УТРЕНА
Трипеснец, глас 2.
Песна 9
Ирмос: Бог и Господ – Син на Беспочетниот Родител, кога се воплоти од Дева – нам ни се јави, за да ги просветли помрачените и да ги собере расеаните; затоа сепеаната Богородица ние ја величаме.
Постот, кој засветли посветло од сонцето, многусветлата благодат, на сите им ги благовести крсните лачи, и зраците на чесното страдање и спасоносниот ден на Воскресението.
Чистотата да ја возљубиме, блудот да го одбегнеме, бедрата со чистота да ги препашеме, та чисти пред Чистиот да се покажеме – пред единствениот Спасител на душите наши, Кој од сите бара чистота.
Христе, Кој на крстот го прикова гревот Адамов, телото мое кон стравот Твој прикови го; оковите на моите зла раскини ги, стрелите на лукавиот скрши ги, со Твоето копје, Владико, и од оваа болест избави ме.
Богородичен: Дево, која Го роди најправедниот и најмилостивиот Судија – Христа Господа, избави ме од судот, огнот и маките, што ми ги приготви гревовната наслада.
Друг. Ирмос: На Оној што некогаш на гората Синај во несогорливата капина, пред Мојсеја го предобрази чудото на Дева, пејте Му, благословувајте Го и превознесете Го во сите векови.
Колку е големо Твоето милосрдие, Господи, зашто си претрпел клинци и копје, заради мене осудениот на гибел; затоа Те воспевам, Христе.
Сите луѓе, поклонувајќи се на крстот, трската, клинците и копјето, на живоносните Твои страдања, со песни, Христе, Те воспеваме.
Слава: троичен: Единице триипостасна, Троице единствена, Господоначална! Естество рамнославно – Оче, Сине и Божествен Духу, сите нас спаси нè.
Богородичен: Радувај се, Богородице, очистилиште на светот, зашто сите грешни кои во него сме се засолниле, измирување со Бога секогаш наоѓаме.
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Откако со крстот Твој и мене, Господи, ме укрепи, дарувај ми, Благи, текот на постот добро да го завршам.
Ирмос: На Оној што некогаш на гората Синај во несогорливата капина, пред Мојсеја го предобрази чудото на Дева, пејте Му, благословувајте Го и превознесете Го во сите векови.
Извор: ПОСЕН ТРИОД
Подготви: Т.С.