Говори колку што Бога-словиш,
чини тоа што Бога-твориш.
Словото е универзум од неврзоумни значења.
Неговото анатемство е најголемиот теолог,
затоа браќа прво љубовта пазете ја.
Секој и сешто, некому, некогаш, нешто,
Тој секогаш, секому Се.
Доброто устројство е такво што се приближува уништожувајќи се,
а се оддалечува во се поголема слава.
Царскиот пат е средишен, низиски и пристапен,
и низ него поминуваат најголемите блага,
а по него сепак нема разбојници.
Таткото е полно вдахновение на својот Син,
Кој во се сака на Татка си да му удоволи,
затоа особено треба да ја пази светоста на својот Дух,
што наследствено се исполнува.
Волјата на Синот е удоволение на Отецот,
и животворение на Духот Негов.
Искрено барај добрина, правда, милост, вистина, мудрост и љубов, и Бог ќе ти се открие.
Која е ползата од етичноста и моралноста,
ако душата умира заедно со телото?
Зарем не би било подобро во таков случај,
да се препуштиме на јадење и пиење се до утрешната ни смрт?
Смртта е цел на овој живот
и ако го задржиме своето внимание врз неа,
никогаш нема да згрешиме.
Кога сонуваме, сите наши сетила одмораат,
па живееме ли тогаш?
Во телото ли сме или надвор од него?
Дали нашата мисла е слуз од мозочната кора?
Сите што не веруваат православно,
веруваат во развоплотено божество, т.е. се старозаветни.
Сочувај доволно од доброто вино во себе,
за сватовите Господови.
Христијани стануваме,
кога престанеме да живееме според своите потреби,
а содржина на нашиот живот,
постане потребата на ближните и волјата Божја.
Во благо роди се,
Богу в подоби се.
Има ли таков миг вечноста,
што да се исполни од историјата.
Уметникот е богослужител
кој од Небото вметнува, слови, обличи.
А оној кој од Небото пометнува
е богоборец и завидливец.
Човечката правда е совршена кога е слепа!
А Бог ја познава секоја душа,
недофатни се за нас Неговите судови.
Посвои ме и поучи ме,
што чинам, да Ти принесувам,
од Твоите дарови, за сите и за се.
Колку помалку општам со светот и луѓето,
за толку повеќе, вистинска љубов имам.
Секој го носи семето на сите вечни зборови,
имиња, словесност и мудрост во себе.
Да ги расплодиме во добродетели,
под благотворните зраци на христијанската љубов.
Не се научив на економија во распнувањето,
Не се научив да го вртам грбот,
и така слаб, безсилен, дополнително се разводнувам,
ништ и бездетелен, низ ближните ми утроби,
презрен ти притекнувам.
Бесовите престолуваат во славата и со силата,
на нашите спротивни карактерни добродетели.
Убавината ја замолчува сета наша мудрост.
Таа го спасува овој свет.
Се што изрече, како човек исполни,
врз своите плеќи сиот закон го прекрши,
за да не дополни, над законот воздигне
и на љубов да не научи.
Исполнувањето на законите, само по себе,
без освестена волја во верата,
љубовта и личната заедница,
не се смета и нема никакво значење,
зошто е побудено од отуѓеност и страв.
Да се спогодиме за да заштедиме,
од милоста Божја за Сташниот Суд.
Редот и поредокот се за гостите и намерниците,
а за ближните толку повеќе,
колку од изброеното до недоброеното,
од напишаното до кажаното,
од мисленото до незамисливото,
од моленото до благодареното.
Јавноста е вакуум на слободата
и пустина за креативноста,
со кои е преисполнета заедницата
во интимата на таинственоста.
Љубовта е природна состојба на душата,
во која нејзините три ипостаси
разумот, волјата и чувствата,
делуваат согласно нејзината образност Божја.
Единството на душата во љубовта
бива нарушено од страстите,
кои една поедна ја разнебитуваат љубовта
што ги едини душевните сили
и на крајот доведуваат до потполна умртвеност во униние, односно небрежност, безволност и бесчувственост.
