Господ го победува ѓаволот во нашата душа, кога и ние самите се бориме против него
Колку и да паѓате, не очајувајте и не губете ја верата сосема. Сочувајте макар и „една точка“ во себе која гледа и забележува и но некогаш длабоко тагува поради Вашата состој ба и нема да потонете во морето на светските грижи. Господ тоа нема да го допушти, а во критичен момент ќе Ви пружи рака како на апостол Петар. „Светот ќе ве замрази“, им рекол Господ на Своите ученици пред две илјада години. Тоа пророштво непрестано и до денес се исполнува на учениците Христови, но се исполнува и она другото: „Бидете храбри, Јас го победив светот“. „Оној (Кој е) во вас е поголем од оној кој е во светот“, вели апостол Јован Богослов. Зборот „свет“ има две значења. Првото е – „надворешниот свет, паднатото човештво“, а второто – нашиот стар човек со своите страсти и грешни наклонетости.
Овој свет е под власт на ѓаволот. Тој го наоѓа во него своето оружје, со кое го напаѓа и го прогонува ученикот Христов, сакајќи да го погуби. Но, Господ го победи светот, го победи и ѓаволот. Ѓаволот не може да напакости никому на сила, против волјата човечка.
Само оној кој свесно му подава рака, потпаѓа под власта на ѓаволот. А кој му се противи, кој го призива на помош Господ Исус Христос, тој е безбеден, нему демонските искушенија можат да му бидат од корист, навистина, му одат во корист.
Своите паѓања и старост треба да се користат како средство за добивање на смирение. Човек, кој добива смирение, господари со своето внатрешно расположение, при што сите напади на ѓаволот стануваат одбиени. Човекот не се надева повеќе во себе, туку во Господ. А Господ е семоќен и го победи ѓаволот и го победува во нашата душа секогаш кога се бориме против него не со своја волја, но со повикување на Господа и со предавање себеси на Неговата волја.
Не истоштувајте се. Не мислете дека духовникот чувствува одвратност од исповедувањето на гревовите. Ако постои искрена понизност, духовникот чувствува посебна милост и љубов кон оној кој се кае. Тоа е вистина. Таквото расположение на духовникот е сведоштво дека Господ му простува на оној кој се кае и со љубов го прима во Својата прегратка, како што го примил блудниот син.
Значи, бидете храбра. Нека се закрепи Вашето срце! „Оној во вас, е поголем од оној кој е во светот“.
Нека Господ Ви помогне во сè што е добро, нека Ве поучи, поткрепи и утврди на каменот на своите заповеди и да Ве приведе кон спасение и радост во вековите на вековите. Амин.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2001, стр. 41-42
Извор: Бигорски манастир