На 18 декември 2007 година, во римокатоличката катедрала Ст. Јеан Баптисте на Менхетен, во Њујорк, беше одржан Божиќен ораториум од епископ Иларион Алфеев во изведба на Симфонискиот оркестар на руското министерство за одбрана, хорот на Третјаков и младинскиот хор од московскиот конзерваториум, а под диригентска палка на Валериј Калилов.
Повод за одржувањето на трите Божиќни ораториуми, во Вашингтон, Њујорк и Бостон, беше овогодинешното обединување и обновување на единството на Руската Православна Црква, како и 200 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Русија и САД.
Во срцето на музичкото дело е Евангелието за раѓањето и раните денови за животот на Господ Исус Христос на земјата. Либретото претставува православен литургиски текст од денот на Благовестието, Христовото Рождество и претставување на нашиот Господ Исус Христос во Храмот.
Како и претходното дело на Епископ Иларион, Пасија по Матеа, и овој ораториум се карактеризира со длабоки хорски и оркестарски постигнувања, јасност на мелодијата и распространета вокална хармонија.
На овој прекрасен музички настан, а по покана од композиторот - Епископ Иларион Алфеев, присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополит Американско-канадски Методиј.
Нескриена и обострана беше радоста за повторната средба. Митрополит Методиј му честиташе на композиторот за ова прекрасно музичко остварување.
Известува: ѓакон Стеван Барјактаров
Посети:{moshits}