УТРЕНА
✜✣✜
Тропар, глас 8.
Богородице Приснодево, заштитнице на луѓето, ризата и појасот на твоето пречисто тело си ги дарила на твојот град како моќна ограда, останувајќи нетлена поради твоето бессемено раѓање, ззашто во тебе се обновува и природата и времето. Поради тоа те молиме, мир на твојот град да му даруваш, а на душите наши милост голема.
✜✣✜
Седален, глас 3.
Со красотата на твоето девство си Го родила прекрасното Слово и со твојот појас, Чиста, како дете си Го повила. Тој појас, Владичице, си го дарила на твоите слуги како заштита, помош и извор на осветување. Неговото чесно полагање, Пресвета Дево, сите ние верно го празнуваме.
✜✣✜
Седален, глас 3.
Само ти, благословена, си имала нетлено раѓање и девство; а за спасителна облека на луѓето си го дарила твојот појас, кој дури до сега нераспадлив останува, Богоневесто. Заради него, Пречиста, ние, твоите слуги, примаме од Бога милост голема.
✜✣✜
Кондак, глас 2.
Твојата утроба, Богородице, која Го смести Бога, препашана со твојот чесен појас, за твојот град е сила непобедлива, и неисцрпна ризница на добра, единствена која роди, и вечно остана Дева.
✜✣✜
Седален, глас4.
Во храмот Божји, Пречиста, сечесниот појас со кого што си ја препашала непорочната утроба која Го зачна Бога, се освети божествената светиња. Затоа се осветуваме, со вера допирајќи го, и со страв чесно целивајќи го.
✜✣✜
Седален, глас 4.
Полагањето на твојот чесен појас, Дево чиста, Црквата светло го празнува, и постојано ти вика: Сите нас препаши нѐ против силата вражја, и животот наш насочи го, да ги извршуваме Божјите заповеди.
✜✣✜
Кондак, глас 4.
Денес твојот храм, Сепеана, го празнува полагањето на твојот чесен појас, и ревносно ти вика: Радувај се, Дево, пофалбо на христијаните.
✜✣✜
Икос: Просветли ме со твојата светлина, Дево Богородице, и растерај го мракот што лежи во мојот ум, за да можам да ти пристапам чисто тебе, Чистата, која ги обожи земните. Го воспевам твојот божествен појас, Сечиста и непорочна, кој е посветол од сонцето, кого што овој свет го има како тврд покрив и надеж, кој ги победува советите на беззаконите врази, и ги разорува нивните лукавства, и постојано ги пази твоите слуги: Радувај се, Дево, пофалбо на христијаните.
Песна 9.
Ирмосː Небото се исплаши и краиштата на земјата се зачудија, кога Бог им се јави на луѓето во тело, а твојата утроба стана поширока од небесатаː затоа, Богородице, ангелите и луѓето заедно те величаат.
Ете го божествениот одар Соломонов, што го окружуваат шеесет силни, вели Писмото, како што денес го полага својот појас во чесниот ковчег како на царски одар, заради оживување на сите верни, и заштита на благочестивите.
О граде на Царот небесен, за кого се говореа чудесни работи! Денес во твојот град се положи чесен и свет дар – твојот сесвет појас, за поткрепа на сите верни. Со него тие ги победуваат непријателите и зрачат со православието.
Гори, излевајте сега сладост, и вие, ридови – вечно веселие; собори од патријарси и хорови од маченици, и пророчка дружино, заедницо на чесните и божествени апостоли, веселете се со сите нас, заради полагањето на божествениот појас на Божјата слугинка.
Со Твојата Рожба, Пресвета Дево, си ги осветила сите, и сега нам си ни дала преизобилно просвештение – твојот пресвет појас. Поради неговото полагање ликува целата земја, и те почитува тебе, која го исполни човештвото со радост неискажлива.
Мене, кој што ја барам твојата милост, Пречиста, како милостива, бргу ослободи ме од лажната љубов кон страстите, и од непријателот кој постојано ме искушува со тежината на гревовите, и од тешкото очајание, од ропството и од гревот.
Друг канон.
Ирмосː Христос, аголниот неотсечен камен, кој од тебе, Дево, несечената гора се отсече, ги соедини разделените природи. Затоа веселејќи се, тебе – Богородице, те величаме.
Твојот ковчег што го чува твојот свет појас, Богородице, навистина се покажа како скапоцена одаја што достојно чува и пази девствена и невестинска облека, како ризница на животот.
Црквата, облечена во твојот божествен и сесвет појас, како со божествена дијадема на убавината, денес царски се весели, и со твојата слава се краси.
Верни, денес во овој благоукрасен храм, кој во сѐ личи на небесата, откако ќе ги примате зраците на даровите, украсени како со светли ѕвезди, просветлете се.
Твојот град, Богородице, го има твојот свет појас како врска на мирот и бедем, и божествено единство на догматите, и пофалба на православните, и трофеј на царевите.
Ја воспеваме твојата неискажлива слава и благодат неизмерна, зашто ти си изворот на премудроста од кого што излегува зборот на сите оние што те почитуваат, Пречиста, и Ја величаат Твојата Рожба.
✜✣✜
Светилен:
Твојот чесен појас, Богородице, со кого си го препашала твоето свето тело, со почит го празнуваме неговото полагање. Со негова помош се избавуваме од распадливоста, и од неволи и напасти, на Севишниот Бог Мајко.
Подготви: Т.С.
13-ти септември 2017, лето Господово