логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

(Oбновено)

 Premin58a.jpg

Во еден од Палестинските манастири живееше Старец Зосима, истакнувајќи се меѓу браќата со особено благ карактер и расудување. Тој беше даден во манастир како дете, и во најраната младост, запознавајќи се со монашкиот живот, дозна за сите строги правила и завети во монаштвото.

Покрај тоа, во текот на својот живот го искуси подвигот на испосништво и строго ги исполнуваше поуките на вистинските опитни монаси: легнувајќи, станувајќи, извршувајќи го ракоделието, или јадејќи, постојано Му се молеше на Бог, дење и ноќе поучувајќи се во словото Божјо. Така тој наполни 53 години, а во тоа време во него се зароди самољубива мисла за неговото достоинство и совршенство. Тој размислуваше во себе, барајќи одговор: „Постои ли на земјата таков монах кој би можел да ме поучува, кој би можел да ми биде пример во испосништво и кој би ми покажал некој подвиг кој јас уште не сум го направил? Дури и во самата пустина, мислел тој, постои ли човек, кој би ги надминувал моите дела?“
Во ова размислување на Зосима му се јави Ангел, велејќи му:
„Зосима! Прекрасно направи што се подвизуваше колку што тоа му е возможно на човек, и славно ги помина сите степени на испосништво, но јас сум должен да ти кажам дека меѓу луѓето уште не се најде таков човек кој би бил посовршен од другите. И ти не знаеш дека постојат подвизи многу поголеми, а дури и такви што не можат да се споредат со подвизите што ти ги помина. Но, за навистина да се увериш во тоа дека патиштата кон спасението се многу различни, и дека ги има навистина многу, појди во манастир што се наоѓа на Јордан.“
По заповедта на Ангелот, или подобро кажано - по волја Божја, Зосима се раздели од манастирот во кој ја помина неговата младост и во кој ги помина сите монашки подвизи и дојде во манастирот што му беше укажан од Ангелот.

Вдлабочувајќи се во секојдневниот живот на манастирот во којшто го фрли невидливата рака на Промислата, Зосима сфати дека се наоѓа меѓу добродетелни и богобојазливи старци, кои горејќи со духот Му служат на Господ, според Словото Божјо.
Манастирот се наоѓаше во пустина и како да не постоеше за светот. Одвај некој знаеше за него во светот.

Во овој манастир постоеше следниот обичај. Во првата недела од Светата Четириесетница сите браќа се собираа во една црква на Литургија на којашто се причестуваа со Пречистото Тело и Крвта Христови. После Литургијата имаа заедничка трпеза и потоа повторно се собираа во црква. Помолувајќи се со коленопреклонување, бараа прошка и се целиваа еден со друг, а потоа секој од игуменот бараше благослов за претстојниот пост и подвизите. Потоа, се отвораше манастирската порта и сите браќа при едногласно пеење на псалмот: Господ е моја светлина и мое спасение, од кого ќе се бојам; Господ е заштитник на животот мој, од кого ќе се плашам и т.н. заминуваа во Јорданската пустина, освен еден или двајца монаси кои го чуваа манастирот и беа задолжени да ги извршуваат црковните служби за црквата никогаш да не биде без богослужење.
Секој се подвизуваше сам според тоа како мислел дека е најдобро. Од пустината во манастирот се враќаа за Цветници. Како секој од нив го поминувал Великиот пост знаел само Бог, и совеста на секого. Меѓу браќата не беше вообичаено да распрашуваат еден друг кој како живеел за време на постот. Таков бил типикот на нивниот манастир.

