ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите Христови
апостоли и ѓакони Прохор, Никанор,
Тимон и Пармен
28 јули / 10 август
Вие ученици на Божјото Слово,
вие носители на Духот Свети,
вие јагниња на колење поведени,
Прохоре, Никаноре, Тимоне и Пармене,
апостоли и ѓакони, маченички телото ваше на земјава избледе,
но затоа на Небесата кон хорот на светиите припоени,
се молите за родот човечки, да ги пополни празнините ангелски.
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (10.08.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светите апостоли Прохор, Никанор, Тимон и Пармен
Четворицата беа од бројот на Седумте ѓакони и од Седумдесеттемина апостоли. Останатите тројца ѓакони беа: Стефан, Филип и Николај. Првомаченикот Стефан се празнува одделно на 27 декември, а Филип на 11 октомври. Николај не влезе меѓу светителите заради ерес. А првите четворица немаат посебен ден за празнување, туку сите се спомнуваат на денешен ден, 28 јули. Прохор беше ракоположен од Светиот апостол Петар за епископ Никомидиски. Извесно време беше на служба кај Св. Јован Богослов и на островот Патмос ги забележа откровенијата што ги чу од устата на Св. Јован. Потоа се врати во Никомидија, каде што вложи голем труд за обраќање на народот во верата. Маченички се упокои во Антиохија, каде беше убиен од неверници. Свети Никанор пострада во Ерусалим истиот ден кога и Светиот архиѓакон Стефан, а набрзо по него пострадаа и две илјади други христијани, кои беа убиени од зли Евреи. Тимон беше епископ во Арабија и пострада за Христа на крст. Пармен умре пред очите на апостолите и тие го оплакаа и го погребаа.