ДУХОТ НА ТАТКО МИ и АДИОС на Тренчовски во Торонто
Филмовите ДУХОТ НА ТАТКО МИ и АДИОС на македонскиот режисер Горан Тренчовски ќе бидат прикажани во официјалната програма на шестиот Македонски филмски фестивал кој ќе се одржи во Торонто, Канада на 29 и 30 октомври.
Документарниот филм ДУХОТ НА ТАТКО МИ е возбудлива филмска приказна во која беседат дваесетина современици на Ристо Шишков, меѓу кои неговиот син, роднини и соработници. Низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан. На суптилен начин се допира и парадоксалниот процес чијшто дел беше тој. Филмот беше прикажан во Струмица по повод 70-годишнината од раѓањето, на Фестивалот “Браќа Манаки” во Битола, како и во Кинотеката на Македонија.
Краткометражниот игран филм АДИОС досега со успех е прикажан и на Фестивалот на краток филм во Науса, Грција, како и на Фестивалот на европски филм во Нови Сад. Тој е работен според триделната филмска серија за вампирџиите по сценарио на Владимир Плавевски. Дејствието се одвива околу учителот и неговиот ученик кои се впуштаат во истерување на празноверието од македонскиот дел од Балканот, а главните улоги ги играат Петар Темелковски и Роберт Вељановски.
Обата филма се поканети за проекција и во Чешка, во рамките на творечката ретроспектива на Тренчовски во 2012.