
Не секоја битка е твоја
Често размислувам зошто човекот прегорува. Не затоа што работи многу, ниту затоа што се труди премногу, туку затоа што носи товари што не му припаѓаат. Затоа што презема врз себе грижи што не може да ги реши и води битки што никогаш не бил повикан да ги војува.
Човекот се изморува кога постојано се бори со своето минато. Со зборови што веќе биле кажани, со грешки што веќе се случиле и со настани што не можат да се вратат назад. Но исто така се изморува и кога војува со иднината, кога се обидува да го предвиди она што сè уште не дошло и кога се плаши од нешто што можеби никогаш нема да се случи. А иднината е во Божјите раце, а не во нашите претпоставки.
Многу од нашите внатрешни исцрпувања доаѓаат од тоа што се впуштаме во војни што не се наши. Сакаме да поправиме сè, да помогнеме на сите, да ги разрешиме сите конфликти и да ги носиме туѓите товари како да сме единствените што можат нешто да променат. Но не секоја борба бара наше присуство и не секоја рана може да биде исцелена од нашата рака.
Тука доаѓа мудроста. Мудроста не е само знаење што е добро и што е лошо. Таа е способност да препознаеме каде треба да останеме, а од каде треба да се повлечеме. Да знаеме кога треба да зборуваме и кога треба да молчиме. Кога треба да помогнеме и кога треба да Му оставиме простор на Бога да делува.
Затоа е важно да го воспитуваме своето срце, но и да ја бараме мудроста. Зашто љубовта без мудрост лесно се претвора во исцрпеност, а добрината без расудување често завршува во разочарување. Не сме повикани да бидеме спасители на светот. Повикани сме да бидеме добри луѓе.
Да го дадеме најдоброто од себе таму каде што навистина сме потребни. Да упатиме утешен збор кога некој страда. Да подадеме рака кога некој паѓа. Да охрабриме кога некој губи надеж. Но истовремено да знаеме да се дистанцираме од ситуации што не можеме да ги промениме и од грижи што не ни припаѓаат.
Да ја чуваме својата душа од непотребни товари, својот ум од бескрајни стравови и своето срце од расфрлање на сите страни. Не од себичност, туку од одговорност. Зашто и душата има потреба од мир, а срцето има потреба од тишина за да го слушне Божјиот глас.
Колку повеќе човек се обидува да контролира сè, толку повеќе се заморува. Колку повеќе Му верува на Бога, толку повеќе наоѓа мир. Вистинската сила не е во тоа да носиме сè на своите плеќи, туку да знаеме што е наше да понесеме, а што да Му предадеме на Него.
Не е секоја битка наша должност, ниту секој товар наша одговорност. Мирот доаѓа кога ќе научиме да го разликуваме она што Бог ни го доверил од она што никогаш не ни припаѓало.
А можеби најголемата мудрост е да сфатиме дека единствената борба која навистина ни припаѓа е борбата во сопственото срце. Таму е вистинскиот полигон на нашите подвизи, нашите падови и нашите победи. Да се бориме со својата гордост, со својата суета, со осудувањето, со стравовите, со себичноста и со сè она што нè оддалечува од љубовта и од Бога. Таа борба е доволно голема за да го исполни целиот наш живот.
Кога човек би вложувал барем дел од енергијата што ја троши во обид да ги исправи другите, во исправување на самиот себе, светот би бил многу помирно место. Би имало помалку судири, помалку осудување и помалку непотребни конфликти. А и кога би се појавиле несогласувања, тие би се разрешувале со повеќе трпение, смирение и разбирање. Зашто човекот што научил да војува со сопствените слабости, нема потреба да војува со луѓето околу себе.
С.Стефковски
02.06.2026


























