Петок, 26 Јули 2013 09:51
Кинеската традиција, култура и историја беа насликани низ звуците на концертот на оркестарот на Централниот конзерваториум од Пекинг кој се одржа вчеравечер во преполната сала на Македонската опера и балет
Настапот на оркестарот на Централниот конзерваториум се совпаѓа со одбележувањето на 20-годишнината од дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина и со 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.
Министерката Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека македонскиот народ никогаш нема да ги заборави пријателски подадената рака и помошта од кинескиот народ при катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Концертот на оркестарот на Централниот конзерваториум, како што рече министерката за култура, го потврдува континуитетот на искреното пријателство и довербата што се негуваат меѓу нашите две држави.
„Голема привилегија за македонската јавност и за сите нас е што по успешното претставување на амбасадорот и чувар на македонската фолклорна традиција, ансамблот „Танец“, во повеќе градови во Кина, ќе се запознаеме со еден сегмент од богатата традиционална кинеска музичка култура преку настапот на оркестарот на Централниот музички конзерваториум од Пекинг“, подвлече Канческа-Милевска.
На задоволство на присутните, на македонски јазик им се обрати и вршителот на должност амбасадор на Народна Република Кина во земјава, Чуи Чимин, кој ја истакна плодната дводецениска културна соработка меѓу двете земји, чиј резултат се и Деновите на кинеската култура во Македонија.
Обмислен во два дела, речиси двочасовниот настап на оркестарот на Централниот конзерваториум на Кина беше целосно исполнет со звуците на народните инструменти и музиката која претставува звучно обележје на кинеската култура, а беа изведени и композиции кои го искажаа развитокот на традиционалната кинеска музика во новата ера. Под раководство на маестро Ванг Фуџијан, солистите Ју Хонгмеи, Јуан Феифан, Цао Јиацен и Цанг Кианг, на народните инструменти гучин, суона, пипа, џенг, дизи, руан, ерху,… со беспрекорна точност, исклучителна музикалност и синхронзираност во настапот, потврдија дека не постојат технички неизводливи музички партитури. Разновидните егзотични инструменти ја претставија Кина со сите нејзини природни убавини.
Оркестарот, кој е формиран во 1960 година и во кој членуваат истакнати наставници и ученици од кинескиот музичко-инструментален оддел во Централниот конзерваториум за музика, ќе одржи концерт и во Охрид во рамките на најзначајната културна манифестација во нашата земја, „Охридско лето“.
Извор: Министерство за култура