолклорни” пројави, туку извори на живот и спасение. Според степенот на учеството во тие празници изразуваме дали сме младенци или зрели духовно. И, се разбира, на тој начин го изразуваме и нашиот црковен начин на мислење.
 Христос, според пророштвото на праведниот Симеон Богопримец, “лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и е знак против Кого ќе се зборува” (Лука 2, 34). Он е “владетел на сите, судија на сите, цар на сите, творец на светлината и на животот Господ” (св. Симеон Нов Богослов). Он “е спокој на сета твар” (Исихиј Ерусалимски), но истовремено е големиот камен “и кој ќе падне врз тој камен ќе се разбие, а тој врз кого падне, ќе го здроби” (Мат. 21, 44).


Го напишав овој вовед во Атина на 25 Март 1995 година, на празникот на Благовештението на Богородица, коешто е објавување на тајната од вековите


Архимандрит Јеротеј С. Влахос

Друго: http://www.youtube.com/watch?v=805SREX88HU&feature=share



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7704
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная