„ХОФМАНОВИТЕ ПРИКАЗНИ“ НА „МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ“
Ако претходно бевме научени да гледаме оперски продукции во кои имаше добри солисти ама лош оркестар, добра режија но несоодветни костими, овој пат на сцената беше презентирана комплетна оперска продукција со сите нишани, во која се водело сметка за сите детали.
Највпечатливи во премиерата на „Хофмановите приказни“, која не била поставена на нашата сцена речиси половина век, беа режијата, костимите и сценографијата, кои ја истакнаа вивидната содржина на оваа опера. Динамичната режија на Урсула Хорнер, блескавите костими на Марија Пупучевска и фантастичната сценографија на Марија Ветероска, дополнети со одлично светло, на „Хофмановите приказни“ им дадоа креативна визуализација, која личеше на продукциите што се поставуваат на светските оперски сцени.
Освен визуелната перфекција и одличната режија, и музички оваа опера донесе свежина на сцената на МОБ. Солистичката екипа составена од млади, главно наши солисти, освен белгискиот тенор Микаел Спадачини, кој ја толкуваше насловната улога, одлично ја донесе на сцена фантазмагоричната структура на ова музичко-сценско дело, кое претставува совршен спој на фантазијата и класичната музика. Младите сопранистки Ивана Здравкова, Олгица Милевска и Билјана Талевска-Јосифов, кои ги пееја трите големи љубови на Хофман (Олимпија, Џулиета и Антонија), одлично ги пренесоа улогите на сцена. Кршливата Олимпија, фаталната Џулиета и емотивната Антонија беа инспиративно обликувани од вокалните потенцијали на младите солистки. И другиот дел од солистичката екипа беше доста сигурен, особено впечатлива беше изведбата на Никола Стојчевски во улогата на Франц, која ја пренесе на сцена со многу инвенција, сигурност и спонтаност. И хорот и оркестарот на МОБ имаа одличен настап, звучеа сигурно и доста чисто.
Оваа продукција беше совршен мегдан на кој можеа да се презентираат сите изведувачки потенцијали на нашата опера. Со „Хофмановите приказни“, нашата оперска куќа покажа дека може да направи квалитетна продукција во која ќе ги промовира сите творечки потенцијали. По „Хофмановите приказни“ видовме какви се потенцијалите на нашата оперска куќа. Затоа и очекувањата во иднина ќе бидат многу поголеми.
Автор: А.Д. Фотографија: Игор Бансколиев