логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 3.angeli.so.truba

Честопати може да се забележи тврдењето дека е Стариот Завет  заснован  врз  законот  на  стравот,  додека  Новиот Завет е закон на љубовта. Но, таквото генерализирање не остава простор за нијанси, кои секако постојат. Ако стравот во Стариот Завет и има посебна важност, во него, сепак, свои корени има и законот на љубовта, а од друга страна, пак,  со новиот закон, стравот не е сосема укинат. Не треба да се изуми дека оние две заповеди за љубовта, познати како најголеми Христови заповеди, своето потекло го водат од Стариот Завет, каде многу порано е речено: „Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, сета своја душа и сите свои сили“ (5Мојс 6,5) и „сакај го ближниот свој како себеси“ (3Мојс 19,18). Новиот Завет, пак, не го поништува стравот: тој продолжува да  постои  како  основа  на  автентичното  религиозно  однесување. Впрочем, стравот и љубовта и во двата завета се испреплетуваат и  остануваат  неразделни.  Тоа  што  е  важно,  е  да  се  прави  јасна дистинкција помеѓу стравопочитта и плашењето, меѓу религиозниот страв и обичниот страв, кој може да се искуси пред непознатото, пред заканите на природата или непријателски напади (Ер 6,25; 20,10). Првиот вид страв претставува правилен однос кон Бога и Неговата слава и моќ, почитување на Неговата правда, па и гнев врз основа на сознанието на она што е и кој е навистина Бог.

Таквата  стравопочит  на  човекот  кон  Бога  носи  многу благослови и добра. Со овој вид страв е дефинирана мудроста која води кон правилно разбирање на Бога (Пс 110,10), а само неразумните избегнуваат дисциплина и мудрост (Изреки 1,7). Стравопочитта кон Бога, исто така, дава живот, мир и задоволство (Изреки 19,23). Таа е „извор на животот“ (Изреки 14,27), кој ни овозможува сигурност која нè води до безбедно место (Изреки 14,26).

Стравопочитта кон Бога охрабрува и го овозможува мирот и спокојството.Спротивно на стравопочитта се наоѓаат стравот и плашењето, кои според Светото Писмо не се воопшто од полза. За „духот на стравот“ се зборува во Второто послание до Тимотеј (1,7): „Зашто Бог не ни даде дух на плашливост, туку на сила, љубов и разбраност“. А таквиот дух на страв не доаѓа од Бога. Па затоа, светиот апостол и евангелист Јован говори за силата на љубовта која го изгонува стравот и вели:  „Не постои страв, туку совршената љубов го изгонува стравот, зашто се плашат оние кои се плашат од казната. Па така, оној кој се плаши, не е совршен во љубовта“ (1Јован 4,18).

За оние кои се со Бога, нема потреба да се плашат. Во Книгата на пророк Исаија (41,10) самиот Бог охрабрува, велејќи: „Не бој се, зашто Јас сум со тебе; да не се уплашиш, зашто Јас сум Твојот Бог; Јас ќе те зајакнам, ќе ти помогнам...“. Честопати сме загрижени и се плашиме за нашата иднина. Но, Господ Христос нè потсетува дека Бог, кој се грижи и за птиците на небото, уште повеќе ќе се грижи за секого од нас. „Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10,31). Токму затоа и старозаветниот праведник во Псалм 55,11 искрено исповеда: „На Бога се надевам, јас нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“

За разлика од таквиот страв, Светото Писмо јасно говори за неопходноста од стравопочитта кон Господа. Синтагмата yir’at yhwh, „страв Господов” е централен концепт во старозаветното верување, но и во другите религии од Блискиот Исток. Некои претпоставуваат дека станува збор за најархаичниот термин кој ја опишува спонтаната реакција пред божественото, како во библискиот еврејски јазик, така и  во  семитските  јазици  воопшто1,  којшто,  пак,  подоцна  ќе  стане синоним за почитување и послушност пред заповедите и законот Божји2. Станува збор за стереотипен израз кој го означува праведното1 

Сп. O. Procksch, Theologie des Alten Testaments, Gütersloh 1950, 610-614; види исто така R.H. Pfeiffer, „The Fear of God“,IEJ  5 (1955) 41; H.F. Fuhs, yārē’, Theologisches Wörterbuch zum Alten Testament, 1-8, ed. G.J. Botterweck   H.  Ringgren, Stuttgart – Berlin – Köln –Mainz, 1970-1995 876. 2  Сп. H.F. Fuhs, yārē’, TWAT, 876-877; J. Becker, Gottesfurcht im AT, AnBib 25, Roma 1966, 55, 84; P. Nel, The Structure and Ethos of the Wisdom Admonitions in Proverbs, BZAW 158, Berlin – New York 1982, 97-101.

морално однесување3 и базиларната поставеност пред Бога, во Кого е поставена основата на целокупното етичко однесување на човекот4.

Интересно е да се забележи поврзаноста на стравопочитта со мудроста. Врз основа на старозаветните текстови, некои библисти сметаат дека постои еволутивен процес кај мудроста. Првиот ста-диум би бил оној на практичната „мудрост“, вториот би ја содржел етичката димензија, односно „правдата“ и дури на крајот доаѓа тео-лошката мудрост, којашто, всушност, би била идентична со „стравот Господов“5. На ваквата мудрост мисли и старозаветниот писател кога вели: „почеток на мудроста е стравот Господов; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно“ (Пс 110,10).

Свети Климент Охридски во своите дела ја развива библиската мисла  за  потребата  од  искрена  стравопочит  како  регулатор  и критериум за правилен однос кон Бога и Црквата. И тој јасно говори за стравопочитта кон Господа како неизоставен сегмент од животот на вистинскиот богопочитувач. Во Пофалното слово за пророк Захарија и  за  зачнувањето  на  свети  Јован  Крстител,  вака  тој  го  опишува старозаветниот праведник: „Тој излеа поука како пророштво и го остави за вечни поколенија, оти венецот на староста е многустраното знаење и пофалбата на праведникот е во стравот пред Господа (сп. Сирах 10,25)“6. А вистински учител на вистинската стравопочит е Црквата, па затоа и Охридскиот чудотворец во Поуката на Велигден јасно вели: „Денес Црквата со возвишена проповед повикува, говорејќи: Дојдете, чеда, послушајте ме, ќе ве научам на стравот Господов! (сп. Пс 33,12)“7.

Свети  Климент  повикува  на  трезвена  посветеност  која  е неопходна за единството со Бога и Светиот Дух, па затоа дури и

3Сп. J. Becker, Gottesfurcht im AT, 157.4 Skladny мупридаваогромнаиодлучувачкаважностна  „стравотБожји„ кога се работи за односот меѓу Богаичовекот во Соломоновата збирка од Книгата Соломонови Изреки, U. Skladny, Die ältesten Spruchsammlungen in Israel,  Göttingen 1962, 15; видии L. Derousseaux, La crainte de Dieudans l’Ancien Testament, Paris 1970, 305.5  Сп. V. Morla Asensio, Libri sapienziali e altri scritti, Brescia 1997, 99-104. Види исто така R.E. Murphy, Proverbs, WBC, Nashville 1998, 76.  6 Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, поуки, житија, (превод Јован Таковски), Скопје 2012, 39.7  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 156.


со молба се обраќа до своето паство: „Ве молам, браќа, истрезнете се, и со страв Божји да Го примите Светиот Дух како апостолите. Милоста, пак, Божја кон нас е голема и неискажлива, како и честа на овој ден“ (Поука на Педесетница)8. Од љубов кон своите верници, со исклучително чувство на одговорност за нивното спасение, а за да ги спаси од неминовната пропаст, тој не престанува да ги моли и прекорува, па повторно вели: „Но, ве молам, браќа, не лажете се гледајќи како некои живеат без страв Божји и повеќе се грижат за телото, отколку за душата. Тие не Му служат на Бога, туку на својот стомак. Со лажни зборови ги мамат срцата на беззлобните. Нивниот крај е погибел“ (Поука за Втора недела од Великиот пост)9.

Правилната стравопочит кон Бога спасува и таа е дар која не се стекнува без личен подвиг преку покајанието и очистувањето. Затоа во Словото за Богојавление, свети Климент гласно повикува: „Да се очистиме, браќа, самите себе од секаква скверност духовна и телесна, чистејќи се и очистувајќи се со страв Божји, та со очистен ум да се издигнеме во висините и така, чисти, да побеседиме со Чистиот. Зашто е речено: Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите кои постапуваат според неа (Изреки 1,7.9-10). Таму, пак, каде што има страв Божји, има и пазење на заповедите, а каде што има пазење на заповедите, има очистување на телото; а каде што има очистување на телото, има и просветлување на душата“10. А единствениот пат до очистувањето е покајанието и искрената прозба за прошка на гревовите: „Затоа, браќа, да не бидеме мрзливи и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и со страв стоејќи во неа да бараме од Него прошка на гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Господови“ (Поука за Педесетница)11.