Според типикот на манастирот, и Зосима појде во Јорданската пустина во облеката што ја носеше и со малку храна.
Еднаш, Зосима многу посака да влезе подлабоко во пустината, со цел таму да најде некој од старците кои строго се подвизуваат.
За време на молитвата од неговата десна страна се појави сенка како од човечко тело. Најпрвин Зосима се исплаши и помисли дека е тоа привидение од ѓаволот кој секогаш се обидува на разни начини да ги смутува луѓето. Откако дојде на себеси и се прекрсти, тој се помоли. Погледна кон сенката и јасно виде човек во близина, сосема необлечен и скоро црн од сонцето. Косата му беше бела и кратка, едвај покривајќи го вратот.
Зосима се израдува што се сретна со Божјо создание. За сето време на неговиот престој во пустината тој не само што не виде човек, туку ни животно, и заради тоа се радуваше што можеше да слушне жив човечки збор.
Но, тој, сфаќајќи која е целта и желбата на Зосима, почна побрзо да се оддалечува во спротивната насока, во најдлабоката пустина.
„Зошто бегаш од грешниот старец, слуго на Бог заради Кого живееш во оваа пустина? Застани, помоли се за мене и благослови ме. Застани, во името на Бог, Кој никогаш од никого не се гнаси“, извика Зосима кон непознатиот.
Во тој момент Зосима се приближи кон исушениот поток, а човекот кого тој се обидуваше да го стигне и кон кого повикуваше се наоѓаше на другата страна од потокот.
Зосима на крај се измори и изнемоште, нозете откажуваа да му служат. Застанувајќи од оваа страна на потокот, тој заплака како дете и смирено го молеше непознатиот да ја слушне неговата усрдна молба.
„Прости ми, отец Зосима, прости ми, заради Господ, заради тоа што не можам да ја исполнам твојата молба. Јас сум жена, и како што гледаш, жена која со ништо не е покриена. Ако сакаш, свет отец, да се помолиш за мене грешната и да ми го дадеш својот благослов, фрли ми нешто од твојата облека за да ја покријам мојата голотија“, одговори непознатиот.
Зосима се збуни откако го слушна своето име, дури и се исплаши, што е природно.
Во истиот момент Зосима го соблече горното облекло и свртувајќи се со лицето наназад го фрли на подвижничката.
А таа покривајќи го своето тело со кротост и смирение му кажа на Зосима:
„Зошто, отец мој, посака да видиш грешна жена? Сигурно мислеше дека ќе можеш да дознаеш нешто од мене недостојната или нешто да научиш штом не ги поштеди своите сили за да ме стигнеш?“
Наместо одговор, Зосима падна ничкум на земјата пред неа и го побара нејзиниот благослов. Истото го направи и подвижничката барајќи благослов од Зосима. Така долго останаа и двајцата, бидејќи никој од нив не сакаше прв да даде благослов.
„Отец Зосима – рече жената најпосле – ти треба да се молиш за луѓето и да им даваш благослов, ти си удостоен со свештенички чин, многу години служиш пред олтарот Господов и ја принесуваш бескрвната жртва. Затоа, ти треба мене да ме благословиш, а не јас тебе.“
„Мајко, гледам дека ти Му се приближи на Бог умртвувајќи го телото и со светоста на животот. Ти навистина го поседуваш реткиот дар на проѕорливост, инаку како би го знаела моето име и мојот свештенички чин кога никогаш не ме виде ниту знаеше за мене? А и затоа ти прва треба да ме благословиш, да се помолиш за мене како посовршена во верата и во богоугодниот живот.“


Подвижничката веќе немаше каде и требаше да отстапи пред Старецот, па рече: „Благословен е Бог Кој сака да се спаси секоја душа човечка“. „Амин“ – одговори Зосима и потоа двајцата станаа од земја.
„Отец Зосима, ти си облечен во свештенички чин и ти си должен да се молиш за мене и за сите. Токму заради тоа и си поставен за свештеник. И бидејќи сите ние сме должни да ѝ се потчиниме на силата на послушанието, тогаш во името на послушанието ти самиот најпрвин треба да го исполниш она што го бараш од мене.“
Кажувајќи го ова, таа се заврте со лицето кон Исток, ги подигна рацете нагоре и тивко, бесшумно почна да се моли.
За што се молеше подвижничката? Ова Зосима не го знаеше, таа се молеше тивко. Но, од некоја причина тогаш го опфати неискажлив ужас, со загриженост во душата, молчејќи стоеше тој насочувајќи го својот поглед кон земјата. Се чинеше дека таа не брза да ја заврши молитвата, а Зосима толку многу сакаше да беседи со неа. Во исчекување тој погледна кон неа. Погледнувајќи ја, ја виде како стои во воздухот над земјата и се моли. Зосима се исплаши, падна ничкум на земјата и почна само да повторува: Господи помилуј! Наеднаш му дојде мисла дека гледа привидение, или дух, и дека сето тоа само му се причинува.
Овие мисли ги пресече прашањето на подвижничката, помагајќи му на Зосима да стане од земјата.
„Отец Зосима, зошто те смутува мислата дека сум јас привидение или дух, или дека само ти се причинува дека се молам? Сега треба да ти кажам, и биди сигурен, дека јас не сум привидение, туку навистина живо создание, поточно жена, иако грешна, но осветена со Светото Крштение. Не сум ни привидение, ни дух, а само тело во кое нема ништо духовно.“
Тогаш Старецот ѝ кажа:
„Те молам, раскажи ми за твојот живот, раскажи ми детално. Јас сум сигурен дека твојата приказна ги открива неискажливите патишта Божји и Неговото величие. Те преколнувам да ја исполниш мојата молба во името на Господ наш Исус Христос, Вистинскиот Бог, заради Кого ја поднесуваш голотијата и го умртвуваш твоето тело. Раскажи ми сè, не заради тоа да ти се восхитувам или да те фалам, туку заради мене грешниот, кој сака да извлече поука за својот живот. Цврсто верувам дека Бог ме доведе во оваа пустина, пред сè, заради тоа да им ја објавам на луѓето чудесната приказна за твојот живот. Верувам и дека волјата Божја е за нас неизменлива и никој не може да ги заобиколи патиштата на Промислата. Сега разбирам, на Самиот Бог Му беше угодно да ја напуштам својата келија, со која се сродив и која никогаш не сакав да ја напуштам, за да се сретнам овде со тебе и да дознаам за твојот живот.“
Свети Зосима се подготви да ја слуша подвижничката со крајно внимание.

Моето родно место е Египет. Имав 12 години кога, како што се вели, моите родители кренаа раце од мене, се откажаа од мене како од онаа што ја извалка нивната чест. И јас се оддалечив од нивниот дом во Александрија, во светската врева, на пазар на пороците. Нема да раскажувам за тоа како ја изгубив мојата девственост и со каква занесеност и ненаситна жед се предадов на прекумерен блуд. Страшно и срамно ми е да помислам на тоа безумно време од мојот живот, кое засекогаш ги затемни сеќавањата на мојата прва младост. Седумнаесет години живеев во краен разврат, како јавна жена. Особена карактеристика на мојот живот во тоа време беше тоа што страста кон здобивањето на богатство воопшто не ме раководеше: пари не земав од никого единствено затоа што сакав колку е можно повеќе млади луѓе да привлечам кон себе и на таков начин да ја наситам својата ненаситна страст. Немој да мислиш дека бев богата, па затоа се откажував од златото кое во тоа време можев да го добијам во огромни количини, воопшто не. Јас буквално бев бедна и често јадев остатоци што ги фрлаа на улица. Работата беше во тоа што мојата гревовна страст постојано бараше храна, и се чинеше дека живеев само тогаш кога го осквернував и го посрамував своето тело.

Но, ете, се сеќавам, беше времето на жетва кога наеднаш забележав дека необично многу народ се слева кон морските пристаништа. Од љубопитство прашав еден човек кој одеше во пристаништето каде одат сите тие луѓе. И дознав дека се наближува празникот Воздвижение на Живототворниот Крст Господов и дека сите брзаат да отпловат за да не закаснат на празникот во Ерусалим. Го прашав дали некој ќе ме земе со себе ако посакам да појдам таму. Тој одговори: ‘Па кој ќе ти забрани да одиш, ако имаш пари за пат и храна!’ ‘За тоа и се работи, брате мој, дека јас немам пари’, реков јас. ‘Ќе се качам на бродот, а за патот и храната ќе платам со своето тело’...

Мажот со којшто зборував, на мојата бесрамност се насмеа и така си замина од мене. Меѓутоа, јас побрзав кон пристаништето и на морскиот брег најдов многу мажи што стоеја чекајќи го бродот. Јас се радував и се распалував со гревовната страст гледајќи ги нивните убави лица и тела. Тие влегоа во коработ, а по нив тргнав и јас. Кога се најдов на палубата, според навиката на слободното однесување, со бесрамност вообичаена за јавна жена, им кажав на мажите: ‘Земете ме и мене со вас онаму каде што одите, нема да ви бидам одвишок, и ќе се погрижам да бидам пријатна сопатничка.’ И уште разни други работи зборував, нешто што сега нема да го повторувам. И тогаш на мојата нападна бесрамност сите се насмеаја. Но, работата заврши на општо задоволство. За тоа нема да раскажувам, затоа што човечкиот јазик не може да ја изрази сета гнасотија на моите постапки. Не можам само да разберам како земјата тогаш ме носеше, и како за време на пловењето морето не ме голтна мене, којашто ги вовлеков во смртниот грев толкуте луѓе! И мислам дека Бог го чекаше моето покајание. Го чекаше со долготрпение, како татко кој љуби не сакајќи ја смртта на грешникот. Конечно, стигнавме во Ерусалим. Останаа неколку дена до празникот.

