НЕ СЕ ПЛАШАМ НА КРАЈОТ
Сѐ поретко сум сам, а не се плашам на крајот
сам да останам. Дали зашто сум со точните луѓе,
па знам да се повлечам во себе и да се развиорам
целосно, трезвено - не знам. Знам дека самотијата ја
дозирам исто како слободата, а кога е грдо сѐ, некако
пак ми е убаво. Сѐ поретко имам амбиции; она што го
исполнив си продолжува со својот живот, не со мојот.
Успехот за мене е мит помртов и од смртта. A мил
ми е, не велам не, но и неуспехот ми е предизвик.
Сѐ поретко се прашувам што е добро, а што лошо.
Светот си тече брзо, бурно, како да е река - река од
океани, а мојот поток, Боже, тивко, налудничаво,
детски си потскокнува зашто го скокотка река-океан.
Доброто е создавање. Лошото е уништување. Знам.
Смртта и болката нѐ подуништуваат и подрануваат,
а една радост пак нѐ воскреснува како да нема рани.
Како да е прерано и препочетно, прапочетно дури
да се освојува животот. Овде сме, уште не е тргнат
возот, птицата чека да се создаде крилото, а окото
да се отвори срце. Не плаши се да останеш сам,
најубавите заедници се создаваат онаму каде
нема страв. Сѐ поретко сум сам, иако денот ми
минува и во посвета. Свето ми е сѐ; и трепетот
на вродената ми глувост. За некои нешта - глув,
нечуен, за други - и чуен и виден, вознемирен.
Дали зашто сум со точните луѓе и знам, ова
не го заслужувам, мене дар ми се и маките
кои ме грабаат и стиховите кои ме пуштаат.
Чудесно точно ја гледам песната што
ме посетува. Допирот нејзин ми лежи,
снежи на градите како немо дете.
Недоречено, немоќно, силно.
Како ова срце, Боже!
10-ти јуни 2018 лето Господово