Во сиве овие претходно спомнати текстови, свети Климент Охридски  говори  за  стравопочитта  како  постојана  потребна  и неопходна  карактеристика  на  секој  христијанин  за  сето  време  од неговиот живот. Сепак, посебно таа треба да дојде до израз за време 8  

Свети Климент Охридски, Собрани дела, 306.9   Свети Климент Охридски, Собрани дела, 412.10  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 262.11  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 306.


на учеството на светите богослужби во храмот, уште повеќе кога се пристапува кон Тајната на тајните – Светата Причест. Веројатно и тогаш, како и честопати денес, отсуството на стравопочит надвор од  храмот,  го  внесува  недоличното  и  непристојно  однесување  во Божјиот дом. „Да стоиме со страв“ – опоменува светителот – „не само воздржувајќи се од разговори, туку и лошите мисли од нашите срца да ги прогонуваме, внимавајќи на читањето и на пеењето“ (Општа поука за апостол, маченик или светител)12. „Молејќи се во храмот на Божјата слава, да бараме прошка на гревовите, стоејќи со страв, не само да се воздржуваме од лоши дела, туку и лошите помисли да ги прогонуваме од срцата, внимавајќи на читањето и на пеењето“ (Поука за апостол Тома)13. Зошто одите во светиот храм, а немате страв во своето срце, и велите: „Оче наш, Кој си на небесата..., прости ни ги долговите наши, односно нашите гревови“? И Светото писмо вели: „Оние што влегуваат в Црква, а немаат страв во своето срце, за нив се пишува: Со мали гревови влегуваат луѓето в црква, а со многу гревови излегуваат од црквата, бидејќи во своите срца држат лоши помисли“ (Поука во недела Сиропусна)14. „Да стоиме со страв на молитва, да ги отвориме вратите на божествената одаја со бдеење и молитви, со пост и милостина, и така да поминеме свето и празнувајќи со радост“ (Поука за зачнувањето на света Богородица)15.

Значи,  потребно  е  сообразување  и  континуитет  на  страво-почитта, и во храмот, но и пред и по одењето во храмот. Таа, пак, силно е поврзана со милостивоста кон оние кои имаат потреба од милост. Свети Климент се повикува на Христовите пораки од Беседата на  гората  и  вели:  „Блажени  се  милостивите,  зашто  тие  ќе  бидат помилувани (Матеј 5, 3-7)! Да побрзаме, браќа, и ние да се удостоиме за ова блаженство, правејќи од себе Црква Божја на Светиот Дух, без да држиме злоба еден кон друг, цветајќи со благоверие, светлејќи со љубов кон бедните, украсувајќи се со братољубие, да бидеме духовно распламтени, служејќи Му на Бога, пристапувајќи кон Него со страв и со чистота, за да се покажеме достојни пред Него...“ (Општа поука за недела)16. „Да се потрудиме преку подвиг, со милостина да го

 12  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 3.13  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 8.14  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 398.15  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 76.16  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 28.

пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот нахранувајќи го и необлечениот облекувајќи го, одејќи со брзање во Црквата Божја, пазејќи ја со страв заповедта Божја, со вера барајќи го Царството Божјо...“ (Поука на Вознесение)17.

Значи, само со покајно очистување и љубовно потврдување преку милосрдието кон ближниот, како и со јасно сознание за големиот дар што се прима, христијанинот може достојно да пристапи кон Светата Причест. „Затоа, браќа, да разбереме Кому пристапуваме и што примаме, та, откако ќе се очистиме од секакво зло и, мир имајќи меѓу себе, така пристапете кон светото Тело со страв и трепет, но и потоа останувајќи чисти, пазејќи ја Светињата во своите срца, а не како свињи оддавајќи се на пијанство и на други нечистотии, туку како слуги Божји и учесници во Неговите тајни, имајќи мир меѓу себе и нелицемерна љубов“ (Поука на Сретение Господово)18.

