Перформансот „Фатум“ е централниот настан со кој ќе се заокружи прославата за 40 години постоење на Факултетот за драмски уметности
Перформанс за човечката судбина, краток филм за Факултетот за драмски уметности и средба на генерации дипломирани студенти. Вака ФДУ, во понеделник (20 часот), во Македонскиот народен театар свечено ќе ја прослави четирисетгодишнината од своето постоење.
Прославата на јубилејот почна во понеделникот со промоција на книгата „Театарот и неговиот двојник“ на Антонен Арто. Во текот на неделата беа прикажани филмски проекции на студентите по филмска и телевизиска режија, снимање и монтажа и беа одиграни четири претстави: „Ескоријал“, „Салома“, „Вака, вака и вака...“ и „Пикник на фронт“.
- Неделава имавме многу активности по повод приближување на театарот и нашиот факултет кон младите ученици од средните училишта. Нашата цел е да го отвориме факултетот кон заинтересираните луѓе и да покажеме дека тој не е тврдина, туку дека е отворен за сите - вели деканот Кирил Ристоски.
На свечената прослава се поканети сите досегашни дипломирани студенти од сите катедри.
- Наставата на нашиот факултет е индивидуална и за нас сите студенти се имиња и презимиња. Затоа тие се поканети лично и овој јубилеј е за нив - рече Ристоски.
Перформансот „Фатум“ е централниот настан со кој ќе се заокружи прославата на јубилејот. Кореографијата е на Кренаре Невзати Кери, а во него играат студенти од сите класи по актерска игра на ФДУ.
- Темата на претставата е универзална и зборува за човекот наспроти општеството. Ова е претстава за судбината, љубовта, раѓањето, смртта, болката, страдањето, но и радоста - вели Невзати Кери.
Претставата е подготвена во 2007 година по повод гостување во Африка, а премиерно беше изведена на минатогодишниот фестивал на филмските и театарски академии „Скомрахи 2008“.
На оваа институција досега дипломирале 444 студенти.