Битола, 4 октомври 2009 г.(МИА) - Годинешен лауреат на Интернационалниот фстивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој заврши синоќа, е младата кинематограферка во филмот „Млеко од тага“ во перуанско-шпанска продукција Наташа Брејер.
- Пресреќна сум што ја делам сцената со големи имиња како што е Били Вилијамс кој пред 20 години беше мој учител. Мојата креативност ја овозможи режисерката Клаудија Лиоса, но и мојот тим со кој понекогаш работевме во крајно тешки услови, посочи Наташа Брејер, добитник на златна „Камера 300“ на доделувањето на наградите со што заврши 30. јубилејно издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Со сребрена „Камера 300“ беше награден кинематограферот Том Стерн во рускиот филм „Цар“, додека бронзена „Камера 300“ доби Стефани Фонтен, кинематографер во француско-италијанскиот филм „Пророк“.
На церемонијалот на свеченото затворање, меѓународното жири предводено од Питер Сушицк,и со мала златна „Камера 300“ ги награди Никола Болдук и Педро Пирес, кинематографери на краткометражни филмови, специјална награда од жирито доби Марк Гјори, наградата од публиката му припадна на кинематограферот Арауко Хернандез за филмот „Гигант“, додека со наградата на „Мосфилм“ од Москва се закити македонскиот кинематографер Ѓорги Клинчаров за краткометражниот филм „Еден“.
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, покровител на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на светски познатиот кинематографер и оскаровец Били Вилијамс му врачи награда за животно дело златна „Камера 300“.
Истакнувајќи го значењето на фестивалот на филмската камера кој е именуван во чест на првите сниматели на Балканот браќата Милтон и Јанаки Манаки, претседателот Иванов укажа дека тој е влог во развојот на нашата и европската култура.
- Со своето визионерство пред повеќе од сто години браќата Манаки ја внесоа Битола и Македонија на светската филмска мапа. Затоа, триесеттото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е голем јубилеј кој обврзува и во наредните години да го поддржуваме и помагаме фестивалот како институции и поединци, постојано надоградувајќи го и зголемувајќи го неговиот квалитет, рече во обраќањето претседателот Иванов.
Јубилејното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ беше забележано и од Федерацијата на европските кинематографери „Имаго“, чиј претседател Најџел Волтерс на директорката на фестивалот Лабина Митевска и врачи специјална награда. - Во нашата светска организација членуваат 37 нации. Го поддржуваме овој фестивал од неговиот почеток, а така ќе биде и во иднина. Оваа година имавте одличен водач на тимот, а тоа е Лабина Митевска. Верувам дека она што го оставија браќата Манаки достојно ќе биде почитувано, истакна првиот човек на „Имаго“, Најџел Волтерс.
Според оценките на домашните и експертите од странство, годинешниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола е едно од најквалитетните изданија во досегашната тридецениска историја.
- Видовме 75 филмови, пречекавме 200 странски гости со прочуеното македонско гостопримство, презентиравме филмски фондови и отворивме многу нови врати. Откривме млади таленти, прикажавме македонски филмови и секоја вечер завршувавме со македонска песна, полна со емоции, посочи директорката Лабина Митевска на синоќешното свечено фестивалско затворање.
Битолскиот градоначалник Владимир Талески ги повика филмските работници и продуцентите своите идни проекти да ги реализираат во Битола. мт/лв/9:12