ВО КИСЕЛА ВОДА
Пушкин откриен со поезија на руски
Ликот на рускиот поет Александар Пушкин завчера беше откриен во паркот на улица Пушкинова во Општина Кисела Вода. Бистата, која ја изработи Леонид Ватник од Москва и е подарок од Русија за Македонија, е во форма на пирамида, тешка е 145 килограми и висока 1 метар. Стои на средина на паркот, а околу неа се поставени клупи со изглед од 19 век. Според проектот на Љубомир Гиговски, спроти бистата допрва ќе се изгради и плоштад, на кој е предвидено да се организираат музички и други културни настани, а ќе бидат засадени брези и поставени ниски жардиниери, по примерот на вистинскиот дом на Пушкин.
Во присуство на многу жители на Кисела Вода, пратеници, советници и на претставници на верски заедници, бистата завчеравечер свечено ја открија градоначалникот на Општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев, рускиот амбасадор во Македонија Владимир Солоцински и претставникот на Меѓународната федерација на рускојазични писатели Олег Воловик.
Градоначалникот Марјан Ѓорчев со стихови од Пушкин на руски јазик ги поздрави граѓаните и им ја подари бистата.
"Без разлика што ќе се случува со руската литература, Пушкин засекогаш ќе остане гордост на Русија и на целиот свет. Среќен сум што неговиот лик во нашата општина ќе ги зближува Русите и Македонците. Во овој парк ќе се организираат многу литературни читања и ќе му се оддава почит на Пушкин", изјави градоначалникот Марјан Ѓорчев.
Ордени за зачувување на културното наследство и зајакнување на позициите на мајчиниот јазик добија премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, филологот Маја Бојаџиева, Миле Бошески, директор на Универзитетска библиотека, и Елена Силјановска, претставничката на Меѓународната федерација на рускојазични писатели.
Присутните гости и граѓани се забавуваа со музиката на руската пејачка Ксенија Захирова и со рускиот ансамбл "Чајка".
(М.Ѓ.) Тиме.мк