Доброто познавање на мајчиниот и на странскиот јазик, на творечкиот опус на авторот што се преведува, како и талентот за превод се основни предуслови за успешен превод, укажуваат годинашните лауреати на наградите за превод на Сојузот на книжевни преведувачи. Тие се согласни дека кај нас постојат повеќе неквалитетни отколку квалитетни преводи. Најчесто во трката со времето, а заради брза заработувачка, на полиците на книжарниците стигнуваат вонредно лошо преведени книги. Сепак, наместо да критикуваат, тие укажуваат на неопходните услови за да се создаде пристоен превод.
- Преведувачот треба да има природна предиспозиција кон творештвото, бидејќи преводот не е механичка предиспозиција на еден текст од еден јазичен систем во друг, туку творечки чин. За да биде преводот успешен, преведувачот сепак треба да има дарба - вели Љубинка Басотова, универзитетска професорка во пензија.
Таа е годинашен добитник на повелба од Сојузот на преведувачи за долгогодишниот ангажман во преводот на дела од античката литература, од Софокле, Цицерон, Еразмо Ротердамски, Хорациј, Вергилиј и др.
Според неа, кај нас во последниве години интензивно се работи на превод на дела од римската и од хеленската литература.
- Учествував на еден конгрес во Атина за преводите на античката драма и беа изненадени кога разбраа дека ги имаме преведено сите трагедии од големите антички автори. Се преведува и од римската и од хеленската литература. Се создаде школа на преведувачи, мои студенти, следбеници, и тоа особено ме радува - вели Басотова.
Ирина Бабамова, која е активна преведувачка на дела главно од францускиот јазик, смета дека за добар превод, покрај јазикот, треба да се познава и културата во која делото треба да се дислоцира.
- Тоа е можно ако се има целосна претстава за културата што е вградена во делото што се преведува и доколку се познаваат сите специфичности на таа култура. Конкретно, делото што го преведував од француски на македонски јазик, романот „Три силни жени“ од Мари Ндиај, има голем број специфики од африканската култура и беше предизвик локалниот колорит од оригиналното дело да се пренесе на добар и издржан македонски јазик- вели Бабамова.
Според преведувачката Ели Доезе, има разноликост на преведените книжевни дела во македонската продукција.
- Имаме превод на автори од повеќе земји, и тоа од сите жанрови. Сметам дека македонскиот превод се движи во нагорна линија- вели Доезе.
Ана Топенчарова, пак, смета дека е важно да се имаат капитални преведувачки проекти, каков што е „Македонската книжевност во 130 тома“ на англиски јазик.
- Ако добро го познавате својот јазик, преводот од странски на македонски би бил успешен. Имаме квалитетни преведувачи, а со капиталните проекти од типот „Македонската книжевност во 130 тома на англиски јазик“ на кој, покрај мене, работеа уште 80 преведувачи и 25 лектори, се прави многу на ова поле - вели Топенчарова, лауреат на наградата „златно перо“ за превод оваа година.
Некои од преведувачите што учествуваа на неодамнешната средба на книжевните преведувачи во Лешок укажуваат на недоследноста на некои издавачки куќи во Македонија, кои, како што велат, го гледаат само комерцијалниот интерес, насочувајќи се сé почесто кон преобјавување стари преводи.
Добриот превод...
- не смее да има граматички и правописни грешки
- преведувачот мора да ја познава култура од која доаѓа книгата
- во фразеологијата да се чувствува како дома
- да ги препознае референците на другите книжевни дела од тоа или слично милје
- да биде верен и стилски релативно убав
Извор: Нова Македонија