Скопје, 24 мај (МИА) - Во состав на Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје на површина од 3.300 метри квадратни денеска беше отворена новата дигитална библиотека на Македонија за која македонската Влада издвои 120 милиони денари.
Библиотеката ја отвори премиерот Никола Груевски, а на свеченоста присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот за образование и наука Перо Стојановски и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
- По повод празникот „Св.Кирил и Методиј“ денеска го извршивме отворањето на новата зграда на Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ која доби два ката депоа што многу недостасуваа, бидејќи имаше голем број материјали, книги и ракописи што досега се чуваа несоодветно и поради недостиг на простор се уништуваа, рече премиерот Груевски.
Тој истакна дека се очекува поврзување со европската и светската дигитална библиотека со што за македонските граѓани достапни ќе станат милиони книги и вредни дела.
Библиотеката ќе го заштитува и презентира се она што Македонија го поседува како книжно културно наследство. Во неа ќе бидат сместени само ретки збирки што се книжно културно наследство, како археографската која опфаќа книги и ракописи, ориенталната, ретката периодика и музичката збирка.
Министерката Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека отворањето на библиотеката е зафат со кој на бесценетото книжевно богатство што го поседува Македонија ќе му се гарантира дополнителна сигурност и зачувување во ризницата на македонската меморија.
Новата дигитализирана и виртуелна библиотека ќе има и тренинг-центар за обука на библиотекарите и на сите заинтересирани посетители.
Објектот е пуштен во употреба 11 месеци по поставување на камен-темелникот. По пристигнувањето на опремата која се очекува, библиотеката ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители.
Директорот на библиотеката Миле Бошевски при денешната свеченост на премиерот Груевски му ја додели Светиклиментовата статуетка за афирмација на националното книжевно богатство преку проекти, додека на министерката Канческа-Милевска и беше врачена позлатена плакета. лѓ/скс/16:04
Обраќање на министерката за култура Канческа-Милевска на отворањето на Дигиталната библиотека на Македонија
24 мај
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, Никола Груевски,
Почитувани пратеници во Собранието на Република Македонија,
Почитувани претставници на Владата на Република Македонија
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Ваше високо преаосвештенство митрополит Горазд
Почитуван директор на Националната библиотека на Република Македонија, Миле Бошевски,
Почитуван ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски
Почитуван претседател на МАНУ, академик Ѓорги Старделов
Почитуван градоначалник на рад Скопје Коце Трајановски
Ваши Екселенции,
Почитувани професори,
Дами и господа,
Ми претставува особено задоволство што денеска, на Денот на големите словенски просветители Свети Кирил и Методиј, кои беа прогласени од Папата Јован Павле ИИ за заштитници на Европа го промовираме објектот кој со нескриено задоволство сите ние го очекувавме, ,,Дигитална библиотека на Македонија” - доградба на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје, зафат преку кој на бесценетото книжевно богатство што го поседува Република Македонија му се гарантира дополнителна сигурност и зачувување во ризница на македонската меморија.
Стариот Европеец Волтер , во есента на својот живот, со право запишал : „Во животот имав само еден вистински искрен пријател. А тоа е.книгата.“
Токму затоа, гордоста на македонскиот бит денеска вигорно чествува огромна победа бидејќи остава неизбришливи траги за своите поколенија во бесконечно далечната иднина.
Овде, во Националната и универзитетска библиотека, посветена на големиот родоначалник на македонската писменост и ревносен ученик на солунските браќа, свети Климент , низ годините се чуваат вредните артефакти за одбрана на нашиот идентитет.
Идиомот „Свети Климент Охридски“ денес се претвора од архаичен храм на урбаната неопходност во огромен „хард диск“ во кој максимално се заштитени адресите на домување на нашиот јазик, култура, историја и религија, кои преку илјадниците древни и уникатни ракописи и книги, со дело и преку факти, покажуваат дека колективната меморија на македонскиот народ е богата и единствена.
Македонското постоење е тука зад првиот пишан документ, фрагментот од посен триод кој потекнува од 13 век, како најстар зачуван ракопис од старословенскиот период, преку сите книги и ракописи, до последните изданија на нашите современици.
НУБ денес прераснува во Кјубриков монолит од непроценливи записи за историјата на македонскиот јазик и на македонскиот народ. Затоа, во изградбата на тој објект Владата на Република Македонија и Министерството за култура аналитички согледуваат вистински момент кога грижата за културното книжевно наследство е повеќе од есенцијална.
Изградбата на Дигиталната библиотека претставува врв на ова наше настојување, кое, убедена сум, ќе даде особени резултати во презентацијата, заштитата и користењето на богатото национално книжевно наследство – низ својата дигитална форма.
Современите стандарди пропишани за дигиталните форми во доменот на нивното сместување, чување, заштита и користење ќе бидат запазени во новиот објект на Националната библиотека. Конечно ќе се создаде дом со големи техничко технолошки можности, и што е од голема важност, депо, во кое што вредната книжнина која досега беше лоцирана на повеќе места во државата, во најсовремен формат ќе остане за генерациите кои ние сигурно нема да ги познаваме, но доволно е тоа што на овој начин тие ќе не запознаат нас.
Книгите и старите ракописи за Република Македонија, иако низ историјата изнесувани надвор од територијата на нашата земја, а голем број од нив и денес се чуваат во светските музеи и библиотеки, сепак се неодминлив научен артефакт за нашето постоење. Овој проект има извонредно значење затоа што носи двојна придобивка - преку дигиталната библиотека, светските научни и културни вредности ќе бидат достапни за македонската јавност, а со тоа пошироката стручна и научна публика добива можност нив да ги користи и да ги примени во развојни и научни цели за развојот на нашата земја.
Република Македонија, како источник на словенската писменост, земја во која книгата и пишаниот збор отсекогаш имале „тежина на еден живот“, има цивилизациска обврска да го сподели со светот она што го поседува. Овој проект за изградба на Дигиталната библиотека е верификација на вредноста на националното културно богатство на Република Македонија и крупен чекор со кој ја потврдуваме нашата зрелост како нација и култура која знае да ги почитува вистинските вредности, која знае да ги негува и да ги афирмира високите литературни дострели создадени во Република Македонија.
Капиталните инвестиции во областа на културата се влог во иднината на Република Македонија. Музејот на вода, Спомен куќата на Мајка Тереза, кои ги промовиравме пред македонската јавност, а сега и доградбата на Националната библиотека, како и низата проекти кои се во фаза на реализација се цврста основа на архитектониката на македонската култура и традиција, која за секоја од овие дејности добива своја физичка адреса. Тоа е она со што ги стимулираме и сегашните и идните генерации да создаваат нови вредности кои ќе бидат дел и сопственост на современа Европа. Наша обврска е да се зачуваат минатото и меморијата на современата цивилизација за идните поколенија.
Големиот Борхес велеше „И самиот рај го замислував како голема библиотека“.
Ние денеска се наоѓаме во македонскиот дел од рајот, во универзалната историја на цивилизациите.
Ви благодарам!
МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА