Скопје, 25 мај (МИА) - Кампањата „Го чувам своето. Додека пишувам на кирилица постојам“ ја доби првата награда во категоријата маѓународни ПР - кампањи, на престижниот фестивал за комуникации ФЕСТО во Опатија, Хрватска.
Престижната награда, која доаѓа токму на одбележувањето на денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, е доделена во конкуренција на профитни и непрофитни ПР -кампањи од регионот и пошироко.
Според жирито на фестивалот со 17-годишна традиција, кампањата за зачувување, модернизација и афирмација на македонската кирилица е најдобро методолошки осмислена кампања преку која со употреба на соодветни комуникациски канали и алатки, а во склад со поставените комуникациски цели се подигнала свеста за значењето на зачувувањето на кирилицата и нејзината културолошка и историска вредност.
Иницијативата за зачувување, модернизација и афирмација на македонската кирилица ја иницираа Македонската информативна агенција, агенцијата за односи со јавноста Имиџ ПР и маркетинг агенцијата Идеа плус.
Оваа непрофитна иницијатива, со право може да се каже дека прерасна во своевидно национално движење и доби безрезервна поддршка од Филолошкиот факултет од Скопје, Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Македонската академија за науки и уметности, Министерството за култура – Националниот комитет за УНЕСКО, Управата за заштита на споменици од културата, Македонската православна црква, бизниз заедницата и медиумите.
- Писмото е доказ на нашето колективно потекло и индивидуално определување. Затоа оваа награда им припаѓа на сите пријатели на македонската кирилица, на сите кои активно се вклучија во реализацијата, но и на оние кои секојдневно ја афирмираат, рече Ангелка Пеева Лауренчиќ од Идеа плус при примањето на наградата на фестивалот во Опатија.
Во чест на македонската кирилица, музичката легенда Влатко Стефановски создаде специјална песна која ја изведе заедно со детскиот хор „Златно славејче“, а проектот не беше поддржан од голем број македонски медиуми. ва/15:35