Борче ГРОЗДАНОВ
Кога се решавате на чекор за реминисценција или ревидирање на еден успешен театарски чин и кога претендирате тој повторно да стане хит и да ги полни салоните, тогаш бездруго треба да имате предвид дека тоа прејудицира, пред се различност во визијата за тоа како тој нов театарски чин би требало да изгледа. Во случајот со римејкот на "Грев или шприцер" во Драмски можеме да кажеме дека се работи за успешен обид. Но, мора да се признае поради силината и впечатливоста што ја остави постановката на Димитар Станковски со речиси ненадминливиот, за жал сега веќе покоен Ненад Стојановски со Силвија Стојановска, Ванчо Петрушевски, Јовица Михајловски, Гоце Тодоровски, Благој Чоревски... и останатата плејада од премиерата во 1992 година, не беше лесно консументот кој веќе ја има перцепирано таа претстава да се "извлече" од "филмот" од пред две децении... Сепак, честитки заслужува режисерот на ова, ново видување Деан Дамјановски, кој со минималистички средства и видливо стрплива работа со актерите успева да ги "избрише" ликовите од претходната постановка и да понуди една нова иако базирана на стари темели, урбана приказна. Во тој контекст тој нуди уште еден интересен момент, нудејќи театар во театар со комично интересниот момент на интерпретација на "Бегалка" на англиски јазик, што ја играат Беба, Мими и Џанго, инаку ликови од нашава денешна приказна... Успешната инсценација не би успеала без актерите: Драган Спасов Дац успева да ги развие внатрешните емотивни пориви на Шприцер и од еден гротесктно комичен лик да се развие во човек, татко и сопруг, кој полека но сигурно го губи тлото под нозете...; Билјана Беличанец Алескиќ суверено владее со сцената остварувајќи ја точната и потребна трансформација на Цвета, предавајќи го емотивниот патос прецизен психофизички израз на ликот; Интересно остварување нуди и Зоран Љутков, кој е специфичен, додавајќи малку повеќе луцидност на сериозноста и комплексноста на неговиот лик и токму затоа е поразличен од својот претходник Ванчо Петрушевски;
Јана Стојановска носи една свежа, енергична, разиграна, но и силно емотивна Беба и преку точно изнесените амплитуди во нејзиниот лик покажува дека е актерка која има што да покаже; интересна Мими изградува и Маја Вељковиќ иако ненападно, но преку суптилни минималистички средства; младиот Мартин Јовановски со оглед на тоа дека ова му е прв "поголем залак" на професионалната сцена, сосема добро со сето свое (не)искуство добро се снаоѓа и владее со ликот на Џанго; Сашо Тасевски пак користејќи го својот сензибилитет и физикус кој токму наликува на ликот на Јоцо Бугар се гледа дека со посветеност и пристап кон улогата успева да понуди забележителна индивидуалност, двоејќи се од својот "двојник" од претходната претстава Јовица Михајловски; Роберт Велјановски наизглед неубедливо и напати прележерно поминува низ ликот и сцената, но во секој случај успева да ги долови внатрешно индивидуалните емотивни аспекти на не многу разговорливиот лик на Перо Тренерот; интересна епизода остварува и Билјана Драгичевиќ Пројковска, нудејќи кратко но слатко задоволство преку искарикираниот лик на Уравничката...
Како дополна на овој актерски и режисерски впечаток се врзуваат и музичкото ткиво кое го гради Венко Серафимов (тој е автор и на музиката од првата постановка), ненатрупаната но функционална сцена на Филип Јовановски, денешно асоцијативните костими на Билјана Каран и видеото како ненаметлива но и тоа како потребна визуелна надополна на дејствието на Филип Дамјановски
Извор: Вечер
http://vecer.com.mk/?ItemID=563F3F2EAD7D464ABA05AA999219F55A