ИЗЛОЖБА 1100 ГОДИНИ ВИЗАНТИЈА ВО ЛОНДОН
Македонските икони го избегнаа спорот со името...
Лондонската Кралска академија не дозволи "спорот" на Грција со Македонија околу името да се префрли на британска почва, па и грчките и македонските икони на изложбата се означени со името на градовите каде што тие се постојано изложени, а не на државите од каде доаѓаат
Големата изложба во Лондон - "1100 години Византија", каде се изложени и осум македонски икони од Галеријата во Охрид, помина без "политизација".
- Лондонската кралска академија не дозволи спорот" на Грција со Македонија околу името да се префрли на британска почва, па сите експонати се означени со името на градовите каде што тие се постојано изложени, а не на државите од каде доаѓаат, сакајќи да се избегне грчкото инсистирање за нашата земја да се користи привременото, а не уставното име на Македонија, вели дописникот на МИА од Лондон.
Во настојување да се избегне секаква политизација на изложбата, јавува дописникот на МИА, направен е максимален напор да се оневозможи секакво присвојување" на времето и традициите на Византија од кого било", вклучувајќи ја и Грција, без разлика што главните спонзори на целиот овој скап проект се фондациите на тројца поранешни грчки бродосопственици.
На сите македонски икони стои дека се земени од Охридската галерија, а изборот која од нив ќе се донесе во Лондон, го направија британските експерти.
Инаку, изложбата опфаќа околу 350 најразлични експонати, како икони, детали од ѕидно сликарство, мали мозаици, предмети од емајл, злато и сребро, уметнички предмети изработени од слонова коска, како и најразличен накит. Организаторите објаснуваат дека изложбата е своевидна сторија за една империја која се простирала од Константинопол (денешен Истанбул), преку Мала Азија, Светата земја и Блискиот Исток, Северна Африка и Египет, Балканот, јужните делови на Италија и на Шпанија, а која веќе точно 555 години не постои.
Претставени се нашите икони: Архангел Гаврил и благовештението на Пресвета Богородица, двете најголеми икони во Македонија - Исус Христос и Богородица, трите помали празнични икони - Крштевање Христово, Слегување во пеколот и Неверството Томино, како и една од најубавите икони насликани во византискиот период - Богородица Психосострија - Благовештение.
На отворањето присуствуваше и амбасадорот на Македонија, Марија Ефремова. Иконите ќе бидат поставени до крајот на март 2009 година.
Организатори се Кралската академија на уметноста во Лондон и музејот Бенаки од Атина.
Охридските икони заедно со дела од светските музеи
Заедно со охридските икони, се наоѓаат и значајни уметнички дела и предмети од византиско време зедени од музеи, галерии и црковни ризници, почнувајќи од базиликата Сан Марко во Венеција, преку Британскиот музеј во Лондон, до галериите низ Европа и на Балканот, како и во Русија, Украина, Египет и САД. Изложбата почнува со времето на создавањето на Константинопол во 330 година од римскиот император Константин Велики, а завршува со паѓањето на градот под власта на Отоманските Турци во 1453 г.
Вечер