отец Методиј Златанов
ИСТРАЈНОСТА КАКО МЕТОД
“...Во текот на ноќта блажениот Андреј имал видение. Му се сторило како да се наоѓа на голем плоштад. Од едната страна на плоштадот стоела толпа црни демони, а на другата страна - свети мажи во бела облека. Меѓу двете страни се водела борба. Демоните, имајќи на своја страна еден црн исполин, со гордост им предлагала на светите мажи да претстават од своја страна таков борец, кој ќе има сила да се бори со нивниот исполин, илјаданачалник на нивниот легион. Црните демони се фалеле со својата сила, но белоризците не им одговарале ништо. Блажениот Андреј стоел таму и гледал, сакајќи да дознае кој ќе се реши да влезе во борба со страшниот противник. И во тој миг, тој здогледал прекрасно момче кое слегувало од висините во рацете носејќи три венци: едниот исплетен и украсен од чисто злато и скапоцени камења, другиот со голем и блескав бисер, а третиот, најубавиот, бил направен од бели несвенливи цветови од Божјиот рај. Убавината на венците била толку чудесна, што таа не можела со човечкиот ум да се појми или со јазикот човечки да се опише.
Кога го видел ова, Андреј посакал да има барем еден од трите венци, затоа тој му пристапил на момчето и му рекол:
- Заради Христа, кажи ми, ги продаваш ли овие венци? Јас самиот не можам да ги купам, но ќе одам и ќе му кажам на мојот господар и тој ќе ти плати за венците колку што ќе посакаш.
Лицето на венценосецот заблескало и тој рекол:
- Верувај ми, возљубен, дури и да ми го донесеш златото од целиот свет, јас не би ти продал ни тебе, ниту на на било кој друг, ни едно цветче од овие венци, зашто тие се направени од небесните Христови ризници, а не од украсите на суетниот свет. Со нив се овенчуваат оние којшто ги победуваат црните демони. Ако сакаш да ги добиеш, и тоа не само еден, туку сите три, влези во борба со црниот исполин и штом го победиш ќе ги добиеш од мене трите прекрасни венци.
Кога го чул ова блажениот Андреј, се исполнил со решителност и му рекол на момчето:
- Верувај ми, ќе направам сî што ќе ми кажеш, само научи ме на неговите итрини.
Момчето рекло:
- Зарем не знаеш во што се состои нивната слабост? Демоните се страшни и грозни на изглед и истовремено се многу слаби. Не се плаши од неговиот огромен раст и страшниот поглед; тој е слаб како гнила трева.
Укрепувајќи го Андреја со овие зборови, прекрасното момче започнало да го учи како да се бори. Тој му рекол:
- Кога демонот ќе те фати и ќе започне да се бори со тебе, не се плаши, осени се со крсниот знак и зграпчиго и ќе ја осетиш Божјата помош.
Тогаш блажениот зачекорил на средината од плоштадот и му повикал на исполинот:
- Излези да се бориш!
Страшниот исполин, како црн Голијат, заплашувачки се устремил кон Андреја и малку недостасувало да го порази. Но блажениот, поучен од момчето, со силата на чесниот крст Господов го грабнал демонот и го треснал од земја. Мажите светлорисци многу се израдувале на Андреевата победа, а демоните посрамени исчезнале. Според ветувањето, светлоликото момче го овенчало блажениот Андреј со трите небесни венци и целивајќи го му рекол:
- Оди си со мир! Отсега натаму ти ќе бидеш наш пријател и брат. Прими го на себе подвигот на добродетелите...”
Оваа епизода од житието на свети Андреј Јуродиви, освен со својата чудесна едноставност во нарацијата, фасцинира и со комлексниот етичко-аскетски слој, кој е модулиран во неа. Имено, целокупниот духовен живот на човекот е една непрестајна борба со своите слабости, едно непрестајно соочување со апсурдот, кој е стар колку и Адамовиот пад: “...А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она, што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. И така, јас веќе не го правам тоа, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене. И така, во себе си наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Бо‘ји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?” (Рим. 7, 15-24) Незгасливата борба меѓу законот на телото и законот на умот (на логосот) во човекот ја зацврстува свеста и етосот на постојана духовна напрегнатост. Разумната ревност, со која тој се држи во будност, наликува на дисциплината и трудот на вешт спортист или музички виртуоз, кој сите свои енергетски потенцијали и преокупации ги вложува во решеноста постојано да се победува себе си, да се надминува себе си.
Но, колку што во смисла на подвигот духовниот живот наликува на спортски трениг или музикално увежбување, тој во една суштинска смисла дијаметрално се разликува од нив. Целта на спортскиот атлет или музичкиот виртуоз е да постигне одредена вештина, одредено совршенство во телесните движења или во манипулацијата со музичкиот инструмент; за разлика од нив целта на духовниот атлет не е да постигне нешто, туку да истрае на патот на богоподобието. Тој нема потреба да се докажува или да се испробува во извесно совршенство надвор од себе. Духовниот атлет, а тоа е секој човек што се грижи за своето спасение, е истовремено и виртуоз и инструмент и причина на подвигот. Целта е љубовната прегратка со Бога во вечноста. Постои опасноста, понекогаш, заведен од логиката на духовниот Вавилон, логиката на постигнувањето, современиот подвижник, на средствата на својата духовна борба да започне да гледа како на цел за себе. Тогаш, одвраќајќи се од изворниот пат на богољубието, тој непрестајната молитва, умртвеноста на телесните страсти или потполното смирување на срдечниот гнев ги претвора во некаков кумир, заборавајќи ја вистинската цел на својот духовен труд.
Тој тогаш наликува на маратонец, кој трча во погрешен правец, со секој чекор сé повеќе оддалечувајќи се од целта. Духовната борба е вистински маратон. Долготраен и макотрпен. Во него човекот треба постојано да се моли, непрестајно да ги победува телесните страсти и гневот во срцето и уште безборој други нешта, но во тој маратонски подвиг тој не треба ништо да постигне. Тој треба единствено да истрае. Истрајноста во макотрпната борба со логиката на својата падната природа е богоизворниот метод на нашето спасение. Натпреварувачкиот дух на славољубието и трката за материјален профит, вавилонскиот маратон на нашето секојдневие, го тераат човекот овие бесловесни маратони лекомислено да ги пресликува и во својот духовен живот. Но ако се обидеме да ја оправдаме за момент ваквата тенденција и да ја доведеме до нејзината крајна инстанца, ако ја прифатиме методологијата на постигнувањето во својот живот и се потрудиме во што пократок временски рок и со што поефектни техники да достигнеме некоја духовна добродетел, тогаш тоа неминовно ќе нé доведе до прашањето: Што потоа? Која е смислата човекот да живее понатаму, ако веќе го “постигнал” она, во однос на што го конципирал својот ‘ивотен подвиг? Не е ли тоа еден многу суптилен вид на идолопоклонство? Небесната награда од животната епизода на свети Андреј не е запечатување, не е крај, туку почеток на духовниот подвиг.
Овенчувајќи се со трите рајски венци, трите совршени добродетели, блажениот доби благослов од Богомладенецот за највисокиот од сите човечки подвизи, подвигот на јуродивоста заради Христа. Природата, пак, на самата награда пока‘ува дека таа не е од овој век и нема да ја добиеме тука, за време на земниот живот. Ако се трудиме во духовниот живот за да постигнеме нешто, тогаш тоа значи дека си ја бараме наградата уште тука, што поскоро. Но, венците на сегашните постигнувања се минливи, тие свенуваат и гнијат. Со нив исчезнува и сиот макотрпен подвиг, ако е цел самиот за себе. Вистинскиот подвиг и вистинскиот самопрегор, колку и да се тешки и макотрпни, сепак се непрекинат израз на нашата љубов кон Оној, Кој се предаде на распнување и смрт од љубов кон нас. Во тоа взаемно принесување и проникнување, истрајноста, неомеѓена ни со физичката смрт, е природниот начин на нашето постоење и дејствување. Со своето воскресение и вознесение, нашиот Спасител нé повика да Го следиме сé до последниот здив, до последниот атом сила, волја и желба, па и понатаму, во есхатонот, истрајувајќи на патот на богоподобието, до бесконечното и благодатно обожување според мерата Христова.
(Од архивата на Преминпортал)
✣✤✣ Во Неа Бог стана Човек ✣✤✣
Бог стана Човек за човекот, човечката душа, која е бескрајна, зашто е Божја, зашто е боголика, да ја исполни со Божествени сили. Во Светото Евангелие пишува дека во Господ Христос живее сета полнота на Божеството телесно. Сета полнота на Божеството живее во телото човечко, за таа полнота, се вели понатаму во Светото Евангелие, да стане моја и твоја, и за со таа полнота на Божеството да се исполниме и ти и јас. Ете, тоа е целта заради која Господ дојде во овој свет и стана Човек, тоа е целта Божја: да го исполни човекот со Божествени сили, да го исполни со Бога, и со тоа да го истисне од човекот и да истера сè што е ѓавол, сè што е грев, сè што е смрт. Затоа Господ, браќа, се роди на овој свет како Човек.
Затоа ние толку необично весело го прославуваме Божик, особено Онаа Која ни Го роди, Пресветата Богомајка, Сечистата и Пречиста, единствено Неа Која во овој страшен пекол на гревот, смртта и ѓаволот остана без грев. Со Својот свет живот, со Своите подвизи и можеби никогаш не направила грев. А истапи како претставничка на грешниот род човечки, како Онаа Која е, исто, потомок на Адам и Ева, грешните прародители наши, со сето гревовно наследство, а како Богородица се освети и раѓајќи Го Господ Христос нè спаси. Таа, Пресветата Богомајка! Затоа е повозвишена од сите Херувими и Серафими, затоа е пославна од секое битие, Таа Која ја славиме како „почесна од Херувимите и пославна од Серафимите“.
Денес, втор ден Божик е Нејзиниот ден. Таа, особено преку чудесниот Господ, и не знаејќи всушност до крај Кого ќе Го роди, ете, Таа прва се исполни Себеси со Бога. Прва ја почувствува таа вистина: што значи Господ Христос, што значи тоа кога Бог станува Човек. Во Неа Бог стана Човек. Таа Го роди како Богочовек, и прва ја доживеа сета полнота на Божеството, прва го доживеа сиот Рај, сите блаженства, сите богатства кои Бог му ги донесува на светот, го доживеа сето Евангелие на Господ Христос, го доживеа сиот Вечен Живот, сета Вечна Вистина, сета Вечна Правда. Таа после Господ Христос е олицетворение на Вечната Правда, олицетворение на Вечната Љубов, олицетворение на Вечниот Живот.
Затоа, затоа Таа е секогаш посредничка меѓу нас и Господ Чудесниот Син Нејзин, а Бог наш. Посредничка Која ни испросува од Него сè што Тој како Бог му дава на човекот, ни испросува Живот Вечен, Вистина Вечна, Правда Вечна, Љубов Вечна, Радост Вечна, сè што Нејзиниот Чудесен Син, Господ наш, раѓајќи се на овој свет како Богочовек, му го принесува на светот. Затоа ние православните така необично воодушевено Ја славиме, и според црковните песни и химни изгледа како повеќе Неа да Ја славиме отколку Самиот Господ. Зашто ни е поблиска, зашто Таа ги знае нашите неволји и маки. Таа знае што значи да се биде подвластен на гревовите, на смртта и ѓаволите, на страстите на овој свет. Затоа ние православните секогаш со вера Ѝ пристапуваме.
Затоа денес Ја славиме Првата после Господ Христос Богочовекот, Неа Која ни Го роди Него, Вистинскиот Бог, Господ Христос, како Богородица. Го роди Него, Го роди по тело, и Тој станувајќи Човек, станувајќи тело, ја основа Црквата Своја, која е Неговото тело. Така, Пресветата Богомајка, всушност, раѓајќи Го Него, ни ја даде Црквата Христова, таа најголема чудотворка во сите светови, што ни го дава сето она што Господ Христос ни го донесе: ни дава Вечен Живот, Вечна Правда, Вечна Љубов, Вечна Вистина, Вечен Човек. Не лажен човек, не лажни богови, туку вечниот човек и бесмртен, и така на секого од нас ни осигурува бесмртност и Живот Вечен.
Нејзе, на Нејзиниот Чудесен Син, слава и пофалба за сите дарови, вечните дарови кои ни ги дарува нам, бедните луѓе, ни ги дарува заради нашата вера, ни ги дарува заради нашата желба, ни ги дарува заради нашата молитва, ни ги дарува заради нашето смирување пред Неа и Нејзиниот Чудесен Син. Нека Таа секогаш нè води и раководи по сите патишта на нашиот живот, и нека нè воведе во Царството Небесно, каде што Таа на престолот на славата заедно со Синот Свој царува и владее.
Ава Јустин Поповиќ
Извор:
Agapij Tiveriopolski
Излeгoв oд Oтeцoт и дoјдoв вo свeтoт (Јн. 16:28).
Eдинoрoдниoт Син Бoжји, браќа, e рoдeн вo вeчнoста oд Oтeцoт бeз мајка, сe рoдил вo врeмeтo oд мајка бeз таткo. Првoтo раѓањe e нeдoстапна тајна на Свeтата Трoица вo вeчнoста, а втoрoтo раѓањe e нeдoстижна тајна на силата и на Бoжјoтo чoвeкoљубиe вo врeмeтo.
Најгoлeмата тајна вo врeмeтo oдгoвара на најгoлeмта тајна вo вeчнoста. Нe влeгувајќи сo мала свeќа на нашиoт разум вo oваа најгoлeма тајна, да сe задoвoлимe, браќа, сo сoзнаниeтo дeка нашeтo спасeниe пoтeкнува нe oд чoвeк и нe oд зeмјата, туку oд највисoкитe висoчини на бoжeствeниoт нeвидлив свeт. Тoлкава e милoста Бoжја и тoлкавo e чoвeчкoтo дoстoинствo, штo самиoт Бoг Син сe спуштил oд вeчнoста вo врeмeтo, oд нeбoтo на зeмјата, oд прeстoлoт на славата вo пeштeрата на пастиритe, самo да ги спаси луѓeтo, oд грeвoт да ги oчисти и вo Рајoт да ги пoврати. Излeгoв oд oтeцoт, кадe штo имав сè, и дoјдoв на свeтoт, кoј нe мoжeшe ништo да ми дадe. Вo пeштeрата сe рoдил Гoспoд за да пoкажe дeка цeлиoт свeт e eдна тeмна пeштeра, штo самo eдинствeнo Oн мoжe да ја oсвeтли. Вo Витлeeм сe рoдил Гoспoд, а Витлeeм значи дoм на лeбoт, за да пoкажe дeка Oн e eдинствeниoт лeб на живoтoт, дoстoeн за вистинскитe луѓe.
O Гoспoди Исусe, прeвeчeн Синe на Живиoт Бoг, и Синe на Дeва Марија, oсвeтли нè нас и нахрани нè сo Тeбe. На Тeбe слава и вeчна пoфалба. Амин. (Пролог)
Празникот на Рождеството на нашиот Господ, Бог и Спасител, Исус Христос, се приближува и нестрпливоста на светот расте. Некои од луѓето стравуваат дека празникот е придружен со преголема доза на комерцијализам. Други, пак, се плашат дека религијата уште еднаш ќе ги нападне нивните грижливо заштитени секуларни простори. Ова се само најизразените грижи – преголемата зафатеност ги проголтува нашите животи. Се сеќавам на зборовите на ликот на д-р Сеус, од Гринч: „Морам да го сопрам доаѓањето на Божик!“
Многумина христијани на Божик гледаат како на нешто поврзано со историјата – тоа е раѓањето Христово во овој свет – и на Божик се гледа како на сите други историски настани. Се посветува грижа на вистинската година на Неговото раѓање (некои велат 4 век пред Христа, некои бележат други датуми). Други ќе се преоптоварат себе си со анализа на тоа што мудреците го виделе (дали било ѕвезда, комета, или нешто друго?). Сè на сè, современите христијани врзани во историскиот модел, се наоѓаат во дефанзива. Затоа што тие празнуваат историски настан, и се чувствуваат нападнати од оружјата насочени од оние кои имаат објавено војна на христијанската историја. Тие мораат да го сопрат доаѓањето на Божик.
Но, Божик припаѓа на една друга категорија настани. Секако дека е и историски настан: Христос беше роден во овој свет. Но самиот факт на Неговото рождество во овој свет не целосно и правилно го опишува самото Рождество. Затоа што, Христовото Раѓање не може да биде поставено во општата категорија на „раѓања“. Јас бев роден во овој свет во еден неважен ден во ноември, 1953 година. Моето упокојување ќе се случи на еден, исто така, неважен ден. Но раѓањето на Христос во овој свет е влегување на Алфата и Омегата, влегување на Бог меѓу човечкиот род. И, иако истото се случило преку раѓање, тоа го ставило Рождеството во една целосно инаква категорија.
Можеме да го опишеме Неговото рождество од биолошки аспект – Тој беше роден од дева – и во Неговото рождество никаква штета не ѝ беше нанесена нејзе. Тој беше роден, и таа остана дева.
Но, исто така, можеме да го опишеме Неговото рождество од временски аспект. Што значи тоа дека Алфата и Омегата, Почетокот и Крајот, беа родени во времето? Исто како што Девата не претрпе штета преку Рождеството Христово, така и времето и просторот не претрпеа штета од влегувањето на Безвремениот – а сепак Времениот – во нашата историја, и историјата не може повеќе да остане иста.
Последицата на Христовото навлегување во историјата е опишана од светиот апостол Павле:
„откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение, што го беше од порано положил во Себе си, во уредувањето и извршувањето на времињата, за да се соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа“ Ефесјани 1,9-10
Она што се откри во Христовото Рождество, е многу повеќе од историски настан. Тоа е влегувањето на самиот Крај (и Почеток) на сите нешта во она што за нас е простор и време. Како такви, просторот и времето беа изменети. Христовото Рождество припаѓа на таквата категорија настапни, преку кои „се соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа“.
Ова Христово влегувањето во историјата има еден неизбежен карактер. Историјата, признавајќи го влегувањето на Едниот Кој ги надминува и просторот и времето, повеќе не е дефинирана од нив (од просторот и времето). Историјата веќе се дефинира преку Безвремениот Кој влезе во неа.
И покрај сето залагање на некои, Божик не може да биде запрен. Без оглед на тоа колку светот неправилно го комерцијализира настанот, или црквите не успеваат да изградат правилен став кон него, Божик е безвременски настан, влегување на Алфата и Омегата во нашиот свет. Како таков, тој е неизбежен. Не постои нешто што може да се направи, а што би го спречило Неговото влегување, и ништо што би ја спречило ваквата реалност. Христос влезе во нашиот свет, со единствена цел – да ги возглави сите нешта во Себе. И токму таа цел не може да биде преправена, ниту изменета.
Еден безвремен настан не може да биде прославен на ист начин како речиси секој историски настан. Како безвремен, Божик не може да биде ограничен [само] во историјата, иако истиот има историски аспекти. На тој начин, Божик е исто онолку присутен во моментот, колку што бил и пред две илјади години. Царот Ирод го сметал раѓањето на Христос-Детето како закана за неговото царство. И тоа Дете останува да биде закана за секое царство – затоа што „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови!“ (Откровение 11,15)
„На земјата мир, и меѓу луѓето добра волја“, тоа не е слоган, ниту пак мерило на успехот на сезоната. Попрво, се работи за опис на реалноста која навлезе во светот преку личноста Христова. Тој е Мирот на земјата. Самото Негово присуство е Божја добра волја кон луѓето. Светот се собира во Едниот – во Божјиот Мир и благоволение. И тој собор не секогаш е пречекан во радост – но ова е и истата осуда – „Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле темнината“.
„Божикните празници“ не се само определено годишно време; се работи за Божјото дело на искупување на сето време, преобразување на овосветовното време во безвременост на ерата која ни доаѓа.
Божик е. Со нас е Бог.
Отец Стефан Фриман
Извор:Агапи