РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БЕЛГРАД
Повеќе портали за култура-подобра соработка
Значењето на порталите за култура и потребата за користењето на Интернет медиумот, се едни од главните теми за кои ќе се зборува на регионалната конференција, што на 8 и 9 декември ќе се одржи во Белград.
-Конференцијата насловена како "Културите на регионот-Иднината минува" има за цел да го нагласи потенцијалот на мрежата на порталите за култура, како платформа за соработка во регионот. Воедно ќе се одржи и состанок на мрежата, за да се дефинираат идните активности кои се однесуваат на користење на контактите и информациите на мрежата, за воспоставување врски меѓу уметниците, организирање на фестивали, размени и соработки, потенцираат организаторите "Гете институт" од Белград и порталот за култура на југоисточна Европа, SEEcult.org.
Конференцијата ќе ја отвори Министерот за култура на Србија, Небојша Брадиќ, а ќе учествуваат претставници на повеќе од 20 портали за култура од регионот, основачот на Berlinergazette.de, г. Кристијан Возницки и еден од пионерите на нет-арт културата, и професорот Вук Ќосиќ од Љубљана.
Порталот за култура на Македонија, www.culture.in.mk е еден од основачите на регионалната неформална мрежа на културни портали за југоисточна Европа.