„Од Бога да се боиме, Него со страв и трепет да Го славиме! Да ја разбереме црковната служба! Има ли нешто пострашно од тоа да видиш како Синот Божји го принесува Своето тело, преку лебот што го претвора во Свое тело и преку Својата крв што ја пролева за твоите гревови? (Матеј 26, 26,28. Марко 14, 22, 24. Лука 22, 19-20. 1Кор 11, 24-25). Затоа, со страв да пристапиме кон светите тајни и да ги примиме со чисти усти и со светло срце. Да уништиме секакво непријателство, и да стигнеме до светлото Христово воскресение и да се насладиме со таа радост (Поука за Трета недела од Постот)19. „Затоа треба да пристапуваме со страв и трепет, откако ќе се очистиме од секаква похот телесна и духовна, и со чисти усти да го примиме телото Божјо, за здравје на телото и за спасение на душата. Ако, пак, неочистени ги примаме овие свети тајни, без да ги исповедиме своите гревови, тогаш грев на себе примаме... Вие, браќа, кои сега сакате да пристапите кон светите и страшни тајни, разберете мислено со каква светиња сакате да се причестите, од која од страв треперат и ангелските сили, херувими, серафими и сите небесни сили грозно се тресат, вознесувајќи духовна жртва горе на небесата“

(Поука за Светите Тајни, односно за Телото и Крвта Христови)20.17  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 302.18  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 108.19  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 419.20  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 374.


Според овие зборови, колку неразумно би било рамнодушно да се однесуваме кон даруваната светост, пред која дури и највисо-ките ангелски чинови, херувимите и серафимите, треперат од страво-почит! Токму затоа, свети Климент во својата Поука на Богојавление појаснува: „Зашто, браќа, ова не е обична служба или принесување, што  ја  прима  од  свештениците,  туку  самото  живо  тело  и  крв Христови, кои нè осветуваат сите; словесна духовна жртва, пред која со страв и трепет стојат херувимите и серафимите, и сите бесплотни сили кои, не смеејќи да погледнат, трепетно се движат, отстапувајќи од божествената трпеза“21. Во Словото на Сретение, пак, кога се опишува Христовото прифаќање од страна на светиот Богопримец во четириесеттиот ден по Неговото раѓање, се вели: „Престарените раце на Симеон Го примаат Оној, пред Кого треперат од страв и набожност херувимите и серафимите, Оној, Кој дојде за отпуштање на гревовите и за обновување на Адамовата природа“22.

Но,  не  се  херувимите  и  серафимите  единствените  кои  од страв треперат пред Божјата светост и присутност. Впрочем, сè што е создадено, па дури и природата, со стравопочит го воспева Господа: „Созданието, иако бездушно, со страв Му служи на својот Творец; а ние, браќа, иако сме духовни, не Му оддаваме достојна почит на својот Создател, туку се валаме како свињи во калта (на гревовите), постојано обременети од нашето самоволие, поробени од зависта, со гнев исполнувајќи се, помрачени од лажните похоти на овој живот, поради  немилосрдие  и  мрзливост  лишувајќи  се  од  секое  добро“ (Поука  за  Крштението  Господово  -  Богојавление)23.  Пренесувајќи го  евангелското  пророштво  за  Второто  Христово  доаѓање,  свети Климент вели: „Навистина, Тој ќе дојде како страшна молња, со неискажлива слава, придружен од бесплотните ангели (Сп. Матеј 25, 31; Јуда 1, 14.). И веднаш од страв небото ќе се затресе, земјата ќе се расклати, ѕвездите ќе паднат, водените извори ќе пресушат, сонцето ќе се помрачи, месечината во крв ќе се претвори, небесата ќе се свиткаат како свиток (сп. Исаија 34, 4. Јоил 2, 31. Матеј 24, 29. Дела 2, 20. Откр 6, 12-14), ангелите ќе врват напред викајќи со страшен глас и будејќи ги оние што спијат со векови, праведните и неправедните“(Слово на Света Троица, за создавањето на светот и за Судот)24.

21  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 92.22  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 281.23  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 89.24  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 172.

Но, земјата еднаш веќе искуси вакво сеопшто протресување, кога  грешниот  човек  Го  осуди  и  издигна  на  крст  сеправедниот Господ. Вака за тоа си спомнува свети Климент во Словото на Велики Четврток: „Кога сонцето Го виде (Исуса) како е распнуван, својата светлина ја претвори во темнина (сп. Лука 23, 44-45), а месечината, не можејќи да ги гледа таквите дела, стана црвена како крв (Матеј 24,29). Земјата од страв се тресеше. Сè се раздвижи: камењата се распаѓаа, а Црквата, како Христова невеста, раскривајќи ја својата тага, ја раздра својата завеса на два дела25.