Овие денови јас ги искористив уште подобро отколку времето на моето пловење. Ми се чинеше дека немаше доволно мажи за мене на бродот и јас на сите начини ги соблазнував сите, и ерусалимските граѓани и странците, и сите по моја вина паѓаа во скверната похот. Ми се чини дека никогаш немало и нема да постои таква блудница која би ме надминала со својот разврат. Ден воочи празникот го поминав исто како и останатите денови, одејќи низ градот и завлекувајќи ги младите во своите мрежи. Рано наутро, на денот на Воздвижението, народот масовно појде кон храмот Господов. Појдов и јас таму, и чекајќи да почне службата стоев со верните кај црковната врата. Кога за време на службата во храмот почнаа да го изнесуваат Крстот Господов за да се поклони народот, сите поитаа во самата црква. Сакав и јас да влезам внатре со народот, но сите како да ме туркаа од вратата. Со напор, јас грешната, дојдов до црковната врата, но само што застанав со ногата на црковниот праг и намислив заедно со другите да влезам во црквата, наеднаш некоја невидлива сила ме задржа и не ми дозволи да го преминам прагот. Залудно се обидував со нови сили, но никако не можев да влезам. А видов дека сите слободно влегуваа во Божјиот храм. Само јас, отфрлена, заборавена од сите, збунета, посрамена и исплашена останав во припратата. Сепак, не губејќи надеж повторно се обидував да влезам внатре, но кога мојата грешна нога би се допрела до прагот повторно остануваше залепена на местото на кое стоеше и не можев да направам ниту чекор напред. Некоја тајна сила ми забрануваше да влезам и јас изнемоштев од очајание и залудни усилби. За да не паднам од замор и изнемоштеност, се прислонив кон аголот на црковната припрата и со тага се прашував зошто јас, несреќната блудница, не можам да го видам светиот Крст Господов. Зошто не можам да влезам во црквата, за заедно со сите христијани да го дочекам празникот?

Тогаш ми се откри вистината, мојата совест се разбуди и ми кажа дека јас се претворив во труп што се распаѓа, дека јас целата сум олицетворение на гревот и дека причината за мојава тешка, страдална состојба, што сведочи за понижувањето и посрамувањето мое, се само моите гревови. Јас заплакав силно, и облевајќи се со горки солзи се удирав во градите и длабоко се каев за моите тешки гревови. Од местото на коешто стоев ја видов иконата на Пресвета Богородица. Ги восредоточив на Неа моите мисли и ги вперив во Неа моите уплакани очи и шепотејќи топло и усрдно Ѝ се молев:

‘О, Дево чиста! Света Мајко на Бог Словото! Признавам дека сум недостојна да го погледнам Твојот лик и воопшто не ми доликува на мене, осквернета и нечиста блудница, да го насочувам мојот грешен поглед кон светиот лик на Пречистата и Пренепорочна Дева, Мајката Божја. Би требало да сум одвратна во мојата гнасотија пред Твојата девствена чистота, но слушнав дека Родениот од Тебе Син Божји слезе од небото и стана човек за да ги повика грешните на покајание. Пречиста, помогни ми на мене, отфрлена и беспомошна, што тонам во бездната на развратот! Помогни ми, оти во моите гради, распарчани од страстите, се изгуби секоја надеж за спасение, а Ти, Владичице, Мајко Божја, можеш да ме спасиш мене грешната. Дозволи ми да го видам Живототворниот спасителен Крст на кој е распнат безгрешниот Син Твој, пролевајќи невина крв Своја и за мене грешната, за моето спасение! Застапничке на оскрбените, отвори ми ја вратата во храмот Божји. Се заколнувам, и Тебе Те повикувам за сведок пред Единородниот Син Божји дека од сега веќе нема да го осквернувам моето тело со развратен живот, нема да ја осквернувам ниту мојата уста со бесрамни зборови. И кога ќе се удостојам да го видам Живототворниот Крст на Синот Твој да му се поклонам, ќе го оставам светот, засекогаш ќе се откажам од неговите наслади, ветувам дека ќе живеам целомудрено до гроб и ќе појдам таму каде што Ти ќе ми покажеш. Како потврда на овој завет, Те молам, Пречиста, биди ми учителка и застапничка до крајот на мојот живот.’“

