Скопје, 12 март (МИА) - Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Владимир Солоцински во име на рускиот претседател денеска им го врачи високото државно одликување - медалот „Пушкин“ на Максим Каранфиловски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Иван Поповски, амбасадор на македонската култура во Русија и режисер во театарот „Мастерскаја П. Фоменко“ во Москва.
Медалот „Пушкин“ на Каранфиловски и Поповски им се доделува како признание за нивниот личен придонес за унапредување на руско-македонската соработка и промовирање на руската култура.
Признанието на Каранфиловски му се доделува за неговата научна дејност која датира од 1971 година постaвена на изучување и популаризација на руската култура на македонски јазик во Македонија и пошироко, а во 2008-те е назначаен за почесен професор на Московскиот државен универзитет. Талентираниот режисер Поповски пак, како што рече амбасадорот Солоцински, орденот го заслужи со својот препознатлив стил и длабок личен однос кон уметноста, и кој што добро ја разбира руската култура, придонесе за нејзиниот развој и е единствениот странец кој е член на Сојузот на руски театарски дејци.
- Премногу конвенционално е да се рече дека едно вакво признание обврзува повеќе. Јас својата работа целиот живот ја работев со љубов и кон Македонија и кон Русија и кон другите земји, придонесувајќи за развојот на културните и научните врски и за зближување на народите. Така ќе продолжам и натаму бидејќи љубовта не се губи тукy се засилува, рече Каранфиловски.
За режисерот Поповски кој во 2005 е назначаен за макеоднски амбасадор на културата во Руската Федерација, од особено значење е што оваа висока државна награда е поврзана со името на Пушкин, врз чиј уметнички јазик и дело е израснат.
На свеченоста присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канчeска-Милевска која подвлече дека ваквите престижни руски признанија за македонски уметници и научници е уште една потврда и придонес кон продлабочување на добрите односи меѓу двете земји, особено во културата и образованието кои овозможуваат подобра комуникација и соработка.
Претседателот на Руската Федерација Дмитриј Медведев на 16 декември лани потпиша Указ со кој четворица македонски државјани се одликувани со медалот „Пушкин“. Покрај Каранфиловски и Поповски, со ова високо признание се одликувани и академиците Милан Ѓурчинов и Гане Тодоровски на кои медалите им беа врачени на 2 февруари годинава.
Одликувањето е во рамки на одбележувањето на 15 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија. ва/скс/14:02