Пред Бога трепери дури и смртта. Во Поуката на Воздвиже-нието на Чесниот Крст, Охридскиот светител вели: „ И навистина, кога смртта го виде Крстот, од страв затрепери и ги пушти оние што некогаш ги беше проголтала - од првиот Адам - до Оној што се прикова на него“ (сп. Откр 20, 13)26.

И додека смртта се плаши од Бога, ние се плашиме од смртните луѓе, а не од Бога – размислува свети Климент, па заклучува: „Ако ние ги почитуваме земните цареви и се плашиме од нив, а и тие се смртни луѓе како нас, не треба ли многу повеќе со страв и трепет да Го почитуваме Бога и да ја извршуваме Неговата волја? Зашто Тој владее со нашата душа и тело; Тој може да нè умртви и да нè оживее, да нè осиромаши и пак да нè збогати, како што говори Соломон: „Преку Мене, вели Бог, цареви царуваат, и началници управуваат со земјата“ (сп. Изреки 8, 15-16; Поука на Трета недела од постот)27.

„Стравот од луѓето е замка, но кој се надева на Господа, тој е на сигурно“ (Изреки 29,25). Во овој стих се говори и за причините за стравот и за решението на проблемот на стравот. А тоа е дека и во времето на библискиот писател, и во она на свети Климент, како и во ова денес, за тоа што го правиме повеќе нè интересира мислењето на другите луѓе отколку Божјото мислење. Така, впрочем, се станува ранлив пред стравот, коешто води дури и до идолопоклонство, градејќи си култ на стекнување наклоност и потврда од некој кој не е нашиот Бог. А кога се живее од страв и во страв, стравопочитта кон Бога полека ја снемува. Наједноставниот, а истовремено и најстрашниот библиски пример којшто го потврдува ова, е Пилат и неговата позната

25  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 431.26  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 47.27  Свети Климент Охридски, Собрани дела, 419

 одлука. Кога го доведоа Исуса пред него, тој јасно потврди дека во Него не наоѓа никаква вина (Јован 18,38). Но, Пилат не се плашеше од Бога, туку од непосредните последици, односно, што за тоа ќе мислат неговите поданици. Стравот од човекот го интензивира недостатокот од способноста за правилна одлука, па затоа и нему најлесно му беше да се прилагоди на неправедното барање и да Го осуди Исуса на смрт. Токму затоа, и Светиклиментовата порака е јасна: секојпат кога човек не е внимателен на оваа замка и кога бива опседнат од еден таков неразумен страв, тој е ставен во искушение повторно да го распне Господа за да го зачува сопствениот моментален статус.  Од тие причини и свети Климент, Охридскиот чудотворец одлучно порачува: „Затоа и ние, откако ќе отфрлиме секаков страв од луѓе, да направиме во себе место за стравот Божји, па да се просветлат нашите души и срца“ (Похвала за светите четириесет маченици)28!

 3.angeli.so.truba

Ѓоко ЃОРЃЕВСКИ

СТРАВОПОЧИТТА ВО БИБЛИЈАТА И ВО ДЕЛАТА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Резиме

Тврдењето дека е Стариот Завет заснован врз законот на стравот, а Новиот врз љубовта е непрецизно генерализирање, затоа што и стравот и љубовта наоѓаат свое место и во двата Завета. Потребна е јасна дистинкција помеѓу стравопочитта и плашењето, меѓу религиозниот страв и стравот кој човекот може да го искуси пред непознатото, пред заканите на природата или непријателски напади. Предмет на обработка е првиот вид страв, којшто се однесува на правилниот однос кон Бога и Неговата слава и моќ, почитување на Неговата правда, па и гнев врз основа на сознанието кој е навистина Бог. По направената кратка анализа на стравот и стравопочитта во Светото писмо, следи преглед на Светиклиментовите размислувања содржани во неговите беседи и пофални слова.

 Извор:

ДЕВЕТТА НАУЧНА СРЕДБА

ПО ПОВОД ПАТРОНИОТ ПРАЗНИКНА НАЦИОНАЛНАТА И УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА

„СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ - СКОПЈЕ

ОДРЖАНА НА 6. 12. 2016

Тема:

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ  1100 ГОДИНИ ДУХОВЕН СВЕТИЛНИК 

 

 Преминпортал- На празникот на св.Кпимент Охридски, 9ти август 2020 лето Господово

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 2025
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2545
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная