Научната мисла во досегашните истражувања за свети Климента, по однос на неговото име, како да застана, го задоволи своето љубопитство и остана без некој нов предизвик за натамошни проучувања и продлабочувања. Престанаа желбите за откривање на други сврски на неговото име, во поголема смисла и суштина.
Името „Климент“ го среќаваме запишано, со неговите различни јазични и граматички форми, во двете житија за него: Пространото житие на свети Климента од Теофилакт и Краткото житие од Хоматијан и во двете житија за свети Наума, како и во житијата за светите Кирил и Методиј, а се разбира, и во Службата за свети Климентa. Тоа е сè од писмените сведоштва за името на свети Климент. Но, ваквото именување на светителот во неговото Житие и Служба е општо и насловно име на хагиографијата и на службата, што, всушност, претставува, вообичаено, дури и задолжително запишување на името, кое, пак, истовремено: и многу кажува, и ништо особено не ни кажува за неговото име. Дополнителни објасненија во житијните и во богослужбените текстови нема. Исто така, ни во научната мисла, до сега нема особена задршка на името и нема некое разјаснување на неговата форма, значење и происход.Сепак, во славистиката постои едно навраќање во оваа сфера, предизвикано од текстот во Второто Житие на свети Наум, каде се запишани имињата на Климент и Наум, како ракоположени во свештенички чин, во Рим. Тоа е добар повод.
И тргна научното барателство во потрага по смислата и поврзаноста на името на свети Климента. Во тој од по патеките на откривањето, се направи една многу природна и можна поврзаност на свети Климент Охридски со свети Климент Римски.
Сите го прифатија мислењето дека е тоа така, иако цврсти докази нема, а се темели само на логична последователност и најприфатлива веројатност. Тоа останува. Не го отфрламе ова мислење, туку го дообјаснуваме со библиски и со богословски гледишта и факти. Но, откриваме и ново сознание. Добра е поврзаноста со свети Климент Римски, ученикот на апостол Петар, бидејќи секогаш, во житијата се тежнеело да се сврзе името, ликот и делото на светителот, со апостолите и нивните ученици или со првите учители, маченици и светии во Црквата Христова. На овој начин, свети Климент допира до апостолите, односно, до нивните ученици. Ако, овде житиеписецот го доближува до апостолот Петар, блажениот Теофилакт, пак, го нарекува „новиот Павле“.Освен нашето нагласување на оваа апостолска, а со тоа и библиска врска на свети Климент Охридски, овојпат, разоткриваме и една сосема нова димензија на поврзаноста со библиските содржини и личности. Ваквиот чекор повеќе е нов од, премин од поапостолскиот во библискиот предел, а тоа значи откривање нова поврзаност на свети Климента со библиски ликови и имиња од Светото писмо на Новиот завет. Свети Климент Римски не е библиско име, а ние одиме во Библијата и го посочуваме библиското име на свети Климент Охридски.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
Извор: КНИГА НА АПСТРАКТИ
На 28 и 29 октомври 2016 година, Македонската академија на науките и уметностите организираше Меѓународниот научен собир на тема: „МИЛЕНИУМСКОТО ЗРАЧЕЊЕ НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“. Научниот собир се одржа во две работни сесии, првата на тема: „Книжевност, јазик и литература“,а втората : „Историја, теологија, археологија и историја на уметноста“, на кои сесии зедоа учество голем број научни работници од Република Македонија, како и еминентни научници од Руската Федерација, Чешка Република, Словачка Република, Украина, Република Литванија и Република Бугарија.
Преминпортал (к.т.)