Годинава манифестацијата е на тема „Патека на културното и природното наследство“
Со изложба на фотографии на млади автори од педесет земји, наградени на 14. Меѓународен конкурс на фотографии на тема од културното наследство, вчера напладне во Музејот на Македонија беше означен почетокот на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ што годинава се одржува на тема „Патека на културното и природното наследство“.
Меѓу наградените се и фотографиите на двајца учесници од Македонија: Горјан Љубен со фотографијата „Фурна во село Мокрино“ и Иван Колиштркоски со „Куќа на ридот“.
Изложбата ја отвори заменик - министерот за култура Драган Недељковиќ, кој потсети дека во оваа манифестација започната во 1991 по иницијатива на Совет на Европа, земјава се вклучи во 1996 година. Потенцираше дека целта на нејзиното одржување е подигање на свеста на пошироката публика за значењето на културното и природното наследство , преку организирање на различни активности: отворање на вратите на историските, археолошките локалитети, музеи и религиозни објекти и други значајни градби и амбиенти. „Оваа манифестација заслужено го насочи вниманието на Европејците кон културното богатство на секоја земја одделно, како одраз на различностите. Со учество на Македонија во неа преку фотографијата како медиум, низ новите техники и жанрови и како актуелно изразно средство на 21 век, младата популација дава придонес кон културниот дијалог кој заедно го втемелуваме врз целосно, меѓусебно почитување, преку организирано претставување на различностите и вредностите на сите заедници во Република Македонија“.
Младите фотографи од Скопје, петнаесетгодишниот Иван Колиштрковски (ОУ „Коле Неделковски“) и една година постариот Горјан Љубен (СУЦ „Ѓорѓи Димитров“), збунети од вниманието на медиумите и публиката, успеаа да издвојат неколку моменти од својата почетничка, фото-кариера.
Иван Колиштрковски е награден за фотографија на која е овековечена една стара куќа во скопското село Љубанци, додека во фокусот на објективот на Горјан Љубен, се свежо испечени лебови во фурна во манастирот „Св. Ѓорѓија“, во прилепското село Мокрино. На Колиштковски ова му е прва фотографија, додека Љубен зад себе има четири - пет годишно аматерско искуство, а низ тајните на фотографирањето го води татко му.
„Европските денови на културното наследство” низ различни активности ќе се одржуваат до 30 септември низ земјава, во организација на музеите, заводите, библиотеките, Управата за заштита на културно наследство и Министерството за култура.
Вчера во Народниот музеј во Велес беше отворена изложба на млади уметници од Кавадарци, Музејот на град Неготино организираше посета и предавање на археолошкиот локалитет „Градиште“, а во Заводот и музеј во Битола е отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од овој град.
За денеска Музејот на тетовскиот крај, Тетово организира посета на својата етнолошка поставка, а во Музеј Куманово, ќе биде отворена самостојна изложба на Дејан Иванов, сликар од Скопје.
Од најавените содржини ја издвојуваме посетата на манастирот Зрзе, во организација на Музејот на Македонија и Завод и Музеј од Прилеп, изложбата „Естонска уметничка фотографија“ во Народниот музеј на Свети Николе, промоцијата на Музејот на виното во Неготино, како и вклучувањето на најмалиот етно - музеј на светот во с. Џепчиште со свои содржини: посета на новоотворената етнолошка поставка, презентација на занаети на изумирање, изведба на изворна етно - музика и читање на етно - поезија.
За време на одржувањето на „Европските денови на културно наследство“, организираните содржини граѓаните може да ги следат бесплатно.
Катерина Богоева - Utrinski vesnik