Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже!
МОЛИТВА ПРВА
Ти благодарам, Господи Боже мој, што не си ме отфрлил мене грешниот, но ме удостои да бидам учесник во Твоите свети тајни. Ти благодарам што ме удостои мене недостојниот, да се причестам со Твоите пречисти и небесни дарови. Но, Владико, Човекољубив, Кој заради нас си умрел и воскреснал и си ни ги подарил овие страшни и животтворни Тајни, за добро и осветување на нашите души и тела, дај и овие да ми бидат за исцеление на душата и телото, за одгонување на секој противник, за просветување на очите на оето срце, за мир на моите душевни сили, за непосрамена вера, за љубов нелицемерна, за исполнување со премудрост, за зачувување на Твоите Заповеди, за умножување на Твојата Божествена благодат и придобивање на Твоето Царство; та, со нив сочуван во Твојата светиња, да ја спомнувам секогаш, Твојата благодат, и да не живеам веќе за себе, но за Тебе, нашиот Владика и Добротвор. И така, излегувајќи од овој живот со надеж на вечен живот, да достигнам вечен мир, каде што радоста на оние што празнуваат е непрестајна и бескрајна е насладата на оние што ја гледаат неискажаната убавина на Твоето лице. Зашто Ти си вистинска желба и неискажана желба на оние, кои Те сакаат, Христе Боже наш, и Тебе Ти пее сета твар во векови. Амин!
МОЛИТВА ВТОРА
Владико, Христе Боже, Цару на вековите и Создателу на сè, ти благодарам за сè, што си ми дал, за добрата и за причестувањето со пречистите и животворни твои Тајни. затоа Те молам, Добар и Човекољубив чувај ме под Твојот покров и во сенката на Твоите Крилја. Дарувај ми со чиста совест дури до последниот мој здив достојно да се причестувам со Твоите светињи за отпуштање на гревовите и за живот вечен. Зашто Ти си Леб на животот, Извор на светињата, дарител на добрата и тебе слава Ти вознесуваме со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
МОЛИТВА ТРЕТА
Давајќи ми го Твоето Тело доброволно за храна, Создателу мој, Ти, Кој си оган што ги спалува недостојните, да не ме спалиш и мене, туку продри во сите мои делови, во сите состави, во утробата, во срцето. Изгори ги трњата на сите мои прегрешенија, душата очисти ја, мислите освети ги; составите утврди ги заедно со коските, чувствата на петте прости сетила просвети ги, целиот приковај ме кон Твојот страв. Секогаш покривај ме, заштити и сочувај од секакво душегубно дело и збор; очисти ме, измиј и украси ме, разубави ме, вразуми и просвети ме. Покажи ме како Твое живеалиште на единиот Дух, а никогаш живеалиште на гревот. Та како од Твој дом по примањето на светата Причест да бега од мене секој злотвор, секоја страст. за молитвеници Ти ги приведувам сите светии, чиноначалствата на бесплотните сили, Твојот Претеча, мудрите Апостоли, а со нив, и Твојата Непорочна, чиста Мајка, со чии молби, милосрден, прими ме, Христе мој, и син на светлината, Твојот служител, направи го. Зашто Ти Единствен Си Светлина и осветување на нашите души, Благи и Тебе, како што прилега, слава сите Ти вознесуваме секој ден како на Бог и Владика.
МОЛИТВА ЧЕТВРТА
Твоето свето Тело, Господи Исусе Христе Боже наш, да ми биде за вечен живот, и Твојата чесна Крв за отпуштање на гревовите, светата Причест да ми биде за радост, здравје и веселба; а на страшното и Второ Твое пришествие удостој ме грешниот, да застанам оддесно во Твојата слава, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка и на сите Светии.
МОЛИТВА ПЕТТА
(КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА)
Пресвета Владичице Богородице, светлино на мојата помрачена душа; надеж, покров, прибежиште, утеха и моја радост, Ти благодарам што ме удостои мене недостојниот да бидам причесник на пречистото Тело и чесната Крв на Твојот Син. Но, Ти, Која си ја родила вистинската светлина просвети ги умствените очи на моето срце; Ти, Која си го родила Изворот на бесмртноста, оживотвори ме мене умртвениот од грев; Ти, милосрдна Мајко на милостивиот Бог, помилуј ме и дај ми во моето срце умилност искрушеност и смирение моите мисли и отповикување од ропство на моите помисли и удостој ме до последната воздишка неосудно да го примам од пречистите Тајни осветувањето за исцеление на душата и телото и дај ми покајни и исповедни солзи, за да Ти пеам и да Те славам во сите денови од мојот живот. Зашто си благословена и препрославена во сите векови. Амин!
Извор: МАЛ ПРАВОСЛАВЕН МОЛИТВЕНИК
Издавач: Струмичка епархија