ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите
Христови апостоли
Состен, Аполос,Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар
8 декември / 21 декември
Глас 5
Пламени факели кои го осветлувате учењето Христово,
бодри мажи кои за спасение на стадото ревнувавте,
апостоли Состене и Аполосе, Тихике, Епафродите,
Онисифоре, Кифе и Кесаре,
молете го Господа да ги спаси нашите души.
Извор МПЦ - ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобен
Патапиј
8 декември / 21 декември
Глас 3
Зачекорувајќи кон Божјиот повик,
младоста со безметежност ја украси,
подвигот твој засветли во светот и
благодатта во бестрастието се прослави.
Затоа оче преподобен Патапие,
кој страстите ги преобрази,
Христа Бога моли Го
да ни дарува голема милост.
Извор МПЦ - ОА
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 21/12/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Патапиј
Роден е е и воспитан во верата и во страв Божји во Тива Мисирска од благоверни родители. Рано ја увиде и ја презре суетата на овој свет и се оддалечи во Мисирската пустина, каде што се предаде на подвиг на очистување на своето срце од сите светски помисли и желби заради љубовта Божја. Но кога неговите добродетели станаа познати меѓу луѓето, почнаа да му доаѓаат и од него да бараат ослободување од маките. Плашејќи се од човечката слава којашто го помрачува човечкот ум и одвојува од Бога, Патапиј побегна од таа пустина во Цариград. Зашто овој чуден светител мислеше дека можеби полесно ќе се скрие од луѓето во градот одошто во пустината. Си направи колиба во близина на црквата Влахерна во Цариград и таму, затворен и непознат, го продолжи својот испоснички подвиг. Но таа светлина не може да се скрие. Едно момче, слепо од раѓање, водено од Промислата Божја, дојде кај Св. Патапиј и го замоли за молитва кон Бога за да прогледа и да го види созданието Божјо, та уште повеќе да Го прослави Создателот. Патапиј се смилува на страдалникот, Му се помоли на Бога и момчето прогледа. Ова чудо го откри богоугодникот во целата престолнина и луѓето тргнаа кај него по лек, утеха и поука. Еден прочуен човек Патапиј го исцели од водена болест само што го прекрсти и го помаза со елеј. Едно момче го ослободи од нечистиот дух што го мачеше луто, творејќи крст во воздухот. Демонот излезе од човекот како дим, испуштајќи голем крик. Една жена што имаше рана на градите, исполнета со црви, ја прекрсти и ја исцели. Многу други чуда пројави Св. Патапиј со молитва, со името Христово и со знакот на Крстот. Се упокои во длабока старост и замина во Небесното Царство во 7 век.
Светите апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар
Сите тие се празнуваат на 4 јануари со останатите помали апостоли. Св. Аполос се празнува посебно на 10 септември, Кифа и Кесар на 30 март. Св. Состен беше епископ во Кесарија. Тихик му беше наследник на истото место, Епафродит во Адријанија Памфилиска, Кифа во Иконија, а Кесар во Корона Пелопонеска. Сите го проповедаа Евангелието со пламена љубов и претрпеа маки за Христовото име, па преминаа во царството на вечната радост.