ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Никон
и сто деведесет и девет ученици со него
23 март / 5 април
Никоне свети мачениче,
трпелив во трудовите, велик во љубовта,
ненаситен во подвигот, учител на смиреномудрието,
преку тебе свет подвижниче
сто деведесет и девет ѕвезди небото задоби.
По твоите свети молитви за нас од Христа измоли,
простување на гревовите и вечно живеалиште.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Лука
23 март / 5 април
Чудесни се твоите патишта Господи,
светлината на денот не заоѓа додека
Пастирот не ја побара овцата своја,
затоа свети Лука маченикот
покајно патешествие помина, со кое
гарежот на страсите и душата ја очисти,
со благодатта и застапништвото на Пресветата.
Затоа денес ние го чествуваме и на неговите
молитви се надеваме пред Престолот Божји.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Филит и Лидија
и другите со нив
23 март / 5 април
Залудно лагата мрежи протегаше над вас
свети маченици Филите и Лидијо
кои заедно со децата ваши Бога Вистинитиот го славевте,
и од Него мудрост добивте за посрамување на зловерието.
Минливоста не се допре до телата ваши,
и вие молитвено кон Христа восходивте,
молејќи се и за сите оние кои славејќи го
Бога Троичниот, ќе се сетат на вашите свети,
о маченици, имиња.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот свештеномаченик Никон
Роден е во Неапол од татко незнабожец и мајка христијанка. Беше римски офицер во Неапол. Не беше крстен, иако мајка му тајно од таткото го поучуваше на Христовата вера. Еднаш кога тргна со својата чета во бој, мајка му го посоветува ако западне во неволја да се прекрсти и да Го повика Христа на помош. И навистина, кога во битката Никоновата чета беше опколена и сосем близу до конечна погибел, Никон се прекрсти и во срцето повика кон Господ Исус. Во тој миг се исполни со необична сила, јурна на своите непријатели и едните ги уби, а другите ги натера во бегство. Враќајќи се дома непрестајно во чудо возвикнуваше: „Голем е христијанскиот Бог!“ Откако ја израдува мајка си со веста за победата со помош на крстот Христов, тајно отплови во Азија и таму епископот кизички Теодосиј го крсти. По Крштението се затвори во еден манастир, каде што се предаде на учење и подвиг. Но пред смртта епископот Теодосиј имаше видение во кое му беше заповедано за свој наследник да го ракоположи Никон. Старецот Теодосиј веднаш го повика Никон и го ракоположи за ѓакон, потоа за презвитер и накрајот за епископ. По Божја Промисла Никон наскоро дојде во Неапол, каде што ја затекна мајка си сѐ уште жива. По нејзината смрт заедно со деветмина ученици, свои некогашни војнички другари, замина за Сицилија и таму го проповедаше Евангелието. А во тоа време имаше страшно гонење на христијаните. Кнезот Квинтијан го фати Никон со другарите и ги удри на големи маки. Сто и деведесет негови другари и ученици беа убиени. А мачителот го врзуваше Никон за опашките на коњите, го фрлаше во бездна од високи карпи, го тепаше, го стружеше, но Никон ги преживеа сите тие маки. Најпосле го убија со меч и се пресели со душата кај Господ. Неговото тело го оставија во полето за да го изедат птиците. Но едно демонизирано овчарче се сопна и падна врз мртвото тело на Христовиот маченик и веднаш се исцели. Разгласи за телото на Свети Никон, па дојдоа христијаните и го погребаа. Пострада за Христа во времето на царот Декиј.
Преподобен Никон Печерски
Другар на Свети Антониј Печерски и духовен отец на Преподобниот Теодосиј. Затоа што ги потстрижа во монаштво бојаринот Варлам и евнухот Ефрем беше загрозен од кнезот Изјаслав, но кнегињата го обрати гневот на овој кнез во страв Божји и тој го остави Свети Никон во мир. Еднаш сакајќи да го украси храмот со икони Никон Му се молеше на Бога за помош. И заради неговите молитви ненадејно дојдоа во Киев од Цариград едни Грци иконописци на коишто во видение им се јавиле Светите Антониј и Теодосиј и ги упатиле кај Никон во Киев. Прочуен е по неговите смели подвизи и по духовната мудрост. Во староста наспроти неговата волја го избраа за печерски игумен. Се престави кај Господ во 1066 година. Неговите нетлени мошти се чуваат во киевските пештери.