Скопје, 23 април 2010 (МИА) - Руската Федерација ќе додели 15 стипендии за македонски граѓани за студирање на руски универзитети. Дванаесет се за редовни (додипломски) и магистерски студии и три стипендии се за докторски и постдокторски студии.
Заинтересираните кандидати треба да изберат некоја од специјалностите наведени во конкурсот, објавен на веб-страниците на Министерството за образование и наука и на Руската амбасада во Скопје. До 20-ти идниот месец е крајниот рок за поднесување на документите до Секторот на МОН за унапредување на науката и технолошко-техничкиот развој.
За македонските студенти Руската Федерација доделуваше по десет стипендии, но оваа година нивниот број е зголемен на 15, а во иднина ќе бидат и повеќе. За некои области тие се ограничени - за студии по право има само една стипендија, за студии по медицина се одобрени две...
Стипендиите се за области избрани од МОН кое оценува кои се приоритетни за нашите потреби. Тие се за целото времетраење на студиите и ги покриваат трошоците за школарина, сместување и живот. Наставата е на повеќе универзитети во Русија - во Москва, Санкт Петербург, Ростов на Дон - особено познат за студии по медицина кои ги посетуваат многу студенти од светот.
Рускиот амбасадор во Македонија Владимир Солоцински на прес-конференција со својот домаќин, министерот за образование и наука Никола Тодоров, истакна дека образованието во Русија е на високо ниво и оти студентите ќе добијат врвна подготовка со која по враќањето овде ќе придонесат за развој на економијата и на други области.
- Владата на Република Македонија посветува големо внимание за развојот на образованието и ние сме подготвени да соработуваме во оваа област и се надеваме дека нашите искуства ќе помогнат, рече Солоцински.
И министерот Тодоров изрази надеж дека 15-те стипендии ќе бидат позитивно искористени од македонските студенти и дека тие ќе стекнат знаења и вештини на руските универзитети. Тој рече дека македонско-руската соработка во науката и образованието, која се темели на спогодба од 1993 година, постојано се интензивира и оти ќе продолжи со отворање руски центар за наука и култура во Скопје и македонски културно-информативен центар во Москва. хс/скс/14:49