Битола, 16 октомври 2011 (МИА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вчера го отвори Интернационалниот фестивал на фимската камера „Браќа Манаки“ под чие покровителство се одржува во Битола.
Во својата поздравна реч, претседателот Иванов истакна дека Битола и цела Македонија го слават споменот на двајцата иноватори кои многу не‘ задолжија како луѓе и како држава.
- Споменот на браќата Манаки е спомен на една особено важна одлика на Македонците. Нивниот спомен не потсетува дека и во најтешките мигови, ние сме дел од Европа, дел од модерниот свет. Насочени кон светските постигнувања и успеси, и отворени да се приклучиме и да учиме од нив. Македонија и во минатото и денес, со својата отвореност, со својата подготвеност за промени и подобрувања, е меѓу водечките во овој регион, истакна претседателот Иванов.
Свечениот почеток на традиционалниот 32. по ред собир на кинематограферите од светот годинава му беше посветен на Данте Спиноти, кому претседателот Иванов, му врачи „Златна камера 300“, награда за животно дело.
Големиот кинематограф од Италија Спиноти, пред аудиториумот во Битола јавно се заблагодари за големото признание, потсети на улогата на кинематограферите во светот и истакна „Вива-Македонија“, „Да живее Македонија“!
На годинешниот фестивал ќе бидат прикажани 75 филмови во осум програмски селекции. Фестивалот отвора со поекцијата на филмот „Крвта што простува“, кој ја освои наградата „Сребрена мечка“ за сценарио на фестивалот во Берлин. мт/ва/21:35