ЗАВРШИ СНИМАЊЕТО НА ТУРСКИТЕ ТВ СЕРИИ
„ЗБОГУМ РУМЕЛИЈА“ И „БАЛКАНСКА СВАДБА“
постигната е гледаност од 30 милиони гледачи неделно
„Збогум Румелија“, ТВ серија во продукција на Сектор Филм од Македонија и Адам Филм од Турција, две и пол години беше дел од секојдневието на 30 милиони гледачи како во Турција така и надвор од нејзините граници. Претставувајќи го периодот кога Отоманската империја ја губи својата надмоќ над Балканот и се повлекува од него, ја следиме судбината на неколку семејства кои токму овој период се принудени да ги напуштат своите простори, да ги напуштат сопствените домови.
Гледаноста на оваа серија го достигна самиот врв и го создаде параметарот за креирање успешна телевизиска серија. Тоа беше причина да започне реализација и на втора серија, со наслов „Балканска Свадба“, исто така наменета за турскиот пазар. Новата серија, за разлика од „Збогум Румелија“, ги претстави проблемите на едно друго време, времето кое ние сега го живееме.
Ликовите од двете серии го оставија својот печат и станаа дел од историјата на најгледаните национални турски канали ATV и SHOW ТV.
„Од името на Адам Филм велам дека ова е само успешен старт на една соработка. Пред да дојдеме, се прашувавме дали е возможно да ги оствариме проектите во Македонија, но сега сме сигурни дека заедно со македонските колеги можеме да ја реализираме секоја наша идеа. И после сé, ова не можеме да го наречеме крај, туку само почеток. Дефинитивно, повторно ќе се вратиме во оваа земја која со гордост ја нарекувам Македонија, а не ФИРОМ“, - изјави Мухарем Гулмез, извршен продуцент од Адам Филм – Истанбул.
„Нашата соработка со Адам Филм само потврди дека професионалноста е формула за успех. Презадоволен сум од ефикасноста на двата тима, а воедно сметам дека бевме пример за отварање на нови можности за соработка со Република Турција. Драго ми е што овие два проекти претставуваа голема странска инвестиција за нашата земја, а воедно придонесоа таа да стане најпосакувана туристичка дестинација за жителите на Турција“, - изјави Владимир Анастасов, продуцент од Сектор Филм – Скопје.
За период од две и пол години беа ангажирани над стотина актери и над 250 членови на техничка екипа од Македонија и Турција. Беа снимени 83 епизоди од серијата „Збогум Румелија“ и 6 од „Балканска свадба“. Освен во Битола и нејзината околина, се снимаше и во Охрид, Ресен и Скопје. Буџетот за овие проекти изнесуваше околу 8 милиони евра.
24. Октомври 2009