Познатиот француски современ синеаст Ив Боасе вечерва ќе ја добие почесната „златна маска“ во рамките на Фестивалот на францускиот филм, кој се одржува во Охрид
„За луѓето и боговите “ го затвора фестивалот
Четвртото фестивалско издание ќе биде затворено вечерва со филмот „За луѓето и боговите “ на Гзавие Богова, кој прикажува како осуммина француски христијански монаси од Тибхирин во Алжир живеат во хармонија со нивните муслимански браќа.
Макс Азуле, еден од иницијаторите за одржување на фестивалот во Охрид, вели дека македонската и француската публика многу слично реагираат на француските филмови, што е особено видливо кај комедиите.
- Македонската публика реагира токму на оние моменти со кои и режисерот сакал да испровоцира реакција. Ова најмногу можеше да се види на филмот што го отвори фестивалското издание, „Анонимни емотивци“ на Жан –Пјер Америс. Тоа нé наведува на заклучокот дека постои универзален јазик во кинематографијата, кој е над културите - изјави Азуле.
Целта на фестивалот, како што додаде тој, била познатите и реномирани француски синеасти да дојдат во еден регион во кој доминира американската кинематографија и да ги презентираат француските филмови.
Организаторите се задоволни од присуството на публиката и од интересот што го покажува таа веќе четврта година по ред за француската кинематографија, која по американската е втора во светот.
- Сé уште постои истата онаа љубопитност на публиката како и на првото фестивалско издание - вели Азуле.
Годинешното издание донесе десетина долгометражни и куси франкофонски филмови од светски признати режисери. Пред спуштањето на фестивалската завеса ќе бидат прогласени и најдобрите остварувања прикажани во рамките на годинашното издание.
Автор: А. Р. Нова Македонија