ВО ОХРИД ДОАЃААТ НАЈПОЗНАТИТЕ МАКЕДОНИСТИ ОД СВЕТОТ
Македонскиот јазик е мајчиниот јазик на Кирил и Методиј
Германскиот професор Волф Ошлис често потсетува на германскиот славист Рајнхолд Траутман, кој во 1948 година нашиот јазик го нарече мајчин јазик на просветителите
Сто и дванаесет учесници од 24 земји од денеска во Охрид ќе учествуваат на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Меѓу лингвистите се и истакнатите македонисти, академиците Ала Шешкин од Русија и Иван Доровски од Чешка, професорите Мачеј Кавка, Ирена Ставова-Кавка и Јан Соколовски од Полска, Волф Ошлис од Германија, Бранко Тошовиќ од Австрија. Овие пријатели на македонскиот јазик често се ставаат во негова одбрана. Професорот Ошлис, на пример, често потсетува на германскиот славист Рајнхолд Траутман.
Ние во Германија од одамна се придржуваме кон ставот на овој научник, кој уште во 1948 година пишуваше дека македонскиот јазик истовремено е и најстариот словенски јазик, имено, мајчиниот јазик на Кирил и Методиј, и најмладиот административен и наставен јазик во словенското јазично семејство", вели Ошлис.
Во фокусот на Семинарот ќе бидат и два значајни јубилеи - 150 години од објавата на Зборникот на народни умотворби на Миладиновци и 90 години од раѓањето на Блаже Конески. Покрај тоа тематски ќе бидат одбележани и годишнини за Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Благоја Корубин, Коле Чашуле.
На 14 и 15 јули ќе се одржи и 38. меѓународна научна конференција од областа на македонистиката на која ќе учествуваат осумдесетина научници од земјава и од странство.
Годинашниот Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура има буџет од 5.5 милиони денари. Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" покрива најголем дел од финансиите - 4 милиони денари, 1 милион обезбедува Министерството за култура и 500.000 денари Министерството за образование и наука.
(Де.Т.) Вечер