Скопје, 14 март (МИА) - Околу пет милиони садници на 54 локации во Македонија беа засадени денеска во рамки на третата акција „Ден на дрвото - Засади ја својата иднина“, која овој пат се одржа под мотото „Ние два милиони, станавме светски зелен бренд - излези засади и инспирирај ги останатите шест милјарди“.
Граѓаните имаа можност да засадат околу два милиони садници, а останатите три милиони беа во семе и ги посеаа вработените во Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Акцијата е иницирана од оперскиот пејач Борис Трајанов, а се реализира со поддршка на Владата на Република Македонија, ЗЕЛС и НВО-секторот, дипломатскиот кор, македонската естрада, истакнати актери, спортисти и компании од државата.
Иницијаторот Трајанов посочи дека уште еднаш се покажа оти временските услови не претставуваат проблем за граѓаните да излезат и да засадат дрвце.
Во акцијата масовно се вклучија владини претставници, голем број граѓани, ученици, невладини организации, медиуми, компании....
Премиерот Никола Груевски засади дрвце на локалитетот Трновец, кај селото Кетеново, Кратовско. На овој локалитет предвидено е на површина од триесет хектари да бидат засадени околу шеесет илјади дрвца.
Заменик-претседателот Зоран Ставрески по засадувањето дрвце на Ајатовски рид, Скопско истакна дека акцијата ги надминува границите на Македонија, односно, како што рече, ја прави земјата препознатлива во Европа по љубовта кон природата и кон засадувањето на дрва.
- Одѕивот од година в година покажува дека граѓанската акција за засадување дрвца наидува на широка поддршка кај населението. Верувам дека ќе умееме да ги сочуваме и да ги негуваме понатаму да се види дека во Македонија луѓето имаат однос кон природата, имаат свест за екологијата и за значењето на животната средина, истакна Ставрески.
Дрвца на повќе локации денеска засадија министрите за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за надворешни работи Антонио Милошоски, за здравство Бујар Османи, за економија Фатмир Бесими, за здравство Бујар Османи, за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, за финансии Трајко Славески, кандидати за претседатели, за градоначалници...
Во обновување на шумскиот фонд се приклучија и повеќе од 1.900 припадници од седум армиски гарнизони и засадија над 600 илјади дрвца на 16 пунктови низ земјава.
По примерот на Македонија на 20 март дрвца првпат ќе засадат граѓаните на Црна Гора, а во октомври се очекува Денот на дрвото да се реализира во целиот Балкан.
Акцијата за пошумување чија цел е зачувување на животната средина и подигнување на еколошката свест, почна на 12 март мината година кога беа засадени два милиона дрвца, а на 19 ноември шест милиони во еден ден. сс/ев/15:42