Страста го нарушува поредокот
во Светиот Троичен Синод на душата.
Таа, слично на ересите,
наметнува и издвојува една ипостас од нас.
Така стануваме изобличени, неслични на Бога,
со што ја изгонуваме љубовта, која е самиот Бог, од себе.
Уметничкиот призив за човекот
е преобразувајќи се себе,
да ја препознае и возобнови првобитната,
ноуменална чест на тварта.
Искреноста на човекот,
не може целосно да се пројави
во разблажени животни услови.
Потребно е многу повеќе од пристојност,
за да видиш во што всушност веруваш.
Пристојноста им приличи само на оние
кои помирено ја исчекуваат разделбата и смртта.
Демократијата е идолатриско општество
кое го наметнува излишното пред насушното,
го вознесува приземното над возвишеното,
го спротивставува количеството на естетството,
релативното на апсолутното,
безличното на личното,
последиците на причините,
смртта на животот,
паганизмот на единосуштното изобилие.
Таа позволува се што ја убива љубовта
која ги братими господарот и робот.
Солуд и горчлив луксуз за бедните,
непотребен товар за богатите,
кому ли му е потребна,
оваа сосема лажна светлина.
Искреноста е рамка на трпението,
а пристојноста на разузданоста.
Врвен критериум за слободата
е достапноста на заедницата со Бога.
На вистината и е доволен десеток, за да превладее,
а сосема мал допир за да избави и спаси.
Гревот најдобро се запознава преку одвраќање од него,
а штом волно му се предадеме, се помалку го препознаваме.
Гревот има страшна центрифугална сила која вовлекува,
затоа е потребно
секогаш свртени кон периферијата на овој живот
неуморно да се оддалечуваме од гревовните вртложни собитија.
Сите дружества востановени вон Црквата,
се плод на нашата богопротивна волја.
Еволуцијата ги оневозможува покајанието,
епитимијата и слободата од гревот.
Совеста е нашиот најдобар пријател,
која не само што сака, туку и точно знае
што е најдобро за нас.
Спасувајќи се себеси, спасуваме мнозина,
а убивајќи се, го убиваме целиот свет,
односно секого кој би можел,
во било кое време да се спаси,
преку нашето добро сведоштво.
Отфрлајќи ја сладоста,
превривајќи во воздржание,
нашата љубов се претвора во вино,
кое го натопува сиот наш леб,
и секоја наша добродетел
во чиста свештена облека ја облекува.
Молитвата е најсовршена жртва на олтарот на љубовта, пријателска трпеза и брачна постела Христова,
водуховување на Христовата содржина во нас.
Злото е не-при-лика, не-за-года и не-по-волја,
тоа не-постои, а се појавува за да не освести,
дека можеме да постоиме, само од љубов.
Само по себе ништо не постои,
па не е ниту добро, ниту лошо,
туку само во однос на повикот,
наречението, вдахновението
и благодатта во љубовта и животот.
Словото родено од љубов е Престол на Светиот Дух,
нему душата ничкум му се предава,
со сиот свој печал од солзи и скапоцено миро.
Доколку си во можност,
попрво сведочи ги торжеството и славата,
одошто очајот и бедата,
кои секогаш ги има доволно.
Просечноста е безлична појава
и болно отсуство на љубовта,
во мртвилото на објективноста.
Љубовта е непрестајна литургија,
во срцата на присутните причесници.
Благодатта е триумф на Божјата волја во творението,
таа ги соединува лавот и јагнето,
страста и добродетелта,
правдата и милоста,
личноста и Христос.
Богатството од Царството Небесно,
целосно ни се подава во Словото Божје,
по цена на безрезервната љубов,
која го чува и пази со чист, како риба непорочен ум,
во срце топло, меко како леб.
Покајните солзи каменот во леб го претвораат, п
остот ја изгонува змијата од него,
а молитвата го вселува Христос во срцето.
Мудроста е благотворна сила на зборовите.
Вистинската слобода е познавање на последните состојби
кои ќе се овековечат со нашиот избор,
можност и оспособеност за умственото согледување,
во обратната перспектива на појавите.
Блаженството на духовната беда,
се должи на одсуството сопствена волја,
доброволно сиромаштво од намисла,
пред Божјата промисла.
Самата историја, како процес
кој ја разобличува тварта и го вообличува Словото,
по себе сведочи, за квалитетот на денот кој по неа се раѓа.
Сохранети во симболиката на благообразноста,
го примаме владичествениот Дух на животот,
со кој ја впечатиме невословената твар
и ја разобличуваме коварноста.
Историјата е егзил за нашиот прогонет царски род.
Вогледот на честа кон својот Ум,
во исчек на пристапниот повик за причест со Образот,
се нарекува пост.
Словото се воплоти, за плотта да ја запроси,
таа да го возљуби и со него се вослови.
Во ангелувањето на светот (евангелизацијата),
се врши во, од и само преку објавата,
примањето и учеството на луѓето
во телото на Црквата и во животот Христов.
Законитостите на Божјата промисла,
премудро се поставени
над дофатот на разумната човекова волја,
упатувајќи не кон верата
како извор на вистинско сознание,
и до љубовта како цел на нашата слобода.
Залезот на закономерноста,
е изгрејсонце на веројатноста
и надежта во незалезноста.
Пред се, верувај во она што беше пред се,
Над се, Надевај се на она преку кое стана се,
Во се, љуби го Словото Божје, кое ќе воскресне се.
Духовите се причесниот дел на созданието,
кон Божествената личност на Светиот Дух
и првичниот, нераспадлив органски поредок на тварта.
Тие се оној дел од материјата, кој по својата префинетост, слободно ја проникнува
атомизираната вкаменетост во постоењето,
а според словообразноста на сопствената свесна волја
биваат причестливи со семоќните енергии на Божествената волја кои ги нарекуваме разум, мисли, свест, чувства, желби, нагон, совест, волја, живот, а најточно благодат.
Нашата сила е:
водата врз која ќе минеме, без да ја забрануваме,
ѕидот низ кој ќе влеземе без да го нарушиме,
небото што ќе го досегнеме, без телото да го напуштиме.
Господ го распна сето свое познание,
за преку нас да му го подаде на сето свое творение,
неправејќи во љубовта разлика,
ни покажа дека само со љубов
може се да се познава и во живот да се одржува,
се всели во нас како плод на крсниот калем,
од дрвото на познанието, со дрвото на вечниот живот,
да го примаме во мерката на својата распната љубов.
Тварта е мртва состојба на мислата,
нејзината немуштост да се саморазделува,
љубовно да проникнува, животвори и восознава,
безвластие да се самозадава,
а со тоа и да со-задава, самодадени со-заданија.
Ч(ел)о-векот е со-зададена само-даденост,
со-посебна да со-задава со-т(о)варности,
во Из-в(и)-оро-т, Из-течник
на со-во-ја(с)-та само-зададеност.
Така сето изгледа противпоставено,
доколку се изгуби предвид,
сеопштата Логосна предпоставеност на самобитноста.
Блуткави се Словото и лебот, без молитва и сол-зи.
Утре?
Секогаш зад надежите, и далеку пред намерите.
Седмочисленост на причеста кон Троичниот Бог
Седум својства во своето дело, воздаде Создателот.
Вистина, Правда, Чистота, Добрина, Милост, Побожност и Љубов.
Седум духовни служби, за нив востанови и во нив ги посвети.
И постави во нив редови, началства, господства,
упатувајќи ги низ причест,
да ги предаваат на Неговото творештво.
Потоа издвои седум времиња од својата вечност,
за во нив да се изврши посветувањето на творението,
од мракот на несвесното, во светлината на Божествените својства.
Секое од овие својства,
му служи, се слева и содржи во следното,
а само последното е причински творечко и господствено,
седржечко, незалезно и вечно.
Ѓаволот, со своите ангели, по сопствен избор,
беше посветен во возвишената служба на љубовта,
според сеопфатната Божја премудрост.
Но, поради неслужбеноста на ова својство,
кое е толку сеопфатно што овој не можеше да го додржи,
отпадна од небото на незалезниот ден,
останувајќи во мракот на вечната ноќ.
Таму остана без благодатта на создавањето својствена за љубовта, со шесте пометнати својства, од љубовта на три ипостасниот Бог,
според кои е проклето бележит, анатема (666).
Ѓаволот е одсечена Божја волја,
намерна снисходна грешка,
неопходна за совпаѓање во образноста,
на создателот и созданието.
Кога Божјото дело би било безгрешно,
грешките не би биле можни,
слободата би била безпредметна,
владичественоста на човекот, би била вештачка и наметната,
се би било поинаку,
без полнотата на премудроста, во љубовта.
Не жалам по делата што ми пропаѓаат,
туку за зборовите преку кои сум ги направил,
зошто разобразен безљубовно сум ги родил,
неподобни во нив да се пројави Творечката сила,
такви да се измачуваат, поради мене.
Се постои преку нашето познание,
пресловено подобно нашето преобразение,
од страносетие (страст), до незалезна светлина.
Кога во нешто се содржи етика, истото пројавува естетика,
кој пак има љубов, од него зрачи убавина.
Сетилата и удовите се апостоли на духовноста.
Ако нештата ги согледаш од сите страни,
нивната збунувачка тродимензионалност ќе исчезне,
и неслиено ќе се претопи во нова стварност.
Затоа, лично е всушност општото.
Восредоточието на сетилата,
не остава духовен етер во надразбите.
Помеѓу зраците во снопот стварност,
што се проицира врз твоите зеници,
постои невидливо поднебесие на бескрајот,
во кое се одвива битката за твоето внимание.
Секој систем на општење,
во цивилизациската еволутивна епопеја,
бил бог на индивидуалните права,
а темничар на личните можности,
кончателно глобалната демократија.
Словонижење, тваровишење,
од облик во буква, од неа во збор,
низ јазици во имиња, каде многуте чинат мисла на едниот,
што разумот го истоштува, го ништи и во верба расловува,
со надеж во Едниот, на многуте да се принесува.
Двајца штом жртвено се љубат,
одповеќе се град и побројни од држава,
доволно стадо, достојни за Пастир,
полна се Црква на вечниот Бог.
Кој се грижи за другите, внимава на себе.
Се страда и копнее по нашата љубов.
Подобието го сочувува и вековечи образот.
Среќата се наоѓа на патот кон доблеста,
од расточивото до восочивото естетство.
Помнежот е пат кон вечноста, а заборавот, влезот во неа.
Стварниот природ е екстатичен љубовен чин,
кон надрелното во реалноста.
Мудроста е рожба на девствена душа
и секоја творба е само приказна за неа.
Денешниот свет е преполн со плодовите од дрвото на пропаста,
со кои неуморно, през целиот живот се храниме,
таложиме помнежи што не заробуваат во времето,
сведени и вештествени.
Кога сонувам, се враќам во предвечието,
одвремен од својата волја, бивам воден од совеста,
низ образите на предличното постоење.
Искушенијата за љубовта, се како советите за мислата.
Нив треба да ги стекнеш, за да можеш да ги провериш.
Зошто кога немаш мислење, не знаеш ни совет да побараш,
а кога немаш љубов, ништо не си, за да бидеш искушан.
Оној што нема мислење, нему му недостасува збор,
кој не може да го роди, од што нема стекнато ни образ,
зошто пак секое слово е образ на вечното Божјо,
кое повикува на љубов: „остави се и следи ме“.
Како што не можат закони за деца,
да регулираат односи помеѓу возрасни,
ниту туѓите искуства да те спасат од грев,
така и каноните се суво камено корито,
низ кое само со љубовна волја во Бога,
може да потече жива, спасоносна вода. |