Србија на овој Видовден го смени митот кој долго време не тераше да гледаме назад во минатот и го смени текот на својата историја, порачаа српскиот премиер и вицепремиер, Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ.
Дачиќ на свечената седница на Владата во Крушевац, по повод Видовден, 624 годишнина од Бојот на Косово, рече дека ова е ден кој ќе се памети засекогаш.
-Денеска нашата земја го промени своето вековно верување, начинот на однесување, крајната цел, митот кој толку долго не тераше да гледаме назад и да не одиме напред, истакна премиерот на Србија.
Србија почна да го слави животот, да верува во способноста и трудот и мирно, имајќи предвид што се направила досега да очекува успех, без страв дека може да и избега.
-Поразите кои ги славиме, жртвувањето на народот за битки кои не можеме да ги добиеме повеќе не се наша опција. Србија мора да игра на победа, ќе го славиме минатото, но ќе ја создаваме и иднината, истакна Дачиќ и напомена дека добивањето датум не е ништо друго освен увод во првата минута на патувањето на кое тргнала Србија.
-Ова конечно е еден Видовден кој не значи почеток на војна, несреќа, борба за опстанок. На Видовден ги славевме сите херојства и најголемите порази, го славевме и изнесувањето на нашите државници од земјата, но никогаш нешто со што генерациите кои доаѓаат би се гордееле, рече вицепремиерот на Србија, Александар Вучиќ.
-Има пот, но за прв пат можеме да кажеме-нема крв, рече Вучиќ.
Тој кажа и дека денешната одлука за отворање преговори е „аптекарски дозирана“ и тоа е поради негативното искуство на ЕУ од земјите кои се примени во Унијата без да ги завршат целосно реформите.
Извор:
http://a1on.mk/wordpress/archives/171101