„Ова обраќање кон Божјата Мајка на мојата душа имаше благотворно влијание: наеднаш во мене оживеа надежта за спасение, мојата душа ја закрили длабока вера. Повторно појдов кон црковната врата и тогаш влегов внатре слободно, само што долго не можев да дојдам на себе од страв и од трепет при мислата за чудото што се случи со мене. Во црквата, приближувајќи се кон живототворниот Крст Господов со многу искрени солзи паднав ничкум на земјата, долго и усрдно се молев, а потоа го целивав крсното дрво. При излезот од црквата пријдов кон иконата на Божјата Мајка Којашто ја повикував за застапничка пред Спасителот, клекнав и од длабочината на моето благодарно срце ја кажав следната молитва:

‘О, Секогашблажена Дево, Владичице Богородице! Ти над мене ја покажа Својата блага и голема милост, не се згнаси од осквернета блудница и ми дозволи на мене недостојната да ја видам светињата! Чест и слава Му на Бог, Кој заради Тебе ги прима грешниците што се каат! Но, јас не наоѓам зборови со коишто би можела достојно да Те воспевам Тебе, Пренепорочната, почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите! И мене ми останува да побрзам да го исполнам заветот, што го дадов на Христос, по Твоето застапништво. Научи ме што да правам и од сега биди моја учителка и раководителка во делото на покајанието и спасението мое.’ Искрено се молев на Бог пред иконата на Богомајката и навистина од душата го посакував спасението, и тогаш, кога ја завршував мојата молитва кон Богородица го слушнав гласот кој ми велеше: ‘Премини Јордан, таму ќе најдеш мир за себе’. Верував дека овој глас беше упатен токму кон мене и верував дека навистина ќе најдам мир од другата страна на Јордан, во пустината, каде што од дамнина се спасуваа праведните и таму каде што процвета отшелништвото. За последен пат го погледнав светлиот лик на Пречистата Дева и со солзи кажав: ‘Владичице Богородице, не ме оставај!’ и со молитвата на усните излегов од црковната припрата и побрзав. Некој ме застана и давајќи ми три парички рече: ‘Мајко, земи’. За овие пари си купив три леба благодарејќи Ѝ во душата на Застапничката на несреќните за Нејзината грижа за мене грешната. Кај продавачот на леб се распрашав каде се наоѓа патот за Јордан, поминав низ градската порта и со молитвата на усните брзо одев по непознат за мене пат. Одев долго и неуморно и на третиот ден после празникот Воздвижение, вечерта при залезот на сонцето бев во црквата на свети Јован Крстител што се наоѓа при реката Јордан. Се поклонив до земја, се симнав кон реката, ги измив лицето и рацете, се вратив во црквата и се причестив со Божествените и Свети Тајни. Парче леб и јорданската вода ја составуваа мојата раскошна трпеза пред заминувањето во пустината. И таа ноќ спиев на гола земја. Наутро, со бротче преминав на другиот брег на Јордан и уште еднаш усрдно се помолив на Застапничката на сите оскрбени и им се препуштив на Нејзините молитви и раководство и засекогаш останав во оваа пустина со надеж на Бог Кој нѐ спасува нас грешните.“
„Мајко моја, колку години живееш во оваа пустина?“, праша Зосима.


„Мислам дека поминаа седумнаесет години откако заминав од светиот град“, одговори таа.
„Со што се хранеше за сето ова време?“
„Го преминав Јордан со два и пол леба што ги купив по патот за пустината. Со време тие постепено се исушија и се скаменија. Во текот на овие години некогаш јадев по мали парчиња, така што ми стигна и до сега.“
„Мајко моја, зарем никогаш не те вознемируваше мисла за светскиот спокој во споредба со вакво неверојатно и строго испосништво твое во пустината?“
„Седумнаесет години поминав во оваа пустина во борбата со безумните мои страсти, како со лути ѕверови и ти не можеш да замислиш колку напор требаше да вложам да ги заборавам сите светски наслади. Се случуваше да јадам сув леб и страсно да посакам месо или риба со коишто некогаш се наситував во Египет. Посакував и вино со коешто често се опивав. Меѓутоа, овде во пустината тешко беше да се најде и вода да се напиеш и моето тело гореше од жед. Често ми доаѓаа во мислите соблазнителни, непристојни песни на кои бев навиката како блудница. Иако, овие искушенија не беа толку тешки како искушенијата што се појавуваа како последица на мојата поранешна страсна наклонетост кон разврат. Често на мојата растроена вообразба се претставуваше мојот весел развратен живот и моето тело изнемоштуваше во борбата со гревовните желби, што ја зовриваа крвта во мене, ме согоруваа. Во такви случаи паѓав ничкум на земјата и со солзи барав помош одозгора, пренесувајќи се во мислите кон иконата на Богомајката пред Којашто се заколнав дека ќе се покајам и ќе живеам како што Му е угодно на Бог. Често ми се појавуваа претстави на страшни маки, испратени на мене од Богомајката заради нарушување на дадениот завет. И под влијание на такви и слични претстави денови и ноќи поминував лежејќи на земјата додека на крај не отстапуваа моите страсти и додека не беа развеани моите помисли. Потоа, ме осенуваше слатка светлина и јас внатрешно се смирував. Да, отец свет! Моите молитви за помош кон Богомајката никогаш не беа залудни. Таа е навистина помошничка во моето покајание! И така поминав седумнаесет години во постојана внатрешна борба и тешки искушенија.“

Старецот Зосима сфати од последниот одговор на подвижничката дека таа за да ја потврди вистината ги наведува зборовите од Светото Писмо и ја праша:
„Кажи ми, мајко моја, дали го изучуваше Светото Писмо?“
„Од тогаш кога го преминав Јордан до денес не сретнав човек, ниту видов некое животно, ниту ѕвер, во мојот живот не читав Свето Писмо и не слушав како се чита. Но, ти треба да знаеш дека словото Божјо е живо и навистина го научува човекот и го изострува неговиот разум. Ова е целиот мој живот. Сега те заколнувам со името на Бог и Неговиот воплотен Единороден Син да се молиш за мене, несреќната блудница“, рече таа на крајот.
„Сѐ што слушна од мене, свет отец, чувај го како длабока тајна, макар додека сум жива, и те молам да ја исполниш оваа молба заради Бог, Исус Христос, нашиот Спасител. И така, да се разделиме со мир. Наредната година, ако даде Бог пак ќе се видиме, но до тогаш сакам да те замолам следното: за наредниот пост немој да одиш во пустината од другата страна на Јордан, како што тоа го бара вашиот манастирски типик.“

„За тој пост ти остани во манастирот. Иако, нема да заминеш од таму и кога би сакал. А навечер на Велики четврток земи со себе од Светите дарови Христови, стави ги во соодветен сад и дојди кон местото што се наоѓа таму од другата страна на Јордан и чекај ме. Сакам да се причестам, оти не се причестував од тогаш кога бев во црквата на Предвесникот Јован, пред да дојдам во оваа пустина. Те молам немој да ја заборавиш мојата молба, дојди во назначеното време и на одреденото место и донеси ги со себе Светите Дарови. Сакам да се причестам токму тогаш кога Господ ги направил Своите ученици причесници на Божествената Своја вечера. На игуменот на твојот манастир кажи му од мене да биде повнимателен кон себеси и кон своите браќа, и да ги исправи недостатоците кои што кај нив ги има многу. Но, кажи му го тоа не сега, туку кога ќе добиеш заповед од Бог.“

Уште еднаш испросувајќи ги молитвите од Зосима за себе, таа се поздрави со него и замина во внатрешноста на пустината. Зосима ѝ се поклони до земја кога таа заминуваше и ја целива земјата на местото каде што стоеше Светителката, и благословувајќи Го Бог појде на своја страна.

Враќајќи се во одреденото време во манастирот, свети Зосима молчеше за својата средба во пустината, свето исполнувајќи ја молбата на Божјата угодничка, и само во душата Го молеше Бог да го удостои уште еднаш да ја види.

Помина една година, почна Великиот пост. И монасите во првата недела, според востановениот поредок, заминаа во пустината од другата страна на Јордан за да се подвизуваат во постот и молитвата. Зосима во тоа време беше болен и требаше против своја волја да остане во манастирот. На таков начин буквално се исполни претскажаното од подвижничката, дека Зосима за време на овој пост, и кога би сакал, нема да појде во пустината. Старецот се сеќаваше на тоа и стравот Божји го обземаше при мислата за непознатата Преподобна. Болеста на Зосима не беше сериозна и траеше кратко, така што тој почна да ги исполнува манастирските служби што требаше да ги исполнуваат браќата кои беа во пустината.

Наскоро помина и Великиот пост. Во Страсната седмица се вратија монасите од пустината, дојде и Велики четврток. Свети Зосима зеде малку од Светите дарови и ги стави во малечок путир. Зеде со себе и мала корпа со урми, сушени круши и просо накиснато во вода. Со сето ова, касно навечер замина од манастирот и дојде до реката Јордан очекувајќи ја Светителката. Седна на назначеното место. Чекајќи, тој одвреме-навреме се загледуваше во далечина да види доаѓа ли Светителката, којашто со нетрпение сакаше да ја види.

Во тоа време на спротивниот брег од реката се појави подвижничката. Старецот од радост затрепери благословувајќи Го Бог, воедно смислувајќи како да ѝ помогне да премине на оваа страна од реката. Ноќта беше светла со месечина, и Зосима забележа дека подвижничката ја осенува реката со крсниот знак, а потоа виде дека таа храбро оди по водата како по земја. Приоѓајќи кон него, смирено рече: „Благослови, благослови отец.“
Светителката го замоли Зосима да ѝ ги прочита на глас Симболот на верата и молитвата Господова „Оче наш“... потоа таа се причести со пречистите и живототворни Тајни Христови, а после причестувањето размени целив со Старецот според црковниот обичај. 

Потоа, кревајќи ги рацете кон небото со солзи, длабоки воздишки и умиление на срцето воскликна: „Сега ја отпушташ Својата слугинка со мир Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. Поклонувајќи му се на Старецот, уште рече: „Прости, отец Зосима, и те молам исполни ми уште една молба: оди со Бог во својот манастир, и точно после една година дојди во пустината кон потокот кај којшто прв пат се сретнавме и разговаравме. Заради Бог, дојди, и пак ќе ме видиш онака како што на Бог ќе Му биде угодно“.
Таа повторно ја осени реката со крсниот знак и повторно, како по суво, појде по водата во пустината.

Мачен од неразбирлива вознемиреност и страв, отец Зосима дојде до местото каде се наоѓаше пресушениот поток. Застанувајќи на крајот од потокот, тој, на неговата источна страна, ја виде светата подвижничка: таа веќе лежеше мртва на земјата. На нејзините суви гради мируваа рацете што во последниот минут од животот беа положени во вид на крст. Нејзиното светло лице гледаше кон Исток. Зосима со страв пријде кон починатата праведничка. Падна при нејзините нозе и ги ороси со своите горки солзи. Откако се исплака почна да Му се моли на Бог, читајќи неколку псалми и молитви пред погребение, пропишани од Црквата, застана на мислата дали да го погребува телото на Преподобната. Размислувајќи така тој стоеше кај главата на починатата праведничка и наеднаш забележа дека на земјата до неа нешто пишува: „Отец Зосима, на ова место погреби го телото на починатата, грешна и смирена Марија. Предај ѝ на земјата тоа што е од земјата и помоли се на Небесниот Бог за онаа што се упокои во првиот ден на април, во ноќта на Христовото спасително страдање, после причестувањето со Неговите Божествени Тајни.“

Зосима се замисли над овие зборови. Кој ги пишувал? Починатата подвижничка сама му кажа дека ништо не знаеше од детството, но во исто време се израдува дека макар по нејзината света смрт дозна за нејзиното вистинско име. Понатаму неговата мисла беше зафатена со следните размислувања: подвижничката умре во истот ден во кој тој ја причести со Светите Тајни, и во истиот ден, и во истиот час таа веќе беше на местото каде што тој ја најде почината. Тој размислуваше на кој начин подвижничката за еден час поминала толкава оддалеченост за која нему му требаше дваесет дена напорно одење.
Сепак, немаше потреба Зосима веќе многу да размислува и залудно да губи време. Требаше, согласно волјата на починатата да го предаде нејзиното тело на земјата. Наеднаш се појави лав кој по молбата на блажениот Старец со предните шепи ископа длабок гроб. Зосима се приближи кон светите останки на преподобната Марија за, според христијанскиот обичај, последен пат да ја целива починатата. Долго време ридаше тој над неа и огнено Му се молеше на Бог. Во исто време молејќи ја починатата праведничка да се помоли за сите во Царството на Небесниот Создател и Бог. Потоа, го покри со земјата телото на Преподобната, облечено во истата таа облека, стара и изветвеана, којашто Старецот ѝ ја даде при првата средба со неа и со која што таа можеше да покрие само некои делови од телото.

Потоа лавот и Зосима мирно се разотидоа секој на своја страна. Враќајќи се во манастирот веднаш детално им раскажа на собраните браќа сѐ што слушна од преподобната Марија и за она што виде со своите очи и сите се восхитуваа на големите дела Божји, восхитувајќи се на големите подвизи и на славните чудеса на преподобната Марија и востановија да се празнува нејзиниот спомен на првиот ден во април, на денот на нејзиното упокојување.
Јоан, игумен на манастирот во кој живееше блажениот Зосима, според зборовите на Преподобната, навистина најде во својата обител многу недостатоци што требаше да се исправат, и се погрижи тоа побрзо да го стори. А светиот Зосима до смртта сочувувајќи ги прекрасните обичаи и правила на својот добродетелен живот, мирно се упокои во истиот манастир поживувајќи на земјата околу 100 години.

...Житието на преподобната Марија Египетска, која се упокоила во Господ околу 530 година, според преданието, долго се чуваше меѓу монасите на манастирот што се наоѓаше на реката Јордан, и никој од браќата на манастирот не го ставил на хартија, веројатно заради тоа што историјата на овој манастир често се раскажувала од монасите еден на друг и секогаш била свежа во нивното сеќавање, „а јас посакав усното предание за ова да го изложам на пишано за посигурно да се овековечи споменот за Преподобната и кај наредните поколенија на христијаните“ вели составувачот на житието на преподобната Марија Египетска, Софрониј Патријархот Ерусалимски. во нивното сеќавање, „а јас посакав усното предание за ова да го изложам на пишано за посигурно да се овековечи споменот за Преподобната и кај наредните поколенија на христијаните“ вели составувачот на житието на преподобната Марија Египетска, Софрониј Патријархот Ерусалимски.

Извор: „Премин“ (02.04.2009)

 

 

Посветен на преподобна Марија Египетска и на покајанието  

 

Premin57.jpg

  Содржина:

1. Уводник

2. Покајанието на преподобна Марија Египетска

3. Нека ми прости / Тример / Митрополит Струмички Наум

4. Етосот на светоста / Сестра Макрина

5. Тајната на покајанието / отец Григориј Јакимов

6. Светоотечка ризница

7. Премин Галерија

8. За решителноста и за покајанието / свети Теофан Затворник

9. Покај се кога ќе згрешиш и не губи време / Старец Јосиф Спилеот

10. Прошка / Венко Андоновски

11. Репортажа: Манастирот на свети Јован Крстител во Есекс

12. Атанас Бадев / д-р Јане Коџабашија

13. Псевдолекување / д-р Дмитриј Авдеев

14. Бетел - домот Божји / Оливера Павловиќ

15. Живо сведоштво / Горан Величковски

16. Бермудски триаголник / Тања Битољану Плавшиќ

17. Страв / Јанко Илковски

18. Рендгенска снимка / Перица Јовчевски

19. Вести од православниот свет

20. Житија 

 


2009 лето Господово

Друго: 
Митрополит Сурожскиј Антониј Блум
Недела на преподобна Марија Египетска

СИНАКСАР - ОД ПЕТТА НЕДЕЛА НА СВЕТИОТ ПОСТ

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3217
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7710
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

26/12/2024 - четврток

Божикен пост (пост на масло)

Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест; Светата маченичка и девица Лукија (Луција); Светиот свештеномаченик Гаврил, патријарх